ТРУЕЊЕ СО ХРАНА ВО КУМАНОВО Шест лица на семинар завршија во болница, ресторанот затворен

Заболените симптомите ги развивале од четири до 16 часа по консумација на храната, со обилни повраќања и зачестени столици на секои 10 до 20 минути, велат од ЦЈЗ Куманово.

490

Шест лица се разболеле поради труење со храна откако присуствувале на семинар-обука на 11 септември во ресторан во Куманово, информираат од Центарот за јавно здравје Куманово (ЦЈЗ).

Од вкупно 36 учесници на семинарот, шестмина развиле сериозни симптоми – повраќање, дијареја, треска, температура и до 41 степен, болки и грчеви во стомак. Според информациите, двајца се хоспитализирани, тројца се третираат во дневна болница, а еден е на домашно лекување.






– Вчера, Одделението за епидемиологија при ЦЈЗ Куманово пријави епидемија на алиментарна токсоинфекција за шест лица со знаци на труење со храна од вкупно 36 експонирани. Заболените симптомите ги развивале од четири до 16 часа по консумација на храната, со обилни повраќања и зачестени столици на секои 10 до 20 минути – велат од ЦЈЗ Куманово.

Веднаш по добивањето на првите пријави, на 15 септември епидемиолог на ЦЈЗ Куманово заедно со подрачните единици на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) извршиле координиран надзор во ресторанот.

– Земени се брисови и мостри од храната за микробиолошко испитување, а објектот е затворен до добивање на негативни резултати од анализите. Преземени се сите соодветни противепидемиски мерки – додаваат од ЦЈЗ Куманово.

Од институцијата нагласуваат дека епидемиолошката состојба внимателно се следи и јавноста ќе биде дополнително информирана.

Поврзани содржини