ТРИ ГОДИНИ „СЕВЕРНА“ На денешен ден пратениците го кажаа судбоносното „за“
Прогласувањето на амандманите значеше дека Македонија ги исполнила обврските од Преспанскиот договор.
Со 81 глас „за”, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“, македонското Собрание пред точно три години, на денешен ден, ги прогласи четирите уставни амандмани со кои се промени уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа.
Покрај амандманите, Собранието го донесе и Уставниот закон со кој уставните амандмани 33, 34, 35 и 36 стапија на сила кога стапи на сила и Конечната спогодба за решавање на разликата околу името меѓу Македонија и Грција и по ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од страна на Грција.
Во Уставниот закон се регулира и државјанството како „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“.
Со амандманот 33 во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменија со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се замени со зборовите „Северна Македонија“. Амандманот 34 се однесува на промените во Преамбулата, амандманот 35 е за гарантирање на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и амандманот 36 се однесува на грижата за дијаспората.
Од македонската Влада, веднаш по гласањето, излегоа со соопштение во кое на граѓаните и пратениците им ја честитаа преземената одговорност.
„Тоа е чин кој оддава државничка одговорност и силен патриотизам зашто ги прави апсолутно остварливи двата најголеми државни интереси – членството во НАТО и во ЕУ. Пратениците, имајќи го предвид врвниот интерес на граѓаните, гласаа за договор кој овозможува меѓународно интегрирање и признавање на нашата земја како суверена држава, со целосно потврдување на идентитетските посебности на Македонците и на сите граѓани на земјата“, истакнаа од Владата.
Собраниската седница ја бојкитираа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Прогласувањето на амандманите значеше дека Македонија ги исполнила обврските од Преспанскиот договор.