Трите големи заблуди за урбаниот хаос во Скопје

После децении јалови дебати за тоа како новата архитектура го „убива“ Скопје земајќи му ја „душата“, не е ли време конечно да се запрашаме дали знаеме за што точно зборуваме - за урбанизам, за архитектура, за нашата носталгија или за нешто сосема друго?

6,812

Не сум архитект или градежен инженер, но како новинар и љубител со скромни познавања на архитектурата, веќе четири децении сум сведок на заблудите на многу скопјани во врска со урбанистичкиот развој на овој град.

Не обвинувам никого за заблудите. Сите сме склони кон нив, особено кога се соочуваме со проблеми кои бараат да се реагира брзо и да се бараат краткорочни и ефикасни решенија. И јас, на пример, како млад новинар, бев под силно влијание на заблудата дека пост-земјотресно Скопје мора да биде „затворен“ град (по примерот на тогаш често спомнуваната Љубљана), за да се спречи миграцијата од селата и од помалите градови кон метрополата. Тогаш не бевме расположени да се соочиме со клучниот аргумент зошто Словенија можеше комотно да ја „затвори“ Љубљана – затоа што во дежелата немаше село до кое не водеше асфалтен пат и кое немаше комплетна комунална инфраструктура, како што немаше град без универзитет, без клиничка болница, без културни институции и без многу други нешта неопходни за квалитетен живот.






Тоа е. Незнаењето и отпорот кон знаењето се големи работи. Или, како што ќе рече Рамбо Амадеус во еден поткаст, луѓето имаат природен отпор кон знаењето, затоа што тоа им пречи да „мислат“. А нашиот човек, особено денес, кога се социјализира главно на социјалните мрежи, има силна потреба да „мисли“, односно да има став за секое важно и помалку важно општествено прашање.

Така некако, природно и без зла намера, се раѓаат заблудите.

Во оваа анализа ќе се осврнам на три клучни заблуди со кои денес се „објаснува“ феноменот наречен „урбан хаос“ во главниот град на Македонија:

– заблудата дека на Скопје му недостасува зеленило и дека поради тоа градот веќе не смее да се „бетонизира“, односно да се градат нови, а особено не грандиозни објекти;

– заблудата дека со новите урбанистички и архитектонски потфати се уништува „душата на градот“; и

– заблудата дека најголем непријател на Скопје се високите објекти, небодерите, кои во медиумите и на социјалните мрежи се нарекуваат и „бетонски чудовишта“.

Скопје може да ги стаса Загреб и Љубљана по зелени површини, но само со нов и смел концепт

Иако не верувам дека имаме прецизен податок, еве ќе ја прифатам објавената проценка дека Скопје располага со околу 25 отсто зелени површини. За да го достигнеме просекот на пристојните европски градови, треба да стасаме до 40 отсто. За да бидеме „зелен град“ во вистинска смисла на зборот, треба сериозно да поразговараме за квалитетот на зелените површини, за тоа што садиме, како го одржуваме засаденото и што очекуваме. Но, тоа е веќе тема за посебна анализа и за посебна експертиза.

Како и да е, да бидам прецизен – не е заблудата, туку е факт дека на Скопје му недостасуваат зелени површини. Заблуди има во расправата како да се надмине тој проблем.

Општо земено, се смета дека градежната офанзива во метрополата ги загрозува постоечките зелени површини и не остава простор за нови. Тоа е теза што почива на една невистина – имено, сите објекти се градат на градежни парцели, со строго утврдени параметри, така што не е точно дека било која зграда во изградба може легално да „украде“ нешто што во градежната парцела е зацртано да биде зелена површина.

Втората погрешна теза е дека урбанистите можат да ги принудат сопствениците на градежни парцели да одвојат значително повеќе простор за зеленило од предвидените норми и стандарди. Секако, тие норми можат да се унапредат, но само до границата до која нема да се загрози исплатливоста на градењето станбени и деловни објекти. Според некои разговори што сум ги имал со експерти, на овој начин Скопје нема суштински да го реши проблемот на дефицитот од зелени површини.

Но, добрата вест е дека нашиот главен град, всушност, има големи потенцијали да биде во групата градови како Љубљана и Загреб, кои имаат околу 70 отсто зелени површини. Како е можно тоа?

Само со добро менаџирање на јавните површини.

Прво, во оние прескромни 25 отсто скопско зеленило не е пресметано Водно, кое сега има статус на парк-шума, но реално не е тоа. Во една анализа на Радио МОФ прочитав дека 44 отсто од населението во европските градови живее на оддалеченост од 300 метри од парк. Виена ја има парк-шумата Шонбрун и истоимениот дворец среде град. Њујорк го има Централ Парк. Наше Водно е далеку од скопјани и е прилично недостапно.

Што треба да се стори?

Водно треба да стане големиот скопски „зелен небодер“. Како што е предлагано повеќе пати и во далечното социјалистичко минато, добра идеја е градот да продолжи да се шири отаде јужната падина на Водно. Со солидна комунална инфраструктура, градежните зони и парцели во тој нов град ќе станат атрактивни за градителите на станбени и деловни објекти. И кога веќе зборуваме за инфраструктурата чија цел би бил скопјани конечно да го „прегрнат“ Водно, конечно треба да се пушти во употреба изградениот пат кон Сончев град во Сопиште, да почне да се гради втората гондола од Козле до врвот на Водно и да се направат нови пристапни патеки. И секако, да не ја заборавиме и старата добра идеја низ Водно да се пробие тунел, кој ќе биде експресна врска меѓу двете скопски урбани зони. Тогаш планината ќе добие вистинско значење.

И немој некој да рекол – скапо е, тешко е, не може… Во овие неколку години во нашиот регион се изградија едночудо тунели, патишта, гондоли. Црна Гора, на пример, изгради гондола од Котор до Ловќен долга 4 километри. Кога се сака, се може, а пари за добри проекти секогаш има.

Уште една добра идеја за голема зелена површина во таа статија на Радио МОФ заговара и Стефанка Хаџи Пецова, професорка на Земјоделскиот факултет во Скопје. Таа предлага слободниот јавен простор од Зајчев Рид, околу Аквадуктот, Касарната и Калето, преку Универзитетскиот кампус до Земјоделско-шумарскиот факултет да се обедини во еден голем парк. Ако кон ова се додадат и неколку проекти на скопските градоначалници, можеме да кажеме дека метрополата може да го реши проблемот.

Е сега, тука треба да расчистиме една важна работа. Архитектите и инвеститорите на новите станбени и деловни објекти треба да се мотивираат да ги облагородуваат своите проекти со зелени површини, но од нив не треба да се очекува да ги решаваат проблемите на градските паркови што треба да никнат на јавни површини и да бидат подигнати со пари на даночните обврзници. На пример, ако се отфрли деновиве актуелниот проект на инвеститорот „Пуцко Петрол“ за просторот кај поранешна „Алумина“ (детали за контроверзиите околу овој проект на крајот на овој текст), треба да е јасно дека тоа не значи дека таму ќе никне парк – просторот има приватни сопственици, кои ќе градат тоа што може да се гради според актуелното урбанистичко решение.

Не постои „душа на градот“ надвор од душата на градителите

Збор два и за „душата на градот“. За неа слушам од мали нозе, од 1969 година, откако сум и јас скопјанец. Имам почит за носталгијата кон т.н. Старо Скопје (предземјотресно Скопје, всушност) толку колку што имам почит кон носталгијата генерално. Тоа е жал за младоста. Тоа „Старо Скопје“ го имате во филмот „Среќна Нова ’49“ на Столе Попов. Значи, мали парцели,  супстандардни куќи, мали дворчиња, пумпа и чешма во дворот, летна кујна, брчкање на нозете во леген в лето… „Душата на градот“ се скопските маала (Дебар Маало, Ново Маало, Буњаковец, Маџир Маало итн), плоштадот опкружен со Стариот театар, Офицерскиот дом, Ристиќева палата, Арапска куќа, Камениот мост, улицата Маршал Тито, Старата железничка станица…

Не е точно дека инвеститорите и архитектите што градат во овој дел од градот, поточно во скопските маала, но и малку пошироко (во Козле, на пример) не се сообразиле со „душата на градот“. Напротив. А и мораат, оти немаат избор. Купиле мали парцели. Во Дебар Маало и Буњаковец, колку што гледам, котите дозволуваат ниски згради, до најмногу 6 ката. Сопствениците на парцелите бараат и добиваат 20 до 30 отсто од изградениот станбен простор. Шанси за спојување и окрупнување на парцелите нема. И така, новите згради, меѓу кои има и прекрасни зданија, совршено се вклопуваат во амбиентот на скопските фавели.

А зеленило? Има низ маалата остатоци од старите багреми, кајсии, дудинки, мушмули и смокви, има нешто попристојни „државни“ дрва по улиците (стеснети со столпчиња и слична „урбана опрема“ во склад со „душата на градот“) и секако и малку „зелена козметика“ на приватните имоти. За жал, не може да биде поинаку сè додека носталгијата ни ја обликува перцепцијата за тоа каква треба да биде „душата“ на еден град како Скопје.

Во периодот после земјотресот, после шокот од претставата за уништениот град, во екот на градежната офанзива, се создаваат услови архитектите со креативни решенија (модерни за тоа време) да го изразат својот однос кон темата за „душата на градот“. Тие Скопје го разбираат како град Феникс, како нов град всушност. И за среќа, добиваат шанса да реализираат барем дел од своите идеи.

Но, да не заборавиме дека нема ниту еден пограндиозен објект од тоа време што не бил изложен на јавни критики, а кога тоа не било можно, на тајни но моќни хејтања на тогашната социјална мрежа Радио Милева. За „бетонски чудовишта“ во она време се прогласени Градски ѕид (проектот на големиот Кензо Танге), Новата железничка станица, Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Универзитетскиот комплекс, подоцна зградата на МРТВ (вистински небодер во свое време), Порта Влае, Порта Буњаковец итн. За „спални соби“ се прогласени населбите Карпош од 1 до 4 и Аеродром односно Јане Сандански. Итн.

Во последниве години ставите на чуварите на „душата на градот“ се насочија кон моловите (почна со „Рамстор“, продолжи со „Сити мол“ и со „Ист гејт мол“, а еве завршува со „Дајмонд мол“). Пред тоа на удар на јавноста беше комплексот „Џевахир“. Одличниот и модификуван проект „Гранд“ се етаблираше под силен јавен притисок, но аргументите одлучно победија. „Лимак“ сега е изложен на напади. Спомнатиот проект на инвеститорот „Пуцко Петрол“ за просторот кај поранешна „Алумина“ се бори за политичка поддршка во Советот на општината Карпош, а градоначалникот Стевче Јакимовски „одбраната“ на проектот ја дефокусира и со политички конфликт со ВМРО-ДПМНЕ.

Ако е за утеха, модерните градителски потфати на ексцентричните и суетни дизајнери, архитекти и градители насекаде наидуваат на силни отпори на јавното мислење, кое во принцип е конзервативно. Ќе го илустрирам ова само до два примера.

Верувам дека многу од вас го виделе новиот Музеј Акрополис во Атина. Тоа е едно „бетонско-стаклено чудовиште“ под Акропол, кое иако нема никаква врска со локалниот стил на градба, на некој чудесен начин совршено комуницира со околината. Објектот, дизајн на германскиот архитект Бернард Чуми, е пуштен во употреба во 2009 година, а конкурсите и дебатите за него траат од 1976 година – безмалку половина век кавги и расправии!

Ако ве доведе патот во Валенсија, Шпанија, задолжително ќе го посетите Градот на уметноста и на науките. Станува збор за комплекс од неколку објекти на ексцентричниот генијален архитект Сантјаго Калатрава. Овој објект неколкукратно го надмина буџетот и достигна повеќе од 1 милијарда, при што само хонорарот на архитектот е околу 100 милиони евра. Историјата на изградбата на овој објект е историја на кавги меѓу Калатрава и локалните власти. Добро упатените водичи ќе ви кажат дека поради тие кавги Калатрава веќе не сака ни да стапне во Валенсија, па последните договори ги потпишувал на аеродромот. И во Валенсија, но и во други градови во светот каде што им негови објекти, архитектот е подложен на тужби. Но, него како да не му е грижа за тоа. Во Валенсија ќе ви кажат дека со приходот од туристите парите вложени во комплексот на Калатрава веќе се вратени.

Вистинските прашања за кои треба да се дебатира

Тезата дека најголем непријател на Скопје се облакодерите е погрешна. Дури и математички: земете квадар легнат на површина по неговата должина, исправете го и поставете го на основата по неговата ширина – должината ќе стане височина и така ќе добиете многу простор во основата. Смислата на изградбата на небодерите е во тоа што само небото е бесплатно.

Спомнатиот Калатрава во една прилика ќе каже дека Американците не само што ја измислиле изградбата на небодерите, туку му дале и ново значење на поимот скајлајн – хоризонт што го оцртуваат силуетите на градбите. А што друго да каже човекот кој е автор на Светскиот трговски центар во Њујорк, на несреќните кули без кои не може да се замисли ниту една постара скајлајн фотка на Њујорк?

Но, поентата може да ја видите и на разгледниците и на фотографиите од Старо Скопје. Ретко ќе најдете фотки на кои линијата на хоризонтот не ја оцртуваат Скопското кале, Офицерскиот дом и Стариот театар, објекти по улицата Маршал Тито (сега Македонија) или други објекти. Како и сега во споредба со другите градови, Скопје бил мал и сиромашен град, но и како таков сакал да се пофали со највредното што го имал. А тоа сепак не било Дебар Маала није шала. Гуглајте малку или побарајте нова шток-фотка од Скопје и во огромен процент ќе го добиете плоштадот Македонија, со Воинот на коњ, „Мериот“, Ристиќева Палата и со детал од улицата Македонија. Нека простат сите опседнати со „душата на градот“, но и да останал тука „Кенан“, едноставно немало да се види (помладите читатели нека просурфаат за „Кенан“, да не трошам време на објаснување).

Тоа е моќта на архитектите, на урбанистите и на градителите. Во зависност од општите историски и политички околности, тие ја пресоздаваат „душата на градот“.

Комплексите „Гранд“ и „Лимак“, на пример, битно ќе го изменат ликот на централното градско урбано јадро. На подобро, тука немам дилеми. Па сетете се што постоеше на нивно место пред да почнат да се градат објектите?

Дебатата за новиот проект на инвеститорот „Пуцко петрол“, освен што би требало да биде обоена со општиот ентузијазам кон градителските потфати што го негувам и се обидувам да им го „продадам“ и на неутралните читатели, мора да покрене и некои други важни прашања од инфраструктурен карактер.

Градоначалникот Јакимовски наброја неколку светски градови на кои ќе заличи Карпош со овој проект, па не го заборави и Дубаи. Не знам колку му е познато, но најголемата зграда во светот, „Бурч Калифа“, не е поврзана со канализацискиот систем на Дубаи. Во време на изградбата на објектот вреден 130 милијарди долари, снемало пари, волја или не знам што, па проблемот е „решен“ на тој начин што отпадната вода се одлева во специјални танкови, кои секојдневно се празнат со камиони. Со еден збор, најголемата зграда во светот е со гигантска септичка јама.

Експлоатацијата на новите, за скопски прилики „гигантски“ објекти, во секој случај, е сериозен предизвик. И тоа веќе се покажа на дело. Да се живее во „Џевахир“ или во кулите на „Лимак“ е малку поинаков и поскап „спорт“ од животот во шесткатниците во Дебар Маало. Инфраструктурните прашања се многу посложени – вода, канализација, струја, лифтови, тековно и инвестициско одржување, паркиралишта, пристапни сообраќајници. Ова, пак, нè води до прашањето на бизнис моделите, до визиите на инвеститорите и конечно, до дилемата дали крајните купувачи и корисници на овие недвижности знаат што купиле и како ќе го користат својот имот. Прашањето е дотолку поинтересно што побарувачката за станбен простор, посебно за ексклузивен, не се намалува.

А да не кажеше фараонот „добро, може“?

Во оваа анализа отворив многу прашања за севкупниот урбанистички развој на градот и за нашата „градителска филозофија“. Слични прашања поставував и кога се заговараа некои од клучните објекти на „Скопје 2014“ – тоа се случуваше во времето на Владо Бучковски, Никола Груевски настапи подоцна и со комплетен проект и со успешна реализација на проектот (друго прашање е што по мој вкус би бил еден сосема поинаков дизајн и архитектура). За жал, политичките елити никогаш не успевале да обезбедат простор за стручна дебата за овие теми, неоптоварена од дневната политика.

Но, од друга страна, пак, да не претеруваме со „неполитичноста“ и со „стручноста“ во дебатите. Да се соочиме со реалноста. Само политичар (или политичари) со тврд интегритет можеле да го протуркаат проектот на Чуми за Музејот Акрополис. Само еден Вучиќ можеше да направи „Београд на води“ да стане стварност.

Мора да е голем филм тоа да се изгради нешто грандиозно. Замислете, некој архитект го убедува фараонот дека треба да изгради огромна пирамида од камени блокови, дека градбата ќе трае веројатно до крајот на неговиот животен век, после што тој ќе почива во една мала просторија во пирамидата, а тој, фараонот, вели – добро, може.

ШТО САКА ДА ГРАДИ „ПУЦКО ПЕТРОЛ“ НА ПРОСТОРОТ НА ПОРАНЕШНА „АЛУМИНА“?

Вистинска бура во јавноста се крена откако општината Карпош презентираше план за изградба на 8 згради на просторот на поранешната фабрика „Алумина“ (42.000 метри квадратни). Ова земјиште го купи компанијата „Пуцко Петрол“ на Исмаил Јахоски во 2020 година за 18 милиони евра.

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека станува збор за проект од кој ќарот ќе биде 600 милиони евра, па ќе има и за ДУИ (партијата на Јахоски) и за СДСМ, но и за градоначалникот Стевчо Јакимовски.

На седницата на Советот на Карпош, на кој беше презентирана анимација на идејното решение (спектакуларно, некои велат во стилот на Калатрава и Заха Хадид), беше најавено дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира проектот со 4.000 амандмани.

По ова Јакимовски изјави дека е лага дека ќе се градат повеќе висококатници од по 35 ката.

– Вистината е дека ќе бидат само две, на аголот меѓу булеварите Теодосиј Гологанов и 8 Септември. Во комплексот е предвидена детска градинка. Сите сообраќајници ќе бидат под земја, а над земја ќе биде зеленило – рече тој.

Поврзани содржини