Тричко ги пребројува новинарските црвени елеци, СДСМ после ќе се чуди зошто ги изгубил изборите!
Првиот човек на провладината пропаганда деновиве прави и јавно објавува списоци на „лудаци“ и „нормални“, на тие што се против и на тие што се за Владата. СДСМ молчи и очигледно го одобрува Тричковиот попис. Игноранцијата било нивното главно и спасоносно оружје, тврди нивниот шаман. Хахахаха!
Откако објави „радосната вест“ дека „Владата е пред остварување на најголемиот подвиг – да ја уништи моќта на сераторите кои мислат дека се јавен фактор без остаток“ и тоа „со најновата генерација на најмоќното оружје: игноранцијата“, главниот провладин шаман, колумнистот Бранко Тричковски, почна да прави јавен попис на јавни личности.
Од едната страна се, како што вели тој, „нормалните луѓе што се спремни да ја бранат Македонија од лудаците“. Од другата страна, пак, е списокот имено на „лудаците“ и на „сераторите“.
Со оглед на тоа што во Тричковите дихотомии се говори само за „ненормалноста“ на ВМРО-ДПМНЕ и за „нормалноста“ на СДСМ, јасно е дека и пописот не може да биде поинаков. Со таа нијанса што тој во последно време нешто помалку зборува за СДСМ, а повеќе за Владата, зашто веројатно и нему му е јасно кој во Владата трева коси, а кој вода носи.
Списоците се големи и опфаќаат и политичари, интелекталци и други јавни личности, но најинтересни се списоците на новинарите и на медиумите.
Ова е дел од списокот на црвените елеци меѓу новинарите. Според Тричковски, пропагандата на Владата и на СДСМ почива на следниве лица и медиуми:
- Џабир Џерала и Цивил Медиа;
- Зоран Бојаровски и Рацин (нов портал);
- Медуза и Трн (нови портали);
- Петрит Сарачини;
- Жарко Трајановски;
- Јане Ѓорѓиоски;
- Ненад Јовановиќ од Кавадарци;
- Ацо Лукаровски од Фејсбук;
- Ацо Кабранов и Либертас;
- и други.
Освен мојата маленкост, како Тричков архи-непријател (заедно со Владе Милчин, неизбежно), во последните постови јас озлогласен главно поради моето „фрфљање“, на списокот на „лудаците“, според главниот пропагандист на СДСМ, се и следните медиуми и новинари:
- Медиумите генерално („Северна Македонија е единствена држава во која сите медиуми се под контрола на опозицијата“, вели Тричковски);
- Сите новинарски здруженија: ЗНМ, СЕММ и Синдикатот на новинарите (МАН не се спомнува, но би требало да се подразбира);
- Сител, Телма, Алфа;
- Сунаи Сабриоски (и Тричко не пропуштил да му удри заушка на младиот новинар на ТВ24);
- Жанета Трајковска („матица на медиумските кретени“);
- Горан Михајловски („ако го изберете Горан тоа значи дека автоматски сте ја елиминирале Жанета“);
- Младен Чадиковски („будала на привремена работа како крупие во Фламинго казиното на корупцијата“);
- Ива (Биљана Секуловска?);
- Мирка Велиновска („сите во едно – свето стотство“);
- други.
Ова „други“ е важно, бидејќи во разни постови по разни поводи, Тричковски спомнува уште многу новинарски имиња, повеќе и помалку важни. Најчесто да ги исплука, но понекогаш и некои да пофали.
Е сега, да им објаснам нешто на другарчињата од СДСМ.
Точно е тоа дека сите ние одамна знаеме дека на Тричко Врабецот му диши главата. Метафорички кажано. И тоа не е спорно, ниту е предмет на расправа.
Јас сум сигурен дека луѓе од СДСМ деновиве убедуваат дел од луѓето на списокот на „лудаците“ дека партијата нема врска со Тричковиот попис, дека тоа што го пишува шапшалот не било партиска нарачка и слично.
Но, другарчиња од СДСМ, да си знаете една работа: апсолутно никој не ви верува!
Сите знаат дека Тричко функционира исто како оној Саше будалиот и оној Рубин од Прилеп. Нема суштинска разлика. Евентуално во принадлежностите.
И на Заев, кога ги убедуваше жртвите на оваа новинарска Ал каеда дека СДСМ нема врска со нивните атаци, никој не му веруваше. Бидејќи знаевме дека човекот лаже.
И сега сите знаеме кој стои зад ова манијачење на Тричковски.
Другарчиња од СДСМ, дури и да ви простат некои од „лудаците“, тие нема да ги заборават Тричковите тешки думи, кои може да ги смисли само човек отруен од длабока омраза.
И кога ќе се сетат на неговите зборови – а ќе се сетат, немајте дилеми – пред очи ќе им се појават вашите црвени елеци.
Така функционира тоа, верувајте.
Што и да надроби Мирка за мене, јас неа ја паметам од седенките во Синиот клуб (штабот на СДСМ) и покрај Глигоров. Тоа е Мирка во мојата меморија.
Што и да излае Тричко денес, јас совршено точно знам кои се тие негови 40.000 и кусур причини поради кои му се лути на ВМРО-ДПМНЕ и таа една, единствена причина поради која мене ме мрази од дното на душата.
Џабе ќе се убедуваме, драги другарчиња од СДСМ. Си се знаеме сите во нашата релативно мала новинарска заедница.
А најважно од сѐ, сите знаеме од каде дува ветрот.
Уште од времето на Никола Груевски, па и годиништа пред тоа, а посебно во времето на Зоран Заев, политичарите за чија сметка се правеа списоци на „нормални“ и „луди“ новинари, однапред биеја изгубени битки.
Извесноста од уште една изгубена изборна битка е прапричината за овој паничен Тричков попис.
Не можете да победите кога централни фигури на пропагандата ви се луѓе кои јавно им се подбиваат и јавно ги мразат Македонија и Македонците. Па како тоа не ви беше јасно?!
Свесен сум и за тоа дека и вие, другарчиња од СДСМ, сте во паника. Но, нема да ве советувам што да правите. Се потрошија и моите совети, кои ионака беа попусти, бидејќи јас изгледа одамна сум на списокот на непријателите и на овој најнов СДСМ. Судбина. Јас и многу други, а богами за некои никогаш не би помислил…
Нејсе, џабе сега муабети. Големи сте, знаете што правите.
Штом сте ги облекле црвените елеци, сте кинисале.
Веројатно ви е јасно каде.