ТРИ НОВИ СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ СЕ ВО ПРОЦЕДУРА Ќе отворат 680 нови работни места
Новите странски инвестиции ќе бидат изградени во Штип, Кичево и Скопје.
Во формална процедура на одобрување се три нови договори за странски инвестиции со вкупен обем од над 54 милиони евра. Само овие инвестиции треба да донесат 680 нови работни места, да го зголемат вкупниот извоз за над 850 милиони евра во десетгодишен период, а приходите во буџетот ќе достигнат до 55 милиони евра на сметка на придонеси, данок на добивка и персонален данок, соопшти денеска директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски.
Деспотовски рече дека новите странски инвестиции ќе бидат изградени во Штип, Кичево и Скопје.
– Само од почетокот на годинава имаме започнати или во фаза на реализација договори за нови инвестиции од речиси 160 милиони евра. Со засилена динамика и квалитативен различен пристап работиме на зголемување на бројот на компании во зоните. Со деловната клима која ја наметна оваа влада покажавме дека знаеме да го искористиме потенцијалот и на новите и на постојните странски инвеститори – рече Деспотовски.
Тој денеска ги соопшти резултатите од работата на ТИРЗ во август.
– Растот продолжува и во месец август, а бројките покажуваат рекордни економски активности во првите осум месеци од 2021 во однос на минатите години. Овие бројки јасно укажуваат дека економијата не само што го надмина пандемискиот период туку бележи серозен раст. Очекувам ваквиот позитивен тренд да продолжи до крајот на годинава – рече тој.
Според податоците од анализа за август ТИРЗ остариле највисоко ниво на извоз за осум месеци споредено со истиот период во изминатите четири години, како и речиси рекордна извозна и увозна активност годинава.
– Вкупниот увоз во првите осум месеци во зоните достигна 2,04 милијарди евра, што е за над 50 отсто повеќе во однос на истиот период лани, односно над 11 отсто во споредба со 2019 и речиси 32 отсто повеќе од 2018 година. Само во август извозот е 275 милиони евра, што е 24 отсто повеќе од август 2020 година, односно за 26 отсто односно 45 отсто повеќе споредено со месец август 2019, односно 2018 година. За осум месеци вкупниот увоз во зоните изнесува над 2,036 милијарди евра и е за 63 отсто зголемен во однос на истиот период лани односно 17 отсто во однос на 2019г, а над 55 отсто во однос на 2018. Само во месец август увозот во зоните достигна 269 милиони евра и е најголем во последните четири години споредено со истиот месец – рече Деспотовски.
Според анализата, додаде тој, голем дел од увозот се должи на набавка на машини, опрема и нови технологии поради зголемените инвестициски активности во зоните што се одразува и на нето извозот, односно речиси изедначена покриеност на увозот и извозот во зоните. Заклучно со август нето извозот е во позитива од 0,34 отсто.
– Компаративната анализа покажува и раст од 7,15 отсто на бројот на вработени во август споредено со истиот месец лани, и стабилно ниво од над 14.000 вработени во компаниите активни во зоните рече Деспотовски.