ТРОЈЦА ЛАУРЕАТИ ИСПИШАА ИСТОРИЈА Ова се добитниците на „Св. Климент Охридски“ за оваа година

Академик Витомир Митевски, композиторот Живоин Глишиќ и ликовниот уметник Беди Ибрахим се добитници на највисокото национално признание за 2025 година.

78

Во Собранието денеска Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ ги прогласи добитниците на највисокото национално признание за 2025 година. Наградата за остварување во областа на воспитанието и образованието годинава му се доделува на академик Витомир Митевски, филозоф и класичен филолог, додека признанијата за значајни остварувања во културата и уметноста им се доделуваат на композиторот Живоин Глишиќ и на ликовниот уметник Беди Ибрахим.

Одлуката за добитниците ја донесе Одборот под претседателство на писателот Томислав Османли.






Во име на добитниците се обрати академикот Митевски, кој во својот говор нагласи дека културата е највисоката форма на духовно култивирање и суштинска одлика на човечкото суштество.

– Наградата е голема, за мене и убава, затоа што го носи името на нашиот прв учител, на светецот Свети Климент Охридски. Тој не е само основоположник на нашата црква, туку и подвижник и темелник на нашиот културен идентитет – рече Митевски.

Тој објасни дека зборот „култура“ во својата изворна латинска смисла значи и образование и лично издигнување.

– Култивирањето на духот е суштествена одлика на човечкото суштество. Од другите живи суштества се разликуваме на разни начини, но најмногу со нашата култура. Ние самите се создаваме преку културата – истакна академикот, додавајќи дека културата е и темел на националниот идентитет.

Митевски дополнително нагласи дека држава која се грижи за својата култура и која умее да ги препознае сопствените вредности заслужува длабока почит.

Државната награда „Св. Климент Охридски“ е највисоко признание за долгогодишни остварувања во образованието, воспитанието, културата, уметноста, здравството, заштитата на животната средина и општествените дејности од јавен интерес во Македонија.

Поврзани содржини