Трифуновото самоубиство од заседа

Приказната на Трифун Костовски е директна потврда за онаа народната дека никој на човек не може да му нанесе толкаво зло колку што тоа може да го стори самиот.

8,165

Искрено не го разбирам Трифун Костовски.

А како што гледам, никој друг не го разбира…






Го познавам со години. Не сме баш другари, но го знам човекот. Не мислам дека е лош, дури и напротив. Освен тоа, не е дозволено за човек со онакво бизнис портфолио и онакви заработени пари да мислиме дека е глупав или наивен. Без оглед што многу луѓе велат дека фамата за неговото богатство веќе е минато свршено време.

Знам дека е егзибиционист по природа. Малку и позер. Не е тоа ништо страшно, сите сме по малку такви. Но, да бидам искрен, не ми беше позната оваа суицидна црта во неговиот карактер…

Со месеци ги објавуваме неговите колумни, во кои се обидува да освои некакви нови симпатии од јавноста, да создаде впечаток за себе дека е жртва на системот и на една мафијашка структура, која демек ја уништува неговата банка, го остава да „скита и прича“, а тој, волкот што има дебел врат зашто сам си ја врши работа, подготвува заседа и одмазда.

Кога ја видов неговата пи-ар најава за откривањето на „вистината“, неговата објава за спектакуларниот амбуш кога кој јавно ќе се пресмета со сите мафии што му згрешиле, помислив дека нешто не е во ред, дека некои жички во главата Трифунова во случајов сепак се погрешно поврзани.

После големиот „спектакл“,уследи и големото разочарување.

Сите бевме спремни да му поверуваме дека најголемите лоши пласмани на неговата Еуростандард банка завршиле во фирмите од струмичкиот клан, но не и приказната дека банкарските службеници, дури и оние највисоко рангираните, можеле тоа да го сторат на своја рака, без да го прашаат газда Трифун. Тоа кај нас, едноставно, не оди така.

Сите сакаме да веруваме дека во нашите банки има и практики кои се на работ на законот, но тешко е да се проголта Трифуновата приказна за заговорот на седум најголеми комерцијални банки во земјава, со намера да ги ограбат народот и стопанството. При што, од некои од тие банкари, Трифун, сосема случајно нели, барал спас за својата банка пред пропаст.

А најчудно е што сега сите се прашуваат дали Трифун Костовски воопшто го прочитал долгиот извештај на приватните ревизори што самиот ги ангажирал и дебело ги платил. Од тој извештај, како што слушам, сега можат да се стокмат три нови кривични пријави против нарачателот, против организаторот на заседата, против нашиот неуморен трагач по „вистината“, газда Трифун.

Ако го прочитал извештајот, не можел, межу другото, да не го види делот вој во кој се тврди дека во почетокот на 2019 година безмалку 110 милиони евра пристигнале од Венецуела во Македонија и легнале на нерезидентни сметки во Еуростандард банка. Од овие пари, 10 милиони евра наводно биле дадени во форма на заеми на најекспонираните клиенти на банката, чии имиња не се спомнуваат.

Кога јас ја прочитав таа информација во медиумите, ми делуваше речиси нестварно. Познато е дека режимот во Венецуела со години е под финансиски санкции. Логично, банкар што ќе прифати да отвори нерезидентни сметки на субјекти од земја под санкции презема голем ризик. А овде станува збор за 110 милиони евра, големи пари за македонски прилики.

Плусинфо не ја објави веднаш таа информација, како повеќето други медиуми, без оглед што се чинеше дека таа е неспорна и дека произлегува од извештајот на тимот на „одбраната“ што Трифун самиот го составил. Им реков на колегите да ми дадат малку време да се подраспрашам, убеден дека дури ни Костовски во овој лош филм не можел да биде до толку недоветен за да си зададе ваков самоубиствен удар.

Се распрашав кај неколку добро информирани луѓе. Разбрав дека имало повеќе обиди од Венецуела да се уфрлат пари на нерезидентни сметки во нашите банки. Дознав и кои се главните македонски фирми преку кои требало да бидат уфрлени парите во Македонија. За најмалку четири банки со сигурност ме убедуваат дека одбиле да влезат во ваква ризична операција, а моите извори тврдат дека нема посериозна македонска банка која би сторила такво нешто. Од една страна, ризикот е огромен, а од друга страна, секој банкар има дискреционо право да одбие да отвори сметка на некој потенцијален клиент, без обврска да даде образложение.

Банката на Трифун Костовски била „дарежлива“. Санкции се санкции, но 110 милиони евра се 110 милиони евра. Провизиите за овие венецуелските пари биле многукратно повисоки од вообичаените. Нормално, станува збор за перење пари, да не се лажеме. Освен тоа, банката на Трифун се надевала и на венецуелски пари за себе. Тогашниот генерален директор на банката наводно отпатувал за Венецуела за да преговара за заем од 17 милиони евра за Трифуновата фирма „Гофи“, а парите би се искористиле за докапитализација на банката пред стечај. Биле, се прошетале, ама заем не добиле.

Можело ли сите тие комбинации да се прават без газда Трифун?

Тешко, многу тешко.

И пак нешто не разбирам… Вака или онака, некој ја одмолчал таа венецуелска приказна. Што му треба сега на Трифун да си ги кова нозете и да си навлече на врат нов скандал, овој пат од меѓународни размери?

Зарем навистина Костовски мисли дека сега може да се извлече со изјавата дека никогаш не дал согласност во банката да се работи „надвор од законот за банки и процедурите кои важат за Македонија“?

Па ве молам… Кој газда или директор им дава согласност на своите службеници да работат спротивно на законите? Има такви будали? Има некаде формулар или урнек за давање таква согласност?

Велам, не можам да го разберам ова Трифуново самоубиство од заседа…

Моите информации се дека после ова, Костовски ќе се соочи со нови, но сега многу сериозни проблеми со органите на кривичниот прогон. Таквиот расплет може привремено да го одложи само струмичкиот клан, кој изгледа се уште цврсто ја држи контролата во обвинителствата и во судовите.

Но, тоа е истиот клан за кој Трифун јавно кажа дека ги испумпал парите од Еуростандард банка. Зошто кланот сега би го спасувал? Зашто Костовски бил за промена на името? Оти нешто од него зависело…

Ете, така стојат работите со газда Трифун. Неговиот случај е директна потврда за онаа народната дека никој на човек не може да му нанесе толкаво зло колку што тоа може да го стори самиот тој.

 

Поврзани содржини