ТРИ АМЕРИКАНСКИ КОМПАНИИ ВО ЛОВ НА ИМОТОТ НА „ЛУКОИЛ“ ВО СТРАНСТВО Двете од нив се нафтени гиганти
Покрај инвестицискиот фонд „Карлајл“ интерес за купување на имотот на „Лукоил“ пројавиле и нафтените компании „Ексон“ и „Шеврон“
Американскиот нафтен гигант „Ексон Мобил“ му се придружи на конкурентот „Шеврон“ во разгледувањето на опциите за купување на делови од меѓународниот имот на санкционираниот руски нафтен гигант „Лукоил“, изјавија извори запознаени со ситуацијата.
„Ексон“ ги разгледува опции за имотот на „Лукоил“ во Казахстан, каде што и американските и руските компании имаат удели во нафтените полиња Карачаганак и Тенгиз.
„Шеврон“, другиот партнер во тие проекти, исто така ја разгледува можноста за нивно купување.
„Ексон“ може да разгледа и потенцијална понуда за нафтеното поле „Западна Курна 2“ во Ирак, кое го управува „Лукоил“ и е највредниот имот на руската компанија, изјавија двајца од изворите.
Американската компанија долго време беше оператор на соседниот проект „Западна Курна 1“ пред да се повлече минатата година.
„Ексон“ засега одбива да даде коментар на информацијата.
Меѓу заинтересираните за имотот на „Ликоил“ во странство е и американската инвестициска фирма „Карлајл“. И за неа беше објавено дека ги истражува опциите за купување а имотот на рускиот енергетски гигант во странство.
Списокот на потенцијални купувачи на глобалните средства на „Лукоил“ расте откако Министерството за финансии на САД во петокот им даде дозвола на компаниите да започнат преговори со „Лукоил“. Овластувањето важи до 13 декември.
„Лукоил“ има три рафинерии во Европа, удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак, Мексико, Гана, Египет и Нигерија, како и стотици малопродажни бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД. Странскиот имот на компанијата сочинуваат околу 0,5% од глобалното производство на нафта, врз основа на податоците од 2024 година.