ТРИ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ГИНЕКОЛОГОТ АСАНИ КОЈ Ѝ ИЗВАДИ ЗДРАВИ ОРГАНИ НА ВЕАПОВСКА ПО ПОРОДУВАЊЕТО Докторот доби 5 години забрана за вршење на професијата

Според судот, обвинетиот Асани и покрај влошената здравствена состојба на родилката после царскиот рез не направил дијагностика и ехо за настанатото крварење што довело до хеморагичен шок, кога непотребно ѝ биле извадени три здрави органи.

18

Три години ефективна затворска казна и пет години забрана за вршење професија, дејност или должност, му пресуди Основниот суд Струга на гинекологот Мухамед Асани, првообвинет во случајот со родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска, на која по породувањето со царски рез во болницата во Струга ѝ биле отстранети матка, јајник и бубрег.

Ослободителни пресуди добија второобвинетиот, неговиот син Блертон Асани, кој тогаш бил специјализант по гинекологија и третообвинетата лекарка Лилјана Јованоска.






– Судот обинетиот Мухамед Асани го прогласува за виновен и му изрекува ефективна казна затвор во траење од 3 години, која што е максимална предвидена за ова кривично дело, а по издржување на казната затвор му изрекува споредна казна забрана за вршење професија, дејност или должност во траење од 5 години – рече судијата Јордан Јованов при изрекувањето на пресудата.

Пропустите кои повлекуваат одговорност, според судот, се посочуваат кај првообвинетиот, докторот Асани, во постоперативното следење. Според судот, обвинетиот Асани и покрај влошената здравствена состојба на родилката после царскиот рез не направил дијагностика и ехо за настанатото крварење што довело до хеморагичен шок, кога непотребно ѝ биле извадени три здрави органи.

– Вештото лице појасни дека постоперативното следење требало да биде направено уште во стартот, а во текот на четирите постоперативни денови не биле преземени дејствија на дијагностика со кои што навремено би се открило од каде е изворот на крварењето за кое што подоцна се дознало дури пред свршен чин, на 31 август 2020 година кога била изведена операцијата – рече Јованов.

Тој додаде дека намалувањето на крвните вредности алармирале за натамошни испитувања и методи кои не биле преземени.

Оштетената Веапоска изрази задоволство од изречената казна за гинекологот.

– Од пресудата сум задоволна поради Мухамед Асани што му се одреди затвор, но не сум задоволна поради ослободувањето на Блертон Асани, кој како специјализант се учел врз мене – изјави Веапоска.

Бранителот на Веапоска, Сашо Јанев, посочи дека максимлано изречената затворска казна за докторот покажува дека праавосудниот систем во земјава се опоравува.

Судскиот процес против тројцата лекари гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, траеше околу 3 години и 3 пати почнуваше од почеток поради менување на судечките судии.

Поврзани содржини