ТРОШИМЕ ЗА ОДБРАНА, А СЕ КАРАМЕ ЗА ЦАРИНИ Францускиот претседател Макрон бара крај на трговските војни
Европа сака трговски мир во НАТО, без царини и кавги меѓу сојузниците, порачува претседателот Макрон.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е време повторно да се воспостави мир меѓу сојузниците на НАТО кога станува збор за трговијата.
Тој нагласи дека Русија е главна закана за Алијансата и оти завршната изјава на сите 32 членки покажала како Европа ја зајакнува својата позиција во рамките на НАТО откако се обврзаа на зголемување на трошоците за одбрана до 2035 година.
– Не можеме да кажеме дека ќе трошиме повеќе, а потоа во самата срж на НАТО да почнеме трговска војна – рече Макрон.
– Тоа е апсурд и затоа е многу важно да се вратиме на она што треба да биде правило меѓу сите сојузници, а тоа е вистински трговски мир и, следствено, намалување на сите царински бариери кои постојат или се зајакнати – нагласи тој.
Макрон додаде дека оваа тема ја отворил повеќе пати во разговорите со Трамп и оти е време тоа да се заврши.
Земјите членки на НАТО на денешниот Самит во Хаг се обврзаа да инвестираат по пет отсто од националниот БДП годишно за основните потреби за одбраната и безбедноста до 2035 година.