ТРГОВЦИ И КОМПАНИИ САМИ ГО РАЗВИВААТ ПАЗАРОТ НА ЕЛЕКТРИЧНИ ВОЗИЛА Државата не дава субвенции, ама Македонија се полни со полначи
Предностите од употребата на електричните возила се повеќекратни и тие имаат смисла и без финансиски субвенции, но за полесно и побрзо надминување на многуте бариери, стимулациите се неопходни, велат трговците.
Електричните возила имаат смисла и без финансиски субвенции, но субвенции за купување електрични возила се неопходни, барем во првата фаза на прифаќање и омасовување на новата технологија, велат трговците со автомобили. И тие, како и сопствениците на овој вид автомобили, предлагаат проширување на инфраструктурата за полнење на возилата и повеќе погодности кои би овозможиле поголем пораст на бројот на вакви возила на патиштата и намалување на загадувањето на воздухот.
Иако предвиде субвенции за овој вид на возила, Владата, поради кризата, не издвои пари за тоа годинава. Од Министерството за економија, кое испланирало и субвенции за електрични возила, велат дека за годинава добиле одговор од Министерството за финансии дека оваа мерка не е приоритет.
– Согласно одговорот од Министерството за финансии, Програмата за субвенционирање на електрични возила, како мерка во моментов на економска криза не е приоритет на Владата. Како приоритет се земаат мерки и програми кои имаат за цел поддршка на ранливи категории на граѓани. Во таа насока, оваа година не се предвидени средства за ваков вид субвенционирање – велат од Министерството за економија.
Со или без субвенции – побарувачката расте
Компаниите кои нудат електрични автомобили во земјава велат дека расте побарувачката на вакви возила, но за да се зголеми интересот, потребна е и државна поддршка за граѓаните.
Александар Цветковски од „Порше Македонија“ вели дека практиката во Европа покажа дека стапката на купување електрични возила директно зависи од државните финансиски субвенции, но и без нив расте побарувачката на ваков вид на автомобили на пазарот.
– Да сме јасни, предностите од употребата на електричните возила се повеќекратни и електричните возила имаат смисла и без финансиски субвенции, но за полесно и побрзо надминување на многуте бариери – и практични во форма на недоволно развиена инфраструктура и (и)рационални кај потрошувачите заради стекнатите навики, стандардот на живеење и принципот на размислување „како што мислат и другите“ или „зошто баш јас да бидам прв“, финансиските субвенции за купување електрични возила се неопходни, барем во првата фаза на прифаќање и омасовување на новата технологија – вели Цветковски.
Во Македонија, според него, продажбата на електрични автомобили расте со текот на годините. Само „Порше Македонија“ годинава ќе испорача 150 возила на електричен погон.
– Во просек во Македонија испорачуваме 20-тина возила годишно во изминатите 3 години. Предностите се многу и се и емоционални и рационални. На пример, моментално забрзување во секој режим на возење, речиси целосно отсуство на бучава и вибрации при возењето, нулта емисија на штетни гасови при употребата, повеќе простор во внатрешноста во однос на возилата со мотори со внатрешно согорување со слични надворешни димензии, примери за привилегирани позиции за паркирање близу до влезовите на поголемите трговски објекти, можност за полнење во домашни услови по исклучително поволни тарифи со дополнителна можност за директна употреба на чиста енергија генерирана од фотонапонски системи, 3 до 5 пати помали трошоци за одржување – од кои најголемиот дел отпаѓа на гуми, пристап до зони со ограничено движење во сè повеќе големи европски градови, живеење со технологијата на новото време и на иднината, примена на најнапредни системи за активна безбедност и удобност при возењето… Списокот може да се продолжи, но и наведеното е доволно за солиден прв впечаток – вели Цветковски.
Лека-полека Македонија се полни со полначи
И тој како и сопствениците на електрични возила вели дека во земјава е потребна инфраструктура на полначи за струја за овие возила за да се обезбеди поголема подвижност и подолго возење.
– Брзи полначи (DC полначи со моќност од најмалку 100 киловати) се потребни на секои 50-60 километри на отворените патни правци. Порше Македонија дава пример и во кругот на нашата компанија веќе трета година се поставени и се употребуваат два супербрзи DC полначи, достапни и за нашите клиенти и за другите сопственици и возачи на електрични возила. Поддржани од инсталираната фотонапонска централа и од батериски систем за складирање на енергијата, нашите полначи во значителна мера испорачуваат „зелена енергија“. Во моментот, освен кај нас, на територијата на целата држава активен е уште само еден брз полнач опериран од ЕВН Македонија и поставен веднаш на влезот во земјата од граничниот премин Богородица. Дополнително поставување на по 2 до 4 приклучни места на стратешки локации во околината на Битола, Гостивар, Делчево, Куманово, Неготино, Охрид, Прилеп, Струмица, Скопје и вп Штип би било повеќе од доволно за целосна промена на сфаќањата за електричните возила. Исто така, поголемите трговски објекти – што секако имаат голема приклучна моќност на електричната мрежа и можност за поставување фотонапонски централи – имаат интерес од поставување на DC полначи со моќност од 20 до 40 киловати, за да привлечат купувачи и да ги задржат во нивните објекти во продуктивно време од 1 до 2 часа – смета Цветковски.
Од ЕВН информираат дека компанијата го развива планот на поставување брзи полначи на најфреквентните локации. Досега компанијата има поставено 18 полначи на територија на Скопје и 17 полначи низ другите градови. Полначите се од два типа.
– AC полначи се во единечна и двојна верзија. Единечните полначи се со моќност од 22 kW, тип на приклучок ТИП 2, можност за полнење на само едно возило. Двојни полначи, со моќност од 2×22kW, тип на приклучок ТИП 2, можност за полнење на две возила истовремено. DC полначи те се со моќност од 100 kW CCS приклучок, 50 kW CHAdeMO приклучок и 22 kW ТИП 2 приклучок. До сега имаме инсталирано еден брз полнач на бензинската станица Макпетрол (на граничниот премин Богородица), а заедно со Макпетрол работиме на градежни активности за поставување на уште еден брз полнач на бензинската станица Макпетрол на влезот во Куманово. Го развиваме планот за проширување на мрежата со брзи полначи. Разгледуваме локации и технички можности за поставување на брзи полначи на клучните коридори, како би овозможиле поголема мобилност на корисниците на електрични возила.
Од компанијата велат дека истовремено на сите полначи може да се полнат 70 електрични возила.
Не може ли државата да се откаже од ДДВ?
За овој тип на возила се плаќа царина и данок а додадена вредност, но не се плаќа данок на моторни возила. Од Царинската управа информираат дека при увоз на електрични возила се наплаќа царина и ДДВ.
– Притоа, царинската стапка за возила за кои има доказ за потекло од земјите од ЕУ, ЦЕФТА страните, ЕФТА земјите, Турција и Украина изнесува 0%, додека за возилата што се увезуваат без доказ за потекло царинската стапка изнесува 5%.
Данокот на додадена вредност за увоз на возила изнесува 18% и истиот се пресметува врз основа на вредноста на возилото, зголемена за транспортните трошоци и осигурувањето и пресметаната царина што претставува даночна основица за пресметката на ДДВ-велат од Царината.
Оттаму информираат дека од 1 јануари до сега се увезени 136 нови и 31 употребуван електричен автомобил или вкупно 167 автомобили на електричен погон. Лани, според податоците на Царината, се увезени вкупно 125 електрични автомобили, од коишто 74 се нови, додека 51 автомобил е употребуван.
Во земјава не се плаќа Данок на моторни возила при увоз на електрични возила, но за да се зголеми бројот на овој вид возила, според сопствениците на вакви возила потребно е да субвенционира купувањето и државата да се откаже од данокот на додадена вредност за овие возила. Ваква иницијатива веќе е поведена од членовите на иницијативата Electrify.mk.од каде што предлагаат и други поволности за сопствениците на електрични автомобили, со што ќе се придонесе за зголемување на интересот кај граѓаните и ќе се влијае на животната средина.
Европската комисија презема радикални чекори за обезбедување на 100% намалување на емисиите на СО2 до 2035 година, што практично би значело прекин на производството на возила со внатрешно согорување, a тоа значи и дизел и бензински мотори за само 14 години.
Според предложениот план на Комисијата, до 2030 година треба да се намалат просечните емисии на јаглерод за 60% во споредба со 1990 година. Идејата на Комисијата е да обезбеди доминација на електричните возила преку комбинација на стимулации и построги правила.