ТРГОВСКАТА РАЗМЕНА СО ИНДИЈА ДА ПОРАСНЕ ОД 133 МИЛИОНИ ДОЛАРИ НА 500 МИЛИОНИ ДОЛАРИ Поставени амбициозни цели за соработка по средбата на двете претседателки

Претседателката Мурму ја поканила Сиљановска Давкова да ја посети Индија, а таа се надева дека ќе се отвори резидентна Амбасада на Република Индија во Скопје.

221

Преземање активности за подигнување на билатералните односи на уште повисоко ниво од сегашното, можноста за отворање на резидентна Амбасада на Индија во земјава, но и зајакнување на економската соработка биле дел од темите на кои денеска во Скопје разговарале претседателката Гордана Сиљановска Давкова и нејзината индиска колешка, Друпади Мурму, која престојува во дводневна официјална посета на Македонија. Ова е прва посета на индиски претседател на државава.

На сребата претседателките се согласиле дека контактите меѓу владите, министерствата, парламентите и институциите треба да станат почести, подобро структурирани и поамбициозни.






– Парламентарната дипломатија останува еден од најсилните столбови на меѓународната соработка и уверена сум дека денешното обраќање на претседателката пред пратениците во нашето Собрание ќе ги зацврсти врските меѓу двата парламента и ќе отвори нови можности за парламентарен дијалог. Ја изразив нашата искрена благодарност за сè поактивното присуство на Индија во Западен Балкан и во Југоисточна Европа. Ја поздравуваме секоја иницијатива за продлабочување на соработката и се надеваме на идно отворање резидентна Амбасада на Република Индија во Скопје – рече Сиљановска Давкова.

Таа нагласи дека економската трансформација на Индија е, веројатно, една од највпечатливите успешни приказни на 21 век. Во текот на само една генерација, додаде претседателката, Индија прерасна во водечка економска сила во светот, станувајќи еден од глобалните центри на иновациите, дигиталните технологии и претприемништвото.

Шефицата на државата додаде дека во исто време и нашата држава има многу што да им понуди на индиските партнери.

– Сместена на крстопатот на главните европски транспортни коридори, со политичка стабилност, конкурентна деловна клима, добро квалификувана работна сила и преференцијален пристап до европските пазари, ние сме привлечна влезна точка за индиските компании што сакаат да го прошират своето присуство во Европа – истакна таа.

Во текот на разговорите идентификувале бројни области за зајакнување на економската соработка, меѓу кои автомобилската индустрија, фармацевтската, здравството, информатичките технологии, аутсорсингот на деловни процеси, обновливите извори на енергија, земјоделството, прехранбената индустрија, машинството, логистиката и напредното производство. Разговарале и за економијата на иднината – вештачката интелигенција, дигиталната трансформација, научните истражувања, соработката меѓу универзитетите и развојот на новите технологии.

Попладнево, тие ќе се обратат на Македонско-индискиот бизнис-форум за дополнително да ја охрабрат соработката меѓу компаниите на двете држави.

Минатата година трговската размена меѓу двете земји, достигнала приближно 133 милиони американски долари.

– Тоа е далеку под вистинскиот потенцијал. Токму затоа со претседателката Мурму го споделив моето уверување дека треба да си поставиме заедничка, поамбициозна, но остварлива цел, во следните пет години билатералната трговска размена да достигне најмалку 500 милиони американски долари. Верувам дека ваквите цели не се само израз на оптимизам, туку претставуваат стратешка определба што ќе ги поттикне владите, институциите и приватниот сектор со уште поголема решителност да работат кон мерливи резултати – нагласи Сиљановска Давкова.

Како огромен неискористен потенцијал за соработка таа ги наведе и културата, образованието, науката, иновациите, младинските размени и академската соработка.

– Нашата држава нуди недопрена природа, локалитети под заштита на УНЕСКО, богато културно наследство, древни археолошки локалитети, византиски цркви, османлиски џамии и, пред сè, искрено гостопримство. Воедно, се надеваме дека сè повеќе наши граѓани ќе имаат можност да го искусат цивилизациското богатство на Индија. Најсилните пријателства меѓу народите не ги градат само претседателите и владите, туку и студентите, уметниците, претприемачите, научниците и младите луѓе кои учат едни од други, создавајќи трајни спомени и длабоко меѓусебно разбирање – додаде таа.

Двете претседателски разговарале и за неколку значајни глобални иницијативи на Индија.

Врз основа на првичната проценка, рече Сиљановска Давкова, не гледаме пречки за приклучување на нашата држава кон Меѓународната соларна алијанса, Глобалната алијанса за биогорива и Коалицијата за инфраструктура отпорна на природни катастрофи.

– Очекуваме да ги утврдиме конкретните начини на кои нашата држава ќе може активно да придонесе за нивниот понатамошен успех – истакна Сиљановска Давкова.

Претседателката Мурму ја поканила Сиљановска Давкова да ја посети Индија.

Поврзани содржини