ТРИПАТИ ПОВЕЌЕ КАРТИЧКИ ОД ПАРКИНГ МЕСТА!? Паркирањето во Центар невозможна мисија
Општина Центар располага со 5.170 паркинг места, а има издадено 16.130 картички за паркирање.
ЈП „Паркинзи Општина Центар“ стопанисува со 5.170 паркинг места, а издадени се три пати повеќе картички за паркирање односно 16.130. Бројот на повластени паркинг карти за жители изнесува 13.350, а склучени се 2.780 комерцијални договори со фирми и вработени, информира ЈП „Паркинзи Центар“.
Цените за паркирање на паркинзите на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ се двојно повисоки од оние на ЈП „Градски паркинг“, кои по доаѓањето на функција на градоначалничката Данела Арсовска беа намалени за 25 отсто.
Јавните паркиралишта со кои стопанисува ПОЦ се поделени на 3 три паркинг зони, а цените во зависност од зоната се од 60 до 100 денари за час.
Граѓаните кои работат во централното градско подрачје постојано се жалат на проблемот да се најде паркинг во близина на своето работно место, исто така како проблем посочуваат дека е скапиот пракинг бидејќи ПОЦ наплаќа најскап паркинг во земјава, а оние кои имаат возила што не се на со скопски регистарски ознаки велат дека добиваат блокатори и при застанување пократко од неколку минути.