ТРИ „ЗА“ И ТРИ „ПРОТИВ“ ЗАДОЛЖИТЕЛНИ ВАКЦИНИ Еве ги добрите и лошите страни на оваа ковид-мерка
„За“, затоа што со задолжителните вакцини би избегнале смртни исходи од пандемијата, но и нови локдауни, „против“ затоа што ова може да има контраефект кај антиваксерите и затоа што има други начини и видови кампањи со кои може да се информираат и убедат овие луѓе да се вакцинираат.
Четвртиот ковид-бран на омикрон-сојот галопира, а Европската Унија веќе размислува за воведување на задолжителни вакцини. Додека Урсула Фон дер Лајен неодамна го предложи ова пред Европскиот Совет, некои земји како Грција, веќе имаат задолжително „боцкање“ за лицата над 60 години, а во многу други не можете да влезете на работа ако не имате две дози. Колку вредат овие политики и вродија ли со плод?
– Правото на телесен интегритет како личност која не сака да се вакцинира, а која сака да направи свој избор за тоа каков медицински третман да добие, директно се коси со правата на другите луѓе, да не бидат потенцијално заразени со фатални болести – вели Кетлин Пауел, професорка по право од Кејп Таун во Австралија, пишува Би-Би-Си.
Австрија планира од февруари парично да ги казнува своите граѓаните доколку одбијат да се вакцинираат, а исклучок ќе бидат оние со слаб имунитет или оние на кои не им дозволува верата. Сличен потег планира и Германија. Франција, Италија и Нов Зеланд бараат сертификат за административците, а Индонезија ќе им го ускрати здравственото осигурување на тие кои не сакаат да ја примат својата доза.
Прво „за“: со вакцинирањето се штитите од смртен исход и други смртни болести
Има многу едноставен аргумент во корист на задолжителната вакцинација против Ковид-19. Со вакцинирање го намалувате ризикот од сериозна болест. Помалку сериозни болести значат помалку смртни случаи и помал притисок врз болниците.
Историски гледано, кампањите за имунизација забележаа огромен успех, елиминирајќи ги болестите како мали сипаници или драстично намалување на нивото на смртност кај другите.
Второ „за“: досегашните мерки беа успешни во Европа
Досегашните мерки против коронавирусот во Европа го подигнаа нивото на вакцинирање, па веројатно и новата мерка за задолжително ќе дејствува во тој правец. Соочени со големите казни здравствените работници во Грција побрзаа да се „боцнат“. Секако, видовме и многу насилни протести во повеќе градови.
– Кога станува збор за вакцините, луѓето размислуваат многу поинаку – вели Вагеш Џаин, лекар за јавно здравје во Институтот за глобално здравје на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
– За сè што им се вбризгува во нивното тело, луѓето нема да размислува на ист начин. За академиците и другите ова е само рестриктивна мерка, но луѓето емотивно реагираат – смета тој.
Трето „за“: кога имате задолжителна вакцина нема потреба од локдаун
Покрај спасените животи, целосното вакцинирање значи дека нема да има потреба од локдауни.
– Нема причина да се наметнуваат огромните трошоци за заклучување на луѓето кога имате друга мерка на располагање – вели Алберто Џубилини, виш научен соработник во Центарот за практична етика во Оксфорд Уехиро.
Џубилини смета дека вакцините треба да бидат задолжителни за најранливите групи на граѓани.

Прво „против“: Задолжителната вакцина не е единствен начин за зголемување на вакцинацијата
Задолжителната вакцина не е единствен начин да се забрза процесот на „боцкање“, а се чини дека им одговара најмногу на политичарите кои се мрзливи за да смислуваат други решенија како да го убедат населението. Ова може да биде проблем:
– Она што е сосема забележливо во минатото е како на политичарите им се допаѓа идејата за задолжителна вакцинација бидејќи се чини дека дава брз одговор на проблемот – вели Саманта Вандеслот, истражувач за општествени науки во Групата за вакцини Оксфорд и додава:
– За оние кои се плашат, кои немаат доверба, за оние чија процена за ризикот е ниска – за нив е важно да се слушаат и нивните грижи да се сфатат сериозно – Барбара Јуен, здравствен психолог на Универзитетот во Инсбрук, изјави за националната телевизија ORF.
Второ „против“: Паметните мерки на некои влади веројатно се подобри од задолжителната вакцина
Паметните мерки на австриската влада која ги мотивира луѓето бесплатно да се вакцинираат на каса во супермаркет „и да завршат со тоа“, или пак во автобус, можеби ќе вродат со плод многу повеќе од кое било затворање или задолжителна вакцина.
Во таа насока, битно е да се истакне и дека има многу луѓе кои се само скептични кон вакцините, а не се антиваксери. Тие бараат повеќе информации и подобра кампања, а не локдаун. Една австриска студија ги одвојува оние 14,5 отсто од 9-милионското население во земјата кои не биле подготвени да се вакцинираат и 9 отсто кои едноставно се двоумеле.
Трето „против“: Задолжителната вакцина може дополнително да ги разгори антиваксерите
Прашање е како мерките би влијаеле на антиквасерите и на теоретичарите на заговори. Ако се земе предвид дека има партии во Европа кои го искористат ваквото расположение кај луѓето, може да се очекува разгорување на страстите.
– Задолжителните шеми за време на криза ќе бидат контрапродуктивни – изјави за Ал Џезира д-р Дики Будиман, епидемиолог кој ја советува СЗО за закрепнување од пандемијата.
– Кога луѓето го имаат она што ние го нарекуваме теории на заговор или имаат погрешни верувања или недоразбирања, [таквите шеми] само ќе ги зајакнат нивните мислења – дециден е тој.