Треба ли да му се извиниме (и) на светот?

Сега е на ред светот, а кога, како, каде и кому ќе се извинуваме стои пред вратите на оваа власт. Затоа веројатно и не ни е дозволена онаа „eudaimonia“ (среќа, благосостоја) за којашто Хана Арент вели дека е крајната цел на човечкото дејствување, „среќа да се живее добро, што го посакуваат сите луѓе“. Некои луѓе, народи, земји… едноставно немаат право на тоа!

1,376

Секој има право на сопствена реалност, или „реалност“, како сакате, но диктатот на македонското политичко и општествено секојдневие не остава нималку простор за розови интерпретации. Не само на историјата, туку и на иднината, како што посакува г-ѓата Агелер. Меѓутоа, нашата „иднина“ е се чини веќе договорена, и таа тоа го знае. Не случајно соцреалистон Радев труби дека „Потребно е да се вратиме во реалноста, нашите односи ќе зависат од склучените договори“. Неговата „реалност“ е – таа.

Оттука, попрво, би рекол, токму во таа негова „иднина“ а не во онаа навидум „розова“ на г-ѓата Агелер – или тоа е една иста „иднина“? – доаѓа денот кога ние ќе мораме да му се извиниме на светот за нашето постоење, за проблемите што му ги создаваме, за непријатностите на коишто го изложуваме. А тој така мирно си постои, во хармонија и среќа, непристојно реметен од нелегитимни, непостоечки, безјазични и безисторични толпи.






Не велам дека кај нас нема некој да се посомнева односно да го постави прашањето: а зошто воопшто извинување, што сме му згрешиле на светот? Но, велат, незнаењето не оправдува, проблемот што ние не знаеме кому и што сме згрешиле е наш проблем, а за светот е очигледно, дури недискутабилно, дека сѐ што сме направиле низ историјата било погрешно и во секоја смисла на штета на другите. Сме им го присвојувале името и видните историски личности, сме им ги краделе – буквално – јазикот и културата, сме се претставувале како нешто што не сме биле односно не сме… итн. Таквото наше недолично однесување создава(ло) нервоза во регионот, Европа и светот и недоверба во нашите вистински намери. Нашето веќе историско безобразие деновиве се пресликува и во „злоупотребата“ на нормалното културно однесување со посетата на претседателката на државата на една оперска претстава, со што таа вешто се става во позиција на холивудска актерка и глуми односно „имитира желба да ги разјасни односите“ со една соседна држава (како што тврди една „светска“ агенција од политикантскиот формат на БГНЕС)!

Поточно, тие ни сугерираат дека баш тоа е она наше историско лажливо однесување со соседите и светот, започнато уште во далечната историја на кирило-методиевската и климентовата традиција, а потоа продолжено од 1945-та година до денес токму од највисоките македонски државни личности. А тие, меѓу нив и претседателката, едноставно ја користат дури и културата да се претстават – како што повторно „мудро“ тврди „големата“ БГНЕС – како интернационалисти и миротворци, наместо пред регионот и светот да поднесат „објаснувања за недостигот на какви било реформи во сферата на владеењето на правото, образованието и борбата против пандемиската корупција во земјата“! Затоа и ова недефинирано парче територија со времена управа треба дефинитивно да врати сѐ од украдената историја на овој пријателски и мирољуб Балкан и на светот воопшто.

И затоа што, како што еден „угледен“ британски професор од Кембриџ (Пол Картлиџ), кој „гостувајќи“ на грчки подкаст викан „Узо разговори“ (каде водителите се налеваат со узо и ципура), полн себе, вели дека Александар Македонски (или Велики, како сакате) „не е Северномакедонец – тој е Македонец“!

Дали во оваа насока на итно извинување на светот се пресликуваат и досегашние „дострели“ на онаа фамозна октроирана Историска комисија? Веројатно, зашто тоа е првиот чекор ние сериозно да се „соочиме со себеси“, да ги вратиме сите низ вековите украдени или позајмени нешта од светот и да си бидеме тоа што сме – ништо! Зашто такви „ништа“ постојат низ историјата и сегашноста и на други места, не сме само ние и веројатно набргу ќе почнат да ни препорачуваат рецепти за преминување од состојбата „нешто“ во – ништо. Како што видни светски личности ни препорачуваа за кого да гласаме, кој личел на продавач на автомобили а кој на вистински демократ, кој коридор ќе ни донесе благосостојба а кој не… итн.

Само како ништо – едно големо Ништо – ние ќе можеме да бидеме прифатени од регионот, Европа и светот, само така, можеби, ќе нѐ сметаат за достојни да припаѓаме на оваа цивилизација, европска или западна, сеедно. Низ тој санитетски процес на „оништожување“ ќе бидеме ослободени не само од нашата историја туку и од сеќавањата, од она имагинарното викано заедничко сеќавање коешто, како што вели една понова теорија во историската наука, е многу посилно и поважно од секоја реалност. И чуму ни се воопшто тие и такви заеднички сеќавања, што тие претставуваат во животот на една нација и држава кои – не постојат? И на што воопшто ние имаме право да се сеќаваме?

Ако, како што се договорила – во чие име? – онаа сега разрешена Историска комисија дека ние речиси и да не сме ги знаеле Кирил и Методиј, Климент и Наум, или тие нас, дека Самоил по игра на случајот ја изградил тврдината во Охрид а не во Русе, на пример, дека оној Пердика Први бил само историски анахронизам, дека Апостол Павле всушност и не го видел македонското тло туку со помош на „Bulgaria Air“стапнал на бугарско…, па и дека периодот 1941-1944 не бил окупација туку администрација, тогаш нашево сеќавање е прилично кусо, нели?!

И затоа, веројатно, треба да бидеме среќни ако опстоиме на сеќавањата на, на пример, НОБ, на Ваташа, на редица херои убиени од бугарскиот окупатор, на АСНОМ… итн. Зашто – и тие се проблематични и дел од пакетот за извинувањето! Бидејќи одамна и кај нас високо се вее знамето на подметнуваниот сомнеж „дали ја оправдавме самостојноста на државата“ и нејзината независност, дали сме ние способни самите да ги решаваме проблемите бидејќи сме сардини меѓу китови и ајкули, бидејќи спаѓаме во редот на оние мизерни мали држави… итн. И тоа посејано зло семе од некои бедни профитери тлее, рти, зема замаф од погодната политикантска клима, полевано од алчноста на соседите, од злонамерноста на ЕУ, од „геостратегијата“ на „големите“ сили како божемни господари на светот, животот и смртта. Или на ништожноста, како сакате.

И сите други имаат некакви историски „права“ да влечат линии на сеќавање, колку и да се варварски, од Меровинзи и Каролинзи, од Франки, Готи и Визиготи… но ние не, дури и ако нашите се јазикословни, писмени и културни; на други, заради нивната неспособност, им испраќале европски кралски династии да им формираат држави коишто подоцна ќе ги оспоруваат другите соседни држави и народи; трети имаат право да се гордеат дури и со своето робовладетелско и империјалистичко минато, со освојувачките културоцидни војни или со геноцидните апетити врз цели народи. А ние имаме право само да се извинуваме што постоиме, што во заедничкото сеќавање и преданијата имаме писмени и културни претци, што постоела надеж и верба дека стремежите на тие претци некогаш ќе станат – реалност!

И кога станаа, ние веднаш станавме нечиј проблем. Не мал. Голем, огромен, горлив, им ја жареше утробата, им ги реметеше сништата. И вековните планови. Затоа веројатно следеа и притисоците заради коишто македонската неспособност и неукост нѐ напика во глувчја дупка по историската 1992 година, а онаа политикантска секта од 2017 година во пракса го започна процесот на извинување. Прво регионално, со двата фамозни договори со јужниот и источниот сосед (кои, сигурен сум, ни во нивните најслатки сништа не очекуваа такво и толкаво извинување!), а потоа дојде на ред и ЕУ со „француската рамка“ и наводниот почеток на пристапните преговори.

А таквите процеси, еднаш започнати на таков начин, се несопирливи. Сега е на ред светот, а кога, како, каде и кому ќе се извинуваме стои пред вратите на оваа власт. Затоа веројатно и не ни е дозволена онаа „eudaimonia“ (среќа, благосостоја) за којашто Хана Арент вели дека е крајната цел на човечкото дејствување, „среќа да се живее добро, што го посакуваат сите луѓе“. Некои луѓе, народи, земји… едноставно немаат право на тоа!

 

извор: теодосиевскиуметност

Поврзани содржини