ТРИ НЕШТА СЕ АКУТНО НЕОПХОДНИ ЗА СКОПЈЕ Мицкоски посочи во која насока треба да оди главниот град
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека јавните претпријатија во Скопје се соочуваат со сè поголеми долгови, слаба работна дисциплина и превработеност. Тој посочи дека особено проблематични се „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“, каде што, според него, има пренатрупан и непродуктивен кадар, посочувајќи дека кадрите вработени во овие претпријатија доаѓаат од коалиционите партнери на сè уште актуелната градоначалничка на Скопје.
Она што го направи ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата овие два дена, претставува, навистина, новитет на политичката сцена во Македонија. Добро е што секоја година се обидуваме да иновираме, добро е што другите политички партии од опозицијата можат да следат и да научат нешто ново, коешто, можеби во иднина ќе им биде корисно кога ќе презентираат дел од своите опозициски идеи, коишто, ние како Влада ќе можеме да ги анализираме, дел од нив и да ги искористиме, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на завршната панел-дискусија на тема „Локалната и централната власт работат за тебе” во рамките на настанот Саем-Отчет.
Мицкоски истакна дека очекувањата се голема историска победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и дека за тоа нема никаква дилема бидејќи така ќе биде велат јавните мерења, анкетите и од чувствата од директните средби со граѓаните, но додаде дека е многу важно, таа победа потоа да има резултати.
Три работи треба да се направат со Скопје
Во своето обраќање Мицкоски се осврна на тоа, што според негово мислење, треба да се направи за Градот Скопје, додавајќи дека 3 работи се акутно неопходни и тоа, прва работа е хигиената, при што обраќајќи му се на кандидатот за градоначалник на градот, Орце Ѓорѓиевски, рече дека конечно треба да се зафати со тој проблем и „да го исчистиме Скопје од ѓубре“.
– Паралелно со тој процес, следи процес на разеленување на Скопје и на оплеменување со хортикултура. Нормално, во првата година од мандатот, ценам дека главното, централно скопско јадро треба да биде дел од неговиот фокус. Кога зборувам за главното централно скопско јадро, мислам пред сè на Градскиот парк, Скопје и најмладите конечно да добијат луна парк каков што заслужуваат – истакна Мицкоски.
Потоа, рече Мицкоски, би поминал преку скопското Кале, коешто очекувам наскоро да почне и да функционира и да нуди содржини за туристите, а од таму би се спуштил по Старата скопска чаршија, каде што треба да има ред и да се помогне на тие луѓе таму кои одржуваат сè уште занаети кои, за жал, се во изумирање, а како градоначалник, Орце може да го стори тоа. По Чаршија, Мицкоски рече дека би се спуштил надолу и би одел на плоштадот пред Министерството за транспорт, за да се средат сите урбани работи и таму, па преку Камениот мост до главниот плоштад и сето ова да биде збогатено со хортикултурна содржина и разеленување.
Жена парк и улица Македонија со во лоша состојба
Мицкоски истакна дека Жена парк и улица Македонија, кои за сите скопјани будат многу спомени, сега се во состојба во којашто не треба да бидат, а и фасадите по Рекорд оставени од едно друго време, треба да се завршат.
– Потоа, преку улица Македонија би завршил кај црквата Св. Константин и Елена, којашто според планот, очекувам да биде завршена и пуштена во функција, некаде кон крајот од септември, заедно со куќата на Мајка Тереза и Домот на АРМ коешто Министерството за одбрана треба да го реновира. Така со тој сквер, Орце ќе мора да се позанимава како иден градоначалник и да го оплемени со урбана опрема, која ќе ја користат скопјани и се побројните туристи – посочи Мицкоски.
Други 2 туристички атракции, за кои, според Мицкоски, не треба многу за да се направат, е да се отпочне со проектирање на втората фаза, од жичарата кон врвовите на Водно и на Матка.
– Ценам дека сето тоа може со сопствени сили, без премногу пари да се потрошат, средства и ресурси, да биде завршено. И тоа е првата работа што сметам дека треба да биде завршена заедно со средување на кејот на реката Вардар, почнувајќи од мостот Обединети Нации, Влае па сѐ до мостот Близнак во Аеродром и тоа може да се направи со сопствени ресурси од јавните претпријатија – рече тој.
Вториот столб е завршување на сите почнати капитални проекти
Мицкоски понатаму додаде дека вториот столб би бил завршување на сите оние капитални проекти кои се почнати, како клучката кај Момин поток, мостот кој ги поврзува Аеродром и Гази Баба кај Керамидница да биде конечно пуштен во функција, како и мостот кај Сити мол и конечно да се заврши булеварот кон Драчево.
– Да се забрзаат работите на пречистителната станица, колекторскиот систем за да ја исчистиме и реката Вардар. Така што тие капитални проекти кои се почнати да бидат завршени – дециден е Мицкоски.
Третиот столб е најпредизвикувачки
Во однос на третиот столб за Скопје, Мицкоски рече дека ќе биде најпредизвикувачки, ќе биде консолидирање на јавните претпријатија бидејќи од информациите со кои располага, таму долговите сè се поголеми, а од друга страна нема работна дисциплина соодветно на тоа што треба да биде и дека во одредена мера има превработеност.
– Посебно тука мислам на 2 јавни претпријатија, а тоа се Јавното претпријатие паркови и зеленило и Јавното претпријатие комунална хигиена. Цениме дека тие се пренатрупани, можеби со кадар којшто е непродуктивен – рече Мицкоски посочувајќи дека кадрите вработени во овие претпријатија доаѓаат од коалиционите партнери на сè уште актуелната градоначалничка на Скопје, кои се ДУИ и Левица, а на моменти по потреба и советниците од СДСМ.
Мицкоски истакна дека овие 3 приоритети треба да бидат основата во работењето на идниот градоначалник на Градот Скопје, Орце Ѓорѓиевски и тоа треба да се направи во првата година и дека тоа може да се направи, без да има потреба од дополнителни средства.
– Ние како централна власт, преку министерството за транспорт ќе продолжиме со набавката на електричните автобуси. Најголем дел од тие ќе бидат наменети за јавниот превоз во градот Скопје, дел во општините коишто имаат организиран јавен превоз, а ќе има и други проекти кои како централна Влада ќе ги поддржиме во рамките на Градот Скопје и општините – рече, меѓу другото, Мицкоски.
Викендов во Скопје со серија панел диксусии се одржа Саем-отчет под мотото „4 години работа за тебе“, во организација на ВМРО-ДПМНЕ