„ТРЕТИОТ ПАТ ЌЕ ТЕ БЕСИМЕ КАКО ВО САУДИСКА АРАБИЈА“ Нови закани кон Раде Штекли, од напаѓачите ни трага ни глас

Неодговорени остануваат куп прашања, меѓу кои и тоа дали лицето кое пукаше во Ист гејт мол веќе ја напуштило Македонија.

1,098

На социјалната мрежа Тик-ток се појавија нови смртни закани за Раде Трајковски – Штекли, кој се наоѓа на интензивна нега, откако неодамна врз него пукаше непознат сторител, по кого полицијата се уште неуспешно трага.

„Раде прв пат се спаси. Втор пат… ако останеш за трет пат ќе те обесиме како во Саудиска Арабија“, се наведува во заканата од скопското подземје.






Пред неколку дена во скопскиот трговски центар „Ист гејт мол“ беше пуканио во две Штекли и во неговиот помлад соработник со прекар Колумбо. Двајцата во тешка состојба беа пренесени во Клиничкиот центар, но оттаму подоцна соопштија дека се надвор од животна опасност.

Ова беше второ пукање во истиот трговски центар во Штекли, првото беше на 25 август годинава.

Раде Трајковски-Штекли, се поврзуваше и со истрагата за убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев. По првичните сомнежи, во истрагата за убиството не беа најдени докази за Трајковски и тој не беше обвинет.

Штекли беше уапсен во Грција во 2011 година како осомничен во Италија за местење на фудбалски натпревари. Трајковски тогаш беше екстрадиран во Италија каде имаше и судење за големиот случај со наместени натпревари во италијанскиот фудбал.

МВР се уште не го утврдила идентитетот на напаѓачот од Ист гејт мол. Беа објавени снимки од надзорните камери и и фотографија од човекот кој пукал врз Штекли и Колумбо, а полицијата побара помош од граѓаните доколку го препознаат да се јават со информации.

Обвинителството соопшти дека собира докази, но не се споделуваат детали.

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје во континуитет издава наредби за преземање дејствија со цел идентификација на сторител на кривично дело и обезбедување на докази за целосно расчистување на настанот. По наредбите се постапува и во овој момент не сме во можност да споделиме повеќе детали“, велат од Обвинителството за „Скопје1“.

Неодговорени остануваат куп прашања, меѓу кои и, дали има сомневања дека лицето кое пукаше веќе ја напуштило Македонија. Но затоа, се анализираат снимките од целиот мониторинг центар на трговскиот центар каде се случи крвавиот пир, а кои даваат јасни детали што се случувало.

Од МВР пак, не одговараат дали по објавувањето на фотографијата со ликот на лицето кое пукаше, добиваат пријави од граѓани за неговиот идентитет или трасата на движење. Нема информации од колку оружја било пукано, како и за транспортот на двајцата повредени, за кои „Скопје1“ веќе пишуваше дека сами, со автомобил, отишле во болница.

Министерот Оливер Спасовски рече дека станува збор за пресметка на групи од криминалното подземје, кои како што рече, биле градени во последниве 30 години.

Поврзани содржини