Триглав осигурување-Скопје оствари премија од над 5 милиони евра во првиот квартал
Групација Триглав оствари тримесечната добивка пред оданочување, во износ од 26,4 милиони евра, што е за 12% помала од минатогодишната,
Во текот на прилагоденото работење условено од пандемијата, Групација Триглав постигна раст на премија на поголемиот број пазари, во сите три сегменти од осигурувањето, и пресмета 10% поголема консолидирана бруто премија од осигурување (348,9 милиони евра) споредено со истиот период минатата година.
Тримесечната добивка пред оданочување, во износ од 26,4 милиони евра, е за 12% помала од минатогодишната, што пред сѐ е последица на масовните штетни настани во првото тримесечје од годината (земјотрес во Загреб и невреме проследено со град во Словенија).
Комбинираниот коефициент изнесува поволни 93,9%.
Eкономското окружување под влијание на пандемијата предизвика пад на вредноста на финансиските инвестиции, што не влијае значително на деловниот резултат на Групацијата во првото тримесечје од годината.
Врз основа на направените анализи, Групацијата подготви сценарија, во коишто се проценува дека во остатокот од годината е можно намалување кај одредени категории од работењето. Се предвидува дека поверодостојна проценка може да се обезбеди на полугодието од 2020 година.
Според моменталните проценки на Групацијата Триглав, осигурителното и инвестициското портфолио се доволно отпорни, а позицијата на капиталот е соодветна, и може успешно да се справи со зголемените ризици, кои произлегуваат од актуелната ситуација.
Со фокус кон клиентите, Групацијата Триглав останува посветена на својата визија за динамично развивање на нови начини на работа, коишто се темел на одговорен и долгорочен развој на Групацијата, додека истовремено работи профитабилно и безбедно.
Во овие вонредни услови, Триглав на македонскиот пазар ги насочи своите активности кон обезбедување на услуги на клиенти од далечина, со цел да ги задоволи сите нивни потреби на безбеден начин.
Триглав Осигурување во дадениот период оствари бруто полисирана премија, во износ, нешто поголем од 5 милиони евра. Дел од приходите по основ на осигурителна премија во првите три месеци беше одложен за периодот којшто следи, заради специфичноста на осигурувањето.
Според последните официјални извештаи, компанијата ја одржува својата лидерска позиција на пазарот на неживотно осигурување, а овој квартал го заврши со адекватност на капиталот од 426%, што е речиси 8% повеќе споредено со крајот на 2019 година.
Триглав Осигурување Живот првиот квартал го заврши со поголема бруто полисирана премија (индекс 136) споредено со истиот период минатата година, додека пак Триглав пензиско друштво за 7% ги надмина планираните средства во Триглав задолжителен пензиски фонд.