Една од првите лекции презентирана на мошне корисна и интересна обука на која учествував пред десетина години беше дека меѓу најважните работи кога започнуваме со една обука е детално да им претставиме на учесниците што ги очекува во следните часови или денови. Предвидливост и менаџирање на очекувања кај учесниците на обуката имаат клучно значење – ни објаснуваа двајцата искусни обучувачи од кои едниот денес е високо позициониран во хиерархијата на актуелната власт, додека втората личност има една од водечките улоги во граѓанскиот сектор.
И искрено, не гледам подобра прилика и потреба за пренесување на оваа поука од актуелните случувања во македонското образование во оваа ера на пандемија.
Сведоци сме на многу непознати и прашалници меѓу наставниците, учениците и родителите, професори и студенти кои сѐ уште се во исчекување на кој начин ќе се студира за неполн месец. Листи на желби, лицитирање со очекувања, поларизација и поделба на родители кои навиваат наставата да биде онлајн, наспроти оние кои цврсто бараат таа да продолжи во училишните клупи. Тензија која расте, а од надлежните институции доаѓаат смирувачки тонови дека сè ќе биде во ред, а деталниот план како ќе се учи во новата учебна година ќе се презентира деновиве.
Искрено, за мене целава оваа какофонија е многу загрижувачка особено што станува збор за неизвесност која го демне воспитно-образовниот процес, односно системот кој е витален за целото општество. Со наједноставни зборови, ако не преземеме конкретни чекори, ризикуваме нашите деца да не ги научат добро буквите или бројките, да немаат основа од собирање и делење, а да не зборувам дека ќе следат генерации кои нема да имаат слушнато за Њутн, Аристотел или, пак, за Петре М. Андреевски.
Од друга страна совршено ми е јасно во колку деликатна ситуација се наоѓаме како општество и колку е важно истовремено со потребата од едукација на учениците и студентите, да го заштитиме нивното и нашето колективно здравје како држава.
Но, решение за оваа навидум нерешлива загатка има и мора да има.
Како и секогаш досега, во делот на здравствените авторитети нема да се мешам нити овој пат. Прво, бидејќи не сум стручен во тој дел, а второ, јас од самиот почеток јасно и гласно кажувам дека верувам во нивната спремност и знаење како најповикани и најодговорни да се справат со оваа здравствена криза предизвикана од корона вирусот.
Но, со цел да придонесам, во доменот во кој сум компетентен би сакал јавно да ги дадам моите препораки и предлози.
Прво, надлежните образовни институции мора да испратат јасни сигнали и комуникациски пораки до сите, а особено до родителите дека ја разбираат нивната загриженост, па дури и гнев кој се создава од исчекувањето и неизвесноста. Сепак, станува збор за нивните деца, а на крајот на краиштата и за нивните кариери бидејќи не знаат дали од следниот месец ќе можат да одат на работа или повторно ќе бидат „remote“ родители кои ќе треба макотрпно да работат од дома, додека во исто време им асистираат на своите деца во обидите за спроведување на онлајн настава и задоволување на нивните потреби кои се адекватни на детската возраст.
Токму со ваквиот пристап, надлежното министерство ќе покаже на дело дека се непотребни, па дури и штетни конфронтациите меѓу родителите околу типот на настава која треба да се случува од овој септември.
А, како може да се направи тоа? Па, токму со предвидливост и менаџирање на очекувањата…
И на овој начин доаѓаме и до втората точка која вели дека надлежните здравствени власти треба да излезат со стручни бројки и препораки, односно со 3 сценарија.
Прво сценарио: Ако има „x“ бројка на заболени, наставата во тие општини ќе се одвива регуларно, во училишните клупи и секако со почитување на сите здравствени и превентивни мерки и препораки.
Второ сценарио: Ако порасне во „y“ бројка на заболени, наставата во тие општини ќе започне да се одвива комбинирано, односно во дел регуларно, а во дел дигитално.
И секако, третото сценарио веќе произлегува од претходните две и гласи: Ако се достигне зголемена, односно „z“ бројка на заболени, наставата во тие општини ќе почне веднаш да се одвива онлајн, односно дигитално и од дома.
Во исто време, надлежните од МОН и БРО, заедно со наставниот кадар, општините итн. е потребно да се подготвуваат за сите три сценарија. Буквално, со показни вежби. Сценарио 1, 2, па 3, додека не го усовршат и успеат да се престројат за неколку часа.
Само на овој начин може да се направи ред и доверба во институциите и целокупниот систем. Со предвидливост и менаџирање на очекувањата. Со ставање на науката во прв план, а не човечкиот фактор и личните одлуки. Само вака може да се прати импулс кон родителите, учениците, па и до наставниот кадар дека надлежните имаат јасна, цврста и логично-научно базирана стратегија и план.
Во спротивно, ќе сведочиме на уште една импровизација во која секоја единка вклучена во образовниот процес ќе го дава својот максимум, но севкупниот резултат во голема мера ќе биде пропуштено знаење за учениците и студентите. А, токму тие, учениците и студентите се идните лидери не само на нашата земја, туку и на светот. Тоа се луѓето кои ќе бидат водечки во институциите, компаниите, меѓународните организации… Оние кои ќе одлучуваат за нас и својата судбина. Ако денес не добијат квалитетно образование, свидетелствата полни со петки или индексите со десетки ќе им бидат залудни.
Верувам дека после три децении занимавање со партиските проблеми и интереси, коронакризата направи конечно многу повисоко на агендата да ги ставиме важните теми, односно реалните потреби на граѓаните како што е образованието. Ајде да го покажеме сите заедно тоа и на дело!