Три нови знаци кои укажуваат дека можеби сте прележале ковид-19: Несоница, депресија и болка во зглобовите
Дури 26 отсто од испитаниците имале проблеми со спиењето, несоница или потешкотии да заспијат, што е сериозен проблем, бидејќи квалитетниот и редовен сон е еден од клучните начини на закрепнување на телото, а ваквите долгорочни симптоми го забавуваат закрепнувањето.
Во медицинското списание „Lancet“ беа објавени резултати од неколку истражувања за последиците од коронавирусот, а исто така наведени се и симптомите кои ги чувствуваат излекуваните неколку месеци откако ја победиле болеста.
Списанието наведува вкупно 9 симптоми кај испитаниците кои имале средно-тешка и тешка клиничка слика, а многу од нив биле и хоспитализирани. Како што се наведува во студијата, 3/4 од нив имале најмалку еден од следните симптоми, дури и шест месеци по акутната фаза од болеста.
Дури 26 отсто од испитаниците имале проблеми со спиењето, несоница или потешкотии да заспијат, што е сериозен проблем, бидејќи квалитетниот и редовен сон е еден од клучните начини на закрепнување на телото, а ваквите долгорочни симптоми го забавуваат закрепнувањето.
Понатаму, депресија и анксиозност пријавиле 23 отсто од испитаниците.
Исто така, 9 отсто од испитаниците пријавиле болка во зглобовите, што е честа појава при воспалителни процеси во телото.
Студијата опфатила и досега познати симптоми како слабост во мускулите, умор, краток здив, губење на сетилото за мирис и вкус како и опаѓање на косата. Меѓутоа, трите горенаведени симптоми особено се издвојуваат во текстот бидејќи досега не ги пријавиле многу лица.