ТРИКАФТА ПРИСТИГНА НА ДЕТСКА КЛИНИКА Секогаш во прв план ми биле пациентите и нивното здравје, вели Меџити
Пациентите со цистична фиброза, етапно се вклучуваат на терапија, согласно Протоколот и прецизни критериуми на евалуација, се одлучува за добивањето терапија. Листата на пациенти е направена од страна на Стручна Комисија, по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза, според бодирање, посочува Меџити.
Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити одржа прес-конференција во Владата на Република Северна Македонија по повод пристигнувањето на лекот Трикафта за пациентите со цистична фиброза.
– Се сеќавам пред неколку месеци на кризата која се создаде поради бирократските процедури кои создадоа паника кај пациентите со цистична фиброза, оправдан беше нивниот револт, на нивните семејства, блиски. Оправдан беше и револтот на јавноста, а ние како Влада нешто мораше да смениме. Како министер за здравство, а пред сѐ како долгогодишен лекар секогаш во прв план ми биле пациентите и нивното здравје. И секогаш сум се залагал сите потреби во однос на лекови, дијагностика, во однос на помагала, нешто што е секојдневна потреба на пациентите да бидат решени колку што може побрзо, веднаш! Бирократските препреки не смејат и не треба да бидат причина за здравјето на граѓаните – вели Меџити.
Како што додава лекот Трикафта е веќе на Универзитетската клиника за детски болести.
– Со 100 милиони денари набавена е терапија за следните месеци. Дополнително предвидени се 854 милиони денари за лекот, за 2024 и 2025 година, со што во следните две години пациентите со цистична фиброза се обезбедени со терапија. Пациентите со цистична фиброза, етапно се вклучуваат на терапија, согласно Протоколот и прецизни критериуми на евалуација, се одлучува за добивањето терапија. Листата на пациенти е направена од страна на Стручна Комисија, по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза, според бодирање – посочува Меџити.
Тој потсетува дека лекот Трикафта е безбеден лек, одобрен од Европската медицинска агенција.
– Тоа што е многу важно ефектот од терапијата е брз, значителен и одржлив. Лекот во Европа е стандардна терапија за третман на пациенти со цистична фиброза. Како министер сум отворен и транспарентен со пациентите да ги слушнам кои се вистинските нивни потреби и кој е начинот на кој би ги решиле. Решенијата кои ги носиме не се наметнати туку имаат вистински ефект – изјави Меџити.