ТРПИМЕ НАПАДИ, ТРПИМЕ УБИСТВА, НАШИОТ НАРОД МОРА ДА ГО РАСЧИСТИ ОВА СЕГА Десничарската АФД повика на голем митинг по нападот во Магдебург
Копретседателот на АфД, Тино Чрупала ја праша министерката за внатрешни работи Ненси Фесер што, всушност, се случува Германија и ја повика да преземе посилни мерки, за да ја осигура безбедноста на германската јавност.
Германската десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) повика на голем митинг по нападот на божиќниот пазар во Магдебург во кој загинаа најмалку пет лица, а над 200 беа повредени, од кои 40 многу сериозно.
На местото каде што граѓаните им оддаваат почит на жртвите, копретседателот на АфД, Тино Чрупала, ја повика министерката за внатрешни работи Ненси Фесер да преземе посилни мерки, за да ја осигура безбедноста на германската јавност.
– Сега барам одговори од министерот за внатрешни работи: Што, всушност, се случува овде во оваа држава? Што се случува во оваа земја? Страдаме недела по недела, трпиме напади, трпиме убиства, нашиот народ мора да го расчисти тоа сега. И овие фрази на политичарите дека работите не можат да продолжат вака, што ги слушнав повторно денес, всушност се вознемирувачки – им рече Чрупала на новинарите.
Алис Вајдел, лидерка на десничарската партија АфД, исто така, изрази тага и загриженост потерористичкиот напад.
„Сликите од Магдебург се шокантни! Моите мисли се со ужалените и повредените. Кога ќе заврши ова лудило?“ напиша таа на Икс.
Водечките фигури на десницата во Европа ги критикуваа германските власти дека не преземаат посилни превентивни мерки.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан повлече директна врска меѓу имиграцијата и смртоносниот напад во Германија во петокот.
„Овие феномени постојат само во Европа, од почетокот на миграциската криза. Значи, нема сомнеж дека постои поврзаност меѓу светот што се менува во Западна Европа, миграцијата што тече таму, особено илегалната миграција, и терористичките акти – рече Орбан.
Аналитичарите изразуваат загриженост дека десничарските групи би можеле да ја искористат трагедијата за да ја поттикнат антиимиграциската реторика, откако полицијата го идентификуваше напаѓачот како лекар од Саудиска Арабија, пишува Еуроњус.
„Магдебург се наоѓа во источна Германија, каде поддршката за АфД е доста висока. Така, на изборите тие обично имаат повеќе од една третина од гласовите во регионот. Значи околу 30 отсто од гласовите во градот, не толку колку во околните рурални области – вели Матијас Квент, професор по социологија на Универзитетот за применети науки Магдебург-Штендал.
Овој регион, источна Германија воопшто, е жариште на мобилизација на екстремната десница, додаде тој.
„А ние се соочуваме со изборни кампањи до федералните избори во февруари. Значи, ова не е само критично време поради Божиќ и довербата што е уништена од таквите напади, но и во однос на дезинформациите, поларизацијата и ширењето на омраза што ќе се случи сега и може да се случи поради таквите напади“, додаде тој.