Трите големи лаги за уставните промени
Има ли начин да се задоволи и желбата на Бугарите да станат "државотворна нација", и беневолентноста на нашиве "европејци" поголеми од мене (кои се убедиле дека европска вредност е тоа нивните предци да се прогласат за Бугари, заради "поголемата слика"), и мојата и желбата на стотици илјади Македонци да си останеме свои на своето, актуелни ама и Македонци по потекло?
Кога влегувате во една куќа како гостин, ги почитувате домаќините и куќниот ред. Ако треба да ги соблечете чевлите, ќе го сторите тоа. Ако во куќата не се пуши, нема да пушите. Ако домаќините ве почестат, ќе искажете благодарност.
Сето тоа е прашање на елементарен ред, на домашно воспитание и на лична култура. Некој ги има, а некој не.
Кога влегувате во една куќа како дел од семејството, вие станувате домаќини. И не само што ги почитувате другите домаќини, нивните навики и куќниот ред, туку се трудите сите други да го прават истото. Сега тоа е ваша куќа. Некој тоа го разбира, а некој не.
Кога влегувате во една држава како туристи, ги почитувате сите правила коишто важат и за домаќините и за туристите. Ако, пак, сте добиле привремен или постојан престој во таа држава, или сте станале нејзин државјанин, куќниот ред за вас важи многу повеќе отколку за случајните намерници, но не само во административна, туку и во културолошка смисла. И ова некој го разбира, а некој не, ама тие што не го разбираат можат да добијат и шут-карта.
Без разлика како цивилизираните европски држави ги регулираат правата и обврските на своите граѓани и државјани, нивните индивидуални граѓански и колективни малцински права, не постои држава во која “куќниот ред” дозволува било кому да ги негира и да ги омаловажува другите народи, другите малцински групи или дури и азилантите, да ги негира службениот и другите јазици и да им наметнува на другите сограѓани неприфатливи историски наративи и правила на поведение.
Ако студирате, работите и живеете во Германија или во Франција, на пример, сеедно дали привремено или трајно, од вас се очекува строго да ги почитувате тамошните закони, да ги прифатите правилата на политичката коректност, да ги научите германскиот или францускиот јазик и во културолошка смисла да се однесувате како Германци или Французи.
И тоа така треба и да биде.
Така е и во Бугарија, на пример. Бугарскиот “куќен ред” му наложува на секој Македонец што ќе побара “блгарско гражданство” (бугарски пасош) да декларира дека е Бугарин по потекло – не дека тој е Бугарин, туку дека некој од неговите татко, мајка или други предци биле Бугари. Дополнително, секој претендент за “блгарско гражданство” треба да го знае бугарскиот јазик и да знае некои основни работи за бугарската историја. Ако се сеќавате, своевремено бугарските медиуми објавува куси интервјуи со Македонци кои во Софија поднесуваат документи за бугарски пасош – беше смешно и тажно тоа да се гледа, “Бугарите по потекло” се резилеа со своето многу скромно познавање на бугарскиот јазик и на историјата на земјата чии “граждани” беа наумиле да станат.
Но, таков е “куќниот ред” на бугарската држава. Јас немам никакви дилеми дека тој ред мора да се почитува. И затоа, не спорам дека повеќе од 100.000 “блгарски граждани” од Македонија и горди носители на бугарски пасоши се Бугари по потекло – нека им биде простено, но самите го декларирале својот “блгарски происход”.
Лага број 1: Станува збор “само” за 3.500 Бугари во Македонија!
Тезите на претседателот Стево Пендаровски, а сега и на Маргарита Цаца Николовска, шефицата на работната група за уставните промени, дека станувало збор “само” за околу 3.500 македонски граѓани што требало да се “внесат” во Уставот (бидејќи на пописот се изјасниле како Бугари) се приказни за мали и за големи деца.
Тоа е, всушност, првата голема лага за уставните промени. Тоа, имено, дека ова било едно безболно и “техничко” прашање. Кое, како такво, демек, требало да се “демистифицира”, што би рекол евроамбасадорот Дејвид Гир.
Повторувам, тоа е лага и една голема манипулација!
Жалам, но морам да потсетам дека Бугарија не го признава пописот и гледа многу повеќе од 3.500 Бугари во Македонија. Не знам какви докази бара Цаца Николовска, но за ова има еден куп изјави од бугарски официјални лица. А да не зборувам за историчари, интелектуалци, општественици…
Освен тоа, бугарската држава официјално бара Бугарите во Македонија да бидат внесени во Уставот како државотворен народ. Тоа е кажано експлицитно од бугарски официјални лица во повеќе прилики. И тоа, всушност, е концептот на уставните промени за кој Цаца Николовска мисли дека е “овластена” да ги подготви, за владата на СДСМ и на ДУИ да ги преточи во амандмани што ќе се обидат да ги протнат во Собранието.
Инаку, ноторен факт е дека ниту во францускиот предлог ниту во било кој друг официјален документ со кој македонската влада се обврзала да спроведе уставни промени заради “внесување” на други народи во Уставот, не се вели дека тие народи треба да добијат статус на “државотворни” и дека заради тоа треба да се промени Преамбулата на Уставот.
Лага број 2: Бугарите мора да “влезат” во македонскиот Устав како државотворен народ!
Тоа е втората голема лага и манипулација на македонските власти во врска со уставните промени. Кој и да презел обврска да ја промени Преамбулата со цел Бугарите да бидат запишани во неа како државотворен народ, не може таа обврска да ја оправда со заклучоците на Советот на ЕУ со кои е прифатена Преговарачката рамка со ЕУ (францускиот предлог), ниту со фамозниот Протокол 2, потпишан меѓу Скопје и Софија. Во тие два документа се зборува за уставните промени како предуслов за почеток на преговорите меѓу Македонија и Европската комисија.
Без оглед кој како ќе го разбере ова, сакам јавно да предупредам дека еден ден, тој што презел таква обврска, ќе биде многу сериозно прашан кога, како, со кого, врз основа на што и зошто така се договорил, спротивно на единствените документи кои експлицитно наложуваат промена на македонскиот Устав.
Ѝ предлагам на Маргарита Цаца Николовска добро да се информира за ова и многу прецизно да ги изанализира формалните обврски што ги презела македонската влада во поглед на уставните промени.
Лага број 3: Македонците не ги сакаат Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот
Третата, најголема лага на власта, е дека опозицијата, критички настроената јавност и мнозинството Македонци се противат на “внесувањето” на Бугарите (и на Хрватите, Црногорците и на другите) во уставната Преамбула, затоа што ги мразат Бугарите и се под руско влијание.
Јавајќи на бранот на овој безобразен спин, американскиот сенатор Крис Марфи, во духот на традицијата на макартизмот, во Скопје ни се закани дека неприфаќањето на уставните промени ќе ги загрозело односите на Македонија со САД. Амбасадорката на оваа земја, Анџела Агелер, ја поддржа таа непристојна изјава.
Специјално за Маргарита Цаца Николовска, ќе се обидам уверливо да ја деконструирам грозната конструкција со која власта на СДСМ и на ДУИ внесува немир меѓу граѓаните, шири страв од нарушување на стабилните меѓуетнички односи во земјата и бара странски дипломати да дојдат во Македонија и да им се закануваат на противниците на овој концепт на уставните промени.
Ќе почнам од најбенигниот дел на овој спин. Сериозно руско влијание во Македонија не постои ниту како историски феномен, а ниту како актуелен тренд. Обратно е. Санстефанска Бугарија и сонот за “две бугарски држави” (втората во Македонија) е имено руски проект. Русија е потписник на договорот во Сан Стафано, Бугарија не е. Тој неспорен факт го знае секој што има минимално познавање на историјата. Денес Русија сигурно не е среќна со проширување на западното влијание на Балканот и со членството на Македонија во НАТО (имаше официјални изјави од Москва на таа тема), но постои кредибилно сведоштво за тоа дека владимир Путин уште во 2007 година и подоцна им кажал на наши раководители дека Русија е помирена со тоа дека Македонија ќе биде дел од НАТО и од западната политичка хемисфера.
Централниот проблем на овој концепт на уставните промени е тоа што Бугарите од Македонија, поддржани од својата матична држава, се единствената етничка група во оваа земја којашто отворено ги негира самобитноста на македонската нација и нејзиниот јазик. Според официјалната бугарска историографија, која непречено се обидува своите наративи да ги наметне дури и во македонските учебници, Маргарита Цаца Николовска, Стево Пендаровски, Димитар Ковачевски, јас и сите други Македонци сме Бугари, бидејќи нашите родители и предци родени пред 1945 година се Бугари.
Дали ова ѝ е познато на Цаца Николовска? Дали и за ова ѝ се потребни некакви докази?
И тука доаѓаме до сржта на големата манипулација. Имам пријатели, драги луѓе, кои велат дека би можеле да живеат со овој проблем. Тие сметаат дека некако е можно нивните родители да се сметаат за Бугари, а тие да си останат Македонци. Мене ми е тешко да ја прифатам таа “логика”, но ете, не сакам да се борам со луѓе спремни на еден таков компромис, во име на “поголемата слика”. Сепак, имам еден услов за тоа – бидејќи јас и мнозинството Македонци сепак сакаме да си останеме тоа што сме, актуелни Македонци и Македонци по потекло, барам да се најде начин да се задоволи и желбата на Бугарите да станат “државотворна нација” (па нека се и над 100.000, а толку се), и беневолентноста на нашиве “европејци” поголеми од мене (кои се убедиле дека европска вредност е тоа нивните предци да се прогласат за Бугари, ако баш мора), ама и мојата и желбата на стотици илјади Македонци да си останеме свои на своето.
Има ли начин да се постигне таа цел? Може ли да се најде мунасип? Секако дека може. Специјално за Маргарита Цаца Николовска, ќе го објаснам можниот компромис.
Не може само “тури запирка, пиши Бугари”
Се враќаме тука на почетокот на анализата, на прашање за “куќниот ред” во македонската држава. Според текстот на Преамбулата, во која треба да бидат “впишани” и Бугарите, изворите на македонската државност пред 1945 година се Илинденското востание со Крушевската република и АСНОМ, а според нормативниот дел од Уставот, македонскиот јазик. Ако ова не е јасно или не се прифаќа од Цаца Николовска, разговорот тука би морало да запре. Но, ако се прифаќа, одиме кон следниот факт со кој мора да се соочиме.
Бугарите од Македонија и од Бугарија не го признаваат македонскиот карактер на Илинден 1903-та и не ги признаваат одлуките на АСНОМ од 1944-та. За македонскиот јазик тие велат дека е србизиран дијалект на бугарскиот јазик. Не е можно Цаца Николовска за ова да не знае!
При “внесувањето” на Бугарите во Преамбулата, значи, неопходно е некако да се надмине таа противречност, на некој начин тие да ги соблечат чевлите за да не ни ја извалкаат суштината на уставните наративи за државата, за македонската нација и за македонскиот јазик.
Повеќе пати имам напишано дека полезно би било Бугарија со декларација со уставна сила да ги признае наративите од македонскиот Устав за македонскиот идентитет, за самобитноста на македонската нација и за генезата на современиот македонски јазик до извориштата во старословенската писменост. Така би се остраниле сите пречки и разложниот отпор кон идејата Бугарите да станат “државотворен народ” во Македонија. Така би се убедиле сите дека државната творба за која тие сакаат да се запише дека е и нивно дело имено е самостојна и независна Македонија, а не некоја актуелна или идна “втора бугарска држава”.
Јасно ли e ова, Маргарита Цаца Николовска?
За жал, снисходливата и неодговорна надворешна политика на владата на СДСМ и на ДУИ не се осмели да го покрене ова прашање во Брисел. Едно време, кога се појави шпекулација дека членови на работната група размислувале за зајакнување на уставните наративи за македонската нација и за македонскиот народ (за полесно да помине “внесувањето” на Бугарите во Преамбулата), си помислив – не е тоа баш идеално решение, но добро е што воопшто има сдсмовци кои не се недоветни и опиени од власт и кои разбираат дека концептот “тури запирка, пиши Бугари” не е најдобриот за да се реши ова тешко прашање. Но, изгледа некој брзо им ги затнал устите на тие луѓе.
Како и да е, ако има добра волја, ќе се најде и начин. Прашањето е чувствително, но не е нерешливо. Во секој случај, процесот на уставните промени ќе покаже дали идејата на овој проект навистина е да се признаат граѓанските права на Бугарите и на другите помали етнички заедници, или ЕУ сепак потклекнала пред очигледните намери на Софија да ги понижи Македонија и Македонците и да го искористи моментумот да направи еден крупен исчекор во насока кон остварувањето на великобугарскиот сон, за кој своевременно најде сојузник во интересите на царска и подоцна и на советска Русија, а денеска се обидува да конституира поддршка од Западот.
Не знам како ќе одговори Маргарита Цаца Николовска на овој предизвик, но се надевам дека ќе размислува и за аргументите што ги посочив во оваа анализа. Јас си имам размислено за оваа работа и кога од мене во една прилика беше побаран личен ангажман за да поминат уставните промени, одговорив во духот на една позната реплика на стариот лисец Киро Глигоров – е не може тоа така!
ПС. Реков дека уцената на американскиот сенатор Крис Марфи е во духот на макартизмот. Разбирам јас дека антикомунистичките хајки на сенаторот Џозеф Макарти по Втората светска војна се дел од американската традиција. По тие хајки тој период е наречен макартизам. Но, тие се грдиот дел од таа традиција. Тоа не е Америка која ги инспирира демократите и слободарите во светот. Макарти е антихерој, а еден од вистинските херои на тоа време, ликот на слободарска Америка, е сценаристот Доналд Трамбо, кој заедно со повеќе негови колеги тогаш ќе се најде на т.н. Холивудска црна листа на автори, но на крајот ќе ја разбие стигмата, со храброст, со упорност и со вредноста на неговото дело. Погледнете го уште еднаш филмот “Трамбо” и ќе сфатите која е таа Америка што ја сакам и ја почитувам.
ППС. Има многу причини поради кои никогаш нема да си дозволам да ја навредам Маргарита Цаца Николовска. На нејзините забелешки дека во јавноста се манипулира со наводно лажни тврдења на членови на работната група за концептот на бинационалноста, како новинар кој прв ја објави таа вест, јавно ѝ порачувам да ми се обрати, па ќе ѝ кажам точно кој член на работната група зборувал за концептот “два народа, пет етнички заедници, другите малцинства”. Ќе ѝ кажам едно име и едно презиме, па после самата нека си собира докази и нека си води истраги. Баш да видиме кој лаже и манипулира…