ТРОЈЦА СТУДЕНТИ ЌЕ ДОБИЈАТ СТИПЕНДИИ Битолска млекара потпиша меморандум со УКЛО
За Битолска млекара ова е начин како општествено одговорна компанија да вложи во идните генерации и да создаде можности за младите и студентите да останат во Битола и активно со своите вештини и капацитети да ја зајакнуваат локалната заедница.
Битолска млекара ќе додели стипендии за тројца новозапишани студенти на Универзитетот Св. Климент Охридски Битола. Доделувањето стипендии за упис на факултетите од овој Универзитет е дел од меморандумот за соработка потпишан со Универзитетот и Бимилк, а чија цел е обединување на заедничките капацитети и ресурси за обезбедување можности за квалитетно образование, личен и кариерен раст и развој на младите од градот и околината. Стипендиите се наменети за студентите што ќе се запишат на Ветеринарниот факултет во Битола, на Факултетот за биотехнички науки – Битола и на Техничкиот факултет-Битола.
За Битолска млекара ова е начин како општествено одговорна компанија да вложи во идните генерации и да создаде можности за младите и студентите да останат во Битола и активно со своите вештини и капацитети да ја зајакнуваат локалната заедница.
Меморандумот беше потпишан од страна на ректорот проф. д-р Игор Неделковски и Ѓорги Петрушев, генералниот директор на Млекара АД Битола.
– Битолска млекара како значаен стопански фактор и како компанијата со развиена свесност и општествена одговорност останува цврсто посветена на поддршка на образованието, а со тоа и на локалната заедница. Оваа соработка создава можности пред сѐ за студентите, но и за општеството, кое добива квалитетно образовани кадри на еден високо реномиран Универзитет. Веруваме дека на овој начин ќе им помогнеме на студентите да се стекнат со квалитетно образование и ќе станат успешни членови на заедницата и со моќта на знаењето и вештините ќе придонесуваат за развој на општеството во целост – истакна Ѓорги Петрушев, генерален директор на Битолска млекара.
Потпишувањето на меморандумот беше дел од одбележувањето 44 години од формирањето на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ Битола.
– Ние сме тука како Универзитет да се грижиме за јавниот интерес на нашата држава, општините во кои делуваме, пред сѐ општина Битола како главно јадро. Нашата најголема мисија денес е задржување на младите во своите родни градови, не само преку миграцијата во странство, туку и внатрешната миграција кон главниот град. На тој начин, преку зајакнување на соработка со бизнис заедницата сакаме да овозможиме просперитет на нашите општини, во нашиот регион – истакна ректорот проф. д-р Игор Неделковски.
Со потпишувањето на овој Меморандум Бимилк ја продолжува и продлабочува соработката со УКЛО, што се одвива во континуитет и вклучува различна помош и поддршка.