Тринаесет причини зошто не смее да се менува Уставот

Со формалното бришење на Македонците за светот, што е веќе постигнато со Нивици, Бугарите ќе останат главни во Уставот. Паралелно, и федерализацијата ќе приврши, бидејќи е во завршна фаза. Без војна и без промена на границите, Македонија ќе биде практично поделена меѓу Албанија и Бугарија.

1,535

Промената на Уставот, како ултиматум на Бугарија, целосно поддржан и од Унијата, иако непринципиелно, срамно и без никаква објективна основа, станува главна преокупација на Македонија. И, наместо да се прават длабински анализи што значи тоа и каде води, кај нас сѐ се сведува на партиски надмудрувања. Наместо да се елаборира што е за, а што против промена на Уставот, само за да ја задржи власта, позицијата шири лаги и манипулации, коишто не ѝ служат на чест. Предизвикот, меѓутоа, не е само за политичарите, туку и за сите аналитичари, бидејќи прашањето е исклучително важно. Кога ќе се навлезе во материјата, доминираат аргументите против коишто потврдуваат дека, сега, Уставот не смее да се менува по никаква цена.

Прво. Клучно е што барањето на Софија нема никаква формална основа, туку се работи за нивни налудничави политички калкулации во однос на карактерот на оваа држава. Нивната замисла е Македонија, со текот на времето и со потезите кои тие (ќе) ги прават, од македонска да стане (втора!) бугарска. Според нивната добро разработена шема и стратегија, Бугарите во нашиот Устав го отвораат тој пат.






Вториот аргумент е што во Македонија, според последниот попис, има само 3.504 Бугари. Досега, толкава ракатка луѓе нема влезено во ниту еден устав во светот. Ако веќе мораме, бидејќи барањето ни е подметнато од ЕУ, со блокада и уцена, би било ред во Уставот да ги наведеме сите тие, 3.504 – со име и презиме!? Нели, не се многу? Паралелно, Уставот ќе ни биде и именик за Бугарите.

Трето. За ваков бесрамен обид, нема никаков повод ниту во капитулантскиот и предавнички договор за (не)пријателство со Бугарија, ниту во било каков документ на Унијата, било за проширувањето, било за нешто друго.

Четвртиот доказ е што е ова чиста измислица и манипулација на бугарскиот претседател Радев, чијшто национал-шовинизам кон Македонија е видлив и за тие што не сакаат да го забележат. По неуспехот, со нивниот фашизам да ја добијат Македонија во Втората светска војна, целта е да се остварат нивните ментално девијантни историски синдроми, присутни веќе преку 150 години, дека ние сме – „Бугари“.

Петтата причина е што оваа уцена се појави како алтернатива, откако не беше прифатено инсистирањето на забеганите бугарски политичари, дека ние сме измислена нација, којашто има бугарски корени. Тоа беше тешка инсинуација, широко обработена во нивниот грозоморен “објаснувачки меморандум“, којшто нивното МНР го достави до целиот свет. Според меморандумот, ако сакаме во ЕУ, ние мораме да се согласиме дека нашите родители и дедовци биле „Бугари“. Нивната будалштина не наиде на одобрување, и тие ја свртеа страницата. Сфатија дека ја утна работата и почнаа да играат на карта на човековите права. Така се роди уцената за Уставот, којашто не постоеше пред тоа.

Шесто, најдобар показ за намерите на Софија е фактот дека не бара малцинство туку, конститутивен народ: Бугарите да влезат во преамбулата на Уставот. Тоа кажува сѐ. Пред десетина години, тие сакаа да се регистрира нивно малцинство во земјава, ама бргу се сепнаа. Сфатија дека ако веќе ние сме „Бугари“, не може да има и бугарско малцинство. Не оди заедно, нели? Сега ја исправаат својата малоумност и одат на сигурно – сите сме „Бугари“. Некои недоквакани „наши аналитичари“, пак, тврдат дека, со Бугари во Уставот, по автоматизам значи дека Софија ги признава Македонците. Тоа е плиткоумно. Овие не разбираат кај е проблемот.

Седмо, и главно: потегот е апсолутно едностран. Нема никаква бугарска обврска, освен да не го блокира почетокот на преговорите, што нема суштинско значење. Ако прифатиме промена на Уставот, веќе утредента Софија ќе може и сигурно ќе започне со нови уцени и блокади. Промената на Уставот за нив е само испробување на мускулите.

И, што ако ги започнеме преговорите? Апсолутно ништо. Турција преговара од 2005 година и на сите им е јасно дека никогаш нема да ја примат. Црна Гора преговара преку 10 години и е далеку од членство, речиси исто како и Македонија. Србија, пак, веќе деветта година е во преговори, и е исто на почеток. Заради Косово, можеби и Србија нема никогаш да биде примена. Зошто Брисел би ја третирал Македонија поинаку?

Осмо. Дека сето ова е сосема реално, потврдува офанзивата на Софија во нашава земја и соседството. Си отворија универзитет, со исто име како и нашиот најстар. Отвораат клубови со фашистички предзнак, со многу јасна намера – рехабилитација на нивниот фашизам, бидејќи користените имиња, нели, докажуваат дека тие биле администратори, а не окупатори. Дури, и ослободители. Со широка офанзива и многу пари, ги побугарчуваат Македонците во Албанија и на Косово… Нашиве неписмени политичари или ништо од сето ова не разбираат, или, уште полошо, за да дојдат и останат на власт, исполнуваат странски инструкции.

Деветто, уцената на ЕУ – земја кандидат да мора да го менува Уставот, за бесмислено и непостоечко прашање, заради почеток на преговорите, е невиден преседан, навредлив и неприфатлив, којшто Македонија мора со индигнација да го одбие. Се разбира, доколку сме држава со достоинство, а не раштимано пеачко друштво. Брисел нема никакво оправдување и објаснување, за вака да се однесува.

Десетто. Факт е дека ЕУ нема да се проширува уште најмалку 10 години. Преку 60 проценти Французи и Германци се против, а нивните лидери не се луди да ги ризикуваат сопствените интереси. Токму затоа, Макрон ја измисли новата методологија, а Шолц го поддржува. Новите критериуми се недостижни. Тешко дека некоја земја ќе ги исполни во следните 20 – 30 години.

Единаесетто. За затворање на секој кластер, од шесте, според новата методологија, мора официјално да се согласат сите членки на Унијата. Тоа му доаѓа како некаква редовна ратификација на процесот на преговори. И, што мислите? Атина и Софија нема да нѐ кастрат на секој кластер? Бидете сигурни дека ќе ни ги искубат сите пердуви, до последниот, после што веќе никој нема да може да препознае кои бевме, и што бевме, пред преговорите. Нема да остане никаква трага од македонизмот. Ќе не претворат во зомби.

Дванаесетто. Според сите релевантни индикатори, од утре да започне да преговара, Македонија нема да влезе во Унијата најмалку уште 20 години. Можеби и 30, а има причини и никогаш да не ја примат. Ветувањата на политичарите, пак, дека ќе нѐ примат до 2030 година се тешка измама и манипулација и срамно потценување на македонскиот народ. Во прашање е далечна иднина, којашто не може ниту да се планира.

Затоа, нема никаква потреба сега да се менува Уставот. Таквиот потег нема да донесе ништо добро за земјата. Напротив. Ќе биде само нов доказ дека сме спремни на секакви отстапки што, неизбежно, ќе ги зголеми апетитите на нашите драги соседи и бугарски „браќа“, ама и на ЕУ, за нови уцени, блокади и ултиматуми. За време на преговорите, ако некогаш започнат, секојдневните опструкции ќе ни го загорчуваат животот а ние, по ваквите идиотски потези, ќе мораме да даваме само нови и нови концесии.

Тринаесетто, оваа бугарска уцена мора да се стави во контекст на настаните поврзани со нашата земја по распадот на Југославија. Треба само малку акал за да се разбере дека во тек се добро осмислени и, до сега, крајно успешно спроведени американски политики за дефинитивно затворање на „Македонското прашање“, што веќе на големо и се случува. Составен дел од тие политики се и однесувањето на Грција, и договорот од Нивици, и сегашната бугарска агресија, којашто следуваше по договорот за (не)пријателство. И овие два договора, и сѐ друго што ` се случуваше на Македонија по осамостојувањето, беше американски интерес. Трајна цел беше, и останува, бришење на Македонците како народ и нивно фрлање во прегратките на Софија, што сега се финализира. Тука спаѓаат референцата во ООН, Привремената спогодба со Грција, агресијата од Косово во 2001-та и ОРД, Пржино, Тиранската платформа…

Со формалното бришење на Македонците за светот, што е веќе постигнато со Нивици, Бугарите ќе останат главни во Уставот. Паралелно, и федерализацијата ќе приврши, бидејќи е во завршна фаза. Без војна и без промена на границите, Македонија ќе биде практично поделена меѓу Албанија и Бугарија. Со промена на Уставот, Македонија уште еднаш би се поклонила на разорните за нас американски политики, и би овозможила нивно забрзано остварување. Тоа ја објаснува и поддршката на ЕУ за Бугарија, бидејќи Брисел нема своја надворешна политика.

Другиот аспект – зошто треба да го смениме Уставот, има само еден „аргумент“. Тоа е дека нашите драги „браќа“, национал-шовинистите на истокот од земјата, ќе бидат длабоко благородни да ни дозволат да преговараме со ЕУ. Сами оценете што тоа ќе ни донесе, дали е битно и важно, ако се знае дека тие истите нема никогаш да ни дозволат да станеме дел од Унијата, доколку целосно не се обезличиме како народ, јазик, историја…

Ние сме на потег. Бујрум предавници. Имате нова шанса за самоуништување. Да се надеваме дека опозицијата, ама и народот, нема да ви дозволат промена на Уставот. По никаква цена.

Поврзани содржини