Ако немаме соодветни шприцеви, од секое шишенце на „Фајзер“ ќе пропадне по една вакцина
За да се користи шестата доза од шишето, потребни се специјални шприцеви со мал „мртов простор“. Мртвиот простор е количина на производ што останува во шприцот кога клипот ќе се истурка целосно.
Во Македонија досега не пристигна ниту една вакцина против ковид-19, додека останатите земји веќе ја започнаа имунизацијата на населението против коронавирусот, без разлика со која вакцина од кој производител. Како што е веќе познато вакцините пристигнуваат во шишенца кои содржат повеќе дози, иако кај нас веќе три години се користи методата една вакцина – една инекција, од здравство велат дека здравствените работници имале посебен тренинг за манипулација на самата вакцина – земање, доза и растворање.
Американската компанија „Фајзер“ до неодамна тврдеше дека од едно шишенце може да се извлечат пет дози од вакцината, а според најновите информации, доколку се користи соодветна медицинска опрема може да се добие и шеста доза.
Поради ова прашавме во Министерството за здравство дали во нашиот здравствен систем се набавени вакви специјални шприцеви со кои може да се искористи „мртвиот простор“, а притоа да се добие шестата доза, поради тоа што има несогласувања меѓу земјите од ЕУ за ова со производителот.
– На вакциналните пунктови ќе биде стандардна постапка за давање вакцина. На истите пунктови работат искусни здравствени работници. Начинот на апликација на таков тип вакцина им е веќе познат, бидејќи во нашата земја само во последните 3 години се користи „сингл шот“ или една вакцина една инекција. Работењето со повеќедозажни вијали слични на сегашните вакцини против ковид не е непознато – ни одговорија од Здравство.
Од Министерството додаваат дека здравствените работници имале посебен тренинг за манипулација на самата вакцина – земање, доза и растворање, како и дека се подготвени за процесот на вакцинација, веднаш штом ќе пристигнат дозите.
За да се користи шестата доза од шишето, потребни се специјални шприцеви со мал „мртов простор“. Мртвиот простор е количина на производ што останува во шприцот кога клипот ќе се истурка целосно.
Производителот на медицинска опрема, американската компанија „Бектон Дикинсон“ (БД), вели дека има малку такви шприцеви на залиха.
– Малите шприцеви за мртви простори традиционално беа многу барани – рече портпаролот на компанијата и додаде дека производствениот капацитет е ограничен и ќе биде потребно време да се зголеми.
На прашањето од Плусинфо од кој производител се набавуваат шприцеви кај нас за вакцинацијата и дали ќе може да се искористи шестата доза од вакцината на „Фајзер“, не добивме конкретен одговор од нашето Министерство за здравство, туку само дека сѐ е подготвено.
– Нашиот здравствен систем е подготвен и има адекватен медицински материјал за претстојната вакцинација, а тековно ќе набави и дополнително доколку што е потребно. Производителот на вакцината доставува упатство за користење по кое задолжително нашите здравствените работници ќе се придржуваат – велат од Министерството за здравство.