„ТРИ ДЕНА НЕМА ДИШИ, ИЗДИШИ, КАШЛАЈ“ Заборавете рецепти и упати, матичните работат само со итни случаи
Д-р Лилија Чолакова – Дервишова, претседателката на Здружението на приватни лекар, за Плусинфо вели дека лекарите го минуваат штрајкот во своите ординации и примаат само итни пациенти.
Во најдобар ред минува првиот ден од најавениот протест на приватните матични лекари, кој ќе трае и во следните два дена, преку кој тие сакаат да го изразат своето незадоволство од незаинтересираноста на здравствените власти за нивните барања и проблеми, велат од Здружението на матичните лекари.
Д-р Лилија Чолакова – Дервишова, претседателката на Здружението на приватни лекари (ЗПЛМ), за Плусинфо вели дека лекарите го минуваат времето на штрајкот во своите ординации и, како што претходно најавија, примаат само итни пациенти.
– Сите лекари се на своите работни места и се сè одвива во најдобар ред. Како што претходно информиравме, не се издаваат упати и рецепти, единствено се примаат итни случаи. Имаме огромна поддршка и од нашите пациенти кои најдоа разбирање за проблемот и ситуацијата во која веќе подолго време се наоѓаме. Само една мала група лекари по семејна медицина, кои не се согласуваат со нашите барања, одлучија да не се приклучат на протестот, но тие не се голем број. Ние стоиме зад сите наши барања. За приватните лекари во примарното и во секундарното здравство од 2018 не е покачена капитацијата, која изнесува 63 денари, а во јавното здравство платите неколку пати се покачиле. Нема покачувања ниту во буџетот кај лаборатории, специјалисти, рурални доктори… Сакаме промени во начинот на пропишување на лекови за хронични терапии и други работи – вели д-р Чолакова – Дервишова.
Таа додава дека со протестот се бара покачување на капитацијата, бришење на дестимулативната скала, зголемување на буџетите за специјалисти и лаборатории и за рурални амбуланти, да не се затвораат ординации на лекари кои сакаат да продолжат да работат над 64 години, но дека досега сè уште немаат никаков контакт, ниту со Фондот за здравствено одигурување, ниту со Министерството за здравство.
Во текот на минатата недела министерот Беким Сали рече дека не го поддржува протестот и дека за реализација на тие барања е потребно време.
– Шест месеци се разговара, но нема поместување. Буџетот на лабораториите кои понесоа голем товар во време на пандемијата со ковид, а не добија никаква помош, не е сменет со години. Ако надлежните не реагираат на овие наши барања, тогаш им е сеедно дали и натаму ќе продолжи намалувањето на бројот на матични лекари и дали ќе се затвораат руралните амбуланти – додаде Чолакова-Дервишова.
Здружението на лекари по семејна медицина не го поддржа најавениот штрајк на матичните лекари поради несогласување со дел од барањата.
„Управниот одбор на Здружението на лекари по семејна медицина (ЗЛОМ-СМ) донесе одлука за неподдржување и неучествување на најавениот штрајк на матични лекари од 05.09.2022 до 07.09.2022 поради несогласување со дел од барањата кои беа наведени како причини за штрајкот и истите беа донесени без консензус од трите здруженија на матични лекари“ – се вели во соопштението од Здружението кое беше испратено во јавноста во текот на минатата недела.
Побаравме став од Министерството за здравство поради актуелниот протест и незадоволството кај приватните матични лекари, од каде што велат дека во неколку наврати досега, министерот за здравство и Министерството информираа за ставот во однос на незадоволството на матичните лекари за предизвиците со кои се соочуваат.
– Министерството е отворено за соработка со здруженијата на лекари и е во постојана комуникација со нив. Сметаме дека преку дијалог може да се дојде до надминување на проблемите, додека незадоволството кое се изразува на овој начин може да биде на штета на пациентите. МЗ е фокусирано на изнаоѓање решенија и како отворена институција од првата средба со избраните лекари пристапи кон разгледување на нивните барања. Заедничка цел е здравствениот систем да работи успешно во функција на пациентите, а избраните лекари се една од клучните алки во системот – велат од здравство за Плусинфо.
Иако се работи за проблеми генерирани и со години наназад, МЗ е посветено на отворените прашања, во прв ред корекција на капитацијата на сите избрани лекари, а понатаму и овозможување на полесно функционирање на ординациите од една страна, но и мотивирање на младите доктори од друга страна, имајќи ја во превид рамномерната достапност на примарните лекари низ целата држава, преку воведување на стимулации, можност за работа без медицинска сестра додека да се прикрепат определен број на пациенти и сл.
– Неоспорно е дека моменталната глобално-економска состојба во државата како и пошироко ќе ги детерминира конечните исходи и резултати, но сигурни сме дека во еден партнерски однос со матичните лекари ќе дојдеме до заеднички прифатливи решенија, впрочем и онака како што започнавме – додаваат од министерството.