ТРОЈЦА МАКЕДОНЦИ НАГРАДЕНИ ЗА ПРЕВОД НА ДРАМСКИ ТЕКСТ Еуродрам ги објави добитниците на наградите

Наградени се преводите на „Место наречено Некаде“ од Јана Борисова, превод од бугарски на Катерина Маркоска, „Преподобните“ од Славомир Мрожек, превод од полски на Филип Димевски и „Не ја држи линијата зафатена“ од Александра Фелшеги, превод од романски на Ермис Лафазановски.

573

Македонските преведувачи Катерина Маркоска, Филип Димевски и Ермис Лафазановски се наградени на конкурсот на Европската мрежа за драма и превод за најдобри преводи на драмски дела на европско ниво за 2025 година.

Македонскиот комитет на Еуродрам разгледа вкупно 20 предложени драмски преводи на македонски јазик од кои како најдобри ги избра: „Место наречено Некаде“ од Јана Борисова, превод од бугарски на Катерина Маркоска, „Преподобните“ од Славомир Мрожек, превод од полски на Филип Димевски и „Не ја држи линијата зафатена“ од Александра Фелшеги, превод од романски на Ермис Лафазановски.






Катерина Маркоска е научен советник во областа на клиничките испитувања на лекови и води, но посветено се занимава и со превод на драмски текстови од руски и од бугарски јазик.

Филип Димевски е издавач, писател и преведувач од полски. Ги превел Витолд Гомбрович, Славомир Мрожек, Хенрик Шенкевич, Мажена Матушак, Чеслав Милош, Владислав Рејмонт, Пјотр Пажињски и други. Успешно ги води издавачката куќа „Бегемот“ и книжевниот фестивал „АртАреа“ во Скопје.

Ермис Лафазановски e современ македонски раскажувач, романописец, научник од областа на книжевноста и фолклористиката и преведувач од романски. За неговите книжевни дела добил значајни книжевни признанија. Досега на македонски превел дваесетина наслови од познати романски автори.

Јана Борисова (1972) е бугарска писателка и сценаристка. Пишува драми, раскази и филмски сценарија. Објавила десет драми што се изведувани во Бугарија, а ги добила и наградите „Икар“, „Аскеер“ и „Златно перо“. Нејзиниот драмски текст „Луѓето од Оз“ бил поставен во театарот „Ла Колин“ во Париз. Текстот „Место наречено Некаде“ што е преведен на македонски е дуодрама за двајца осаменици. По раскинувањето со жената, која ја нарекува „љубовта на мојот живот“, телевизиската ѕвезда Денис се повлекува во изолација, се препушта на пиење и самосожалување. Во соседниот стан се вселува Мија, слободоумна млада актерка, која станува негов неочекуван спас, искра на инспирација и желба за живот. Мија, од своја страна, наоѓа вистински пријател со емоционалната мудрост што ја бара заради сопственото закрепнување. Нивното пријателство ги преобразува и двајцата на начин на кој никогаш не очекувале.

Славомир Мрожек (1930 – 2013) е полски драматичар, прозен автор и поет,  еден од најзначајните европски драмски автори. Неговиот опус офаќа четириесетина драми изведувани на многу јазици. Драмата „Преподбните“, објавена во 2000 година, е горчлива комедија што се занимава со прашањето на религиските предрасуди, правата на жените и политичката коректност. Сатирично обоена, оваа драма на Мрожек е критички портрет на западното општество од последната деценија на 20 век.

Александра Фелшеги (1987) предава драматургија на Факултетот за театар и филм на Универзитетот Бабеш-Бољаи во Клуж-Напока. Нејзините драми се однесуваат на низа општествени трауми. Во нив доминираат силни женски ликови соочени со насилство и отуѓеност во семејството. „Не ја држи линијата зафатена“ е ангажирана драма во која конфликтот и античкиот хор што пее во стихови се дадени како контрапункт на дијалогот меѓу ликови земени од стварноста. Драмата во својата основа го има „Случајот Каракал“ за тинејџерка што била киднапирана и убиена од трговци со луѓе. Текстот го свртува вниманието и кон физичкото и емоционалното насилство на жената во брак, појава во романското општество што се шири со прикриена поддршка на  системот. Насловот на драмата укажува на циничното одбивање од операторот на бројот за итни случаи да го сфати сериозно повикот за помош од жртвата.

ЕУРОДРАМ е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови организирани во триесетина јазични комитети меѓу кои е и Македонскиот комитет. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и од Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Во парни години, секој јазичен комитет на Еуродрам избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и  изведување.

Членови на Македонскиот комитет на Еуродрам се: Катарина Коцевска Хаџи Василева, актерка и драмска писателка; Фроса Пејоска-Бушро, преведувачка и професорка на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз; Александар Зицман, преведувач и предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена; Дарко Јан Спасов, преведувач, драматург и директор на Театар „Комедија“ во Скопје; и Иван Додовски, театролог, писател и професор по критичка теорија и литература на Универзитетот Американ колеџ Скопје.

Поврзани содржини