ТРЕБА ДА СИ СРЕЌЛИЈА ЗА ДА СЕ ТЕСТИРАШ НА ДРЖАВНО Само 670 термини во денот за ПЦР, а само 210 за крвна слика – тоа е доволно?!
„Немањето ни приближно доволно ПЦР тестови на државно е директен атак врз здравјето на народот и флагрантно кршење на човековите права. Ниту може рано да дијагностицираме, ниту пак да изолираме, со тоа свесно и намерно се пушта цел народ низ вода, да го цитирам Филипче, да изгори епидемијата“, реагираше матичниот лекар д-р Ненад Лазаров. ‘Од Министерството за здравство, пак, за Плусинфо тврдат дека има на располагање ПЦР тестови во доволен број, но и дека секојдневно се на располагање дополнителни 230 тестови за брзо антигенско тестирање.
Само 670 термини за ПЦР тестирања се слободни во текот на денот за пациентите кои се суспектни на коронавирусот и за кои матичните лекари се сомневаат дека би можеле да бидат заразени со ковид-19.
Ваков е одговорот на Министерството за здравство, откако матичниот лекар Ненад Лазаров вчера алармираше дека нема доволно ПЦР тестови за тестирање на државно и оти симптоматски пациенти чекат со денови, па и со недели, за да добијат термин за тестирање.
Инаку, доколку се погледнат извештаите што Министерството за здравство секојдневно ги објавува, повикувајќи се на податоците добиени од Институтот за јавно здравје, може да се забележи дека во просек од 3.000 до 4.000 лица секој ден се тестираат за ковид-19. Па со оглед на тоа што се нудат само 670 слободни термини за тестирање на државно, не би било тешко да се пресмета дека околу 2.500 луѓе со симптоми на ковид-19 се принудени да прават ПЦР тест во приватните лаборатории, каде што услугата чини над 1.000 денари.
Сепак, од Министерството за здравство за Плусинфо тврдат дека има на располагање ПЦР тестови во доволен број, но и дека секојдневно се на располагање дополнителни 230 тестови за брзо антигенско тестирање.
– ПЦР тестови има на располагање во доволен број. Дневно отворени се 670 термини за ПЦР тестирања, а дополнителни 230 за брз антигенски тест. Тестирања се вршат и по епидемиолошка проценка во Центрите за јавно здравје, во Институтот за јавно здравје, како и во ковид-центрите во болниците во државата – велат од Министерството за здравство.
Во однос на тоа дека ковид-пациенти чекаат и по 16 дена за да направат анализа на крвна слика, како што алармираше д-р Лазаров, од Министерството за здравство информираат дека капацитетот на лабораториите е до 210 пациенти дневно.
– За анализа на крвна слика на ковид дијагностицирани пациенти, капацитетот на лабораториите е до 210 пациенти дневно. Испитувањата се вршат во седум поликлиники, во Ѓорче Петров, Чаир, Јане Сандански, Битпазар, Букурешт, Ченто и во Идадија, без закажување на термин со упат од матичен лекар – велат од Министерството за здравство.
Матичниот лекар Ненад Лазаров вели дека на 6 октомври испратил ковид-пациенти со ковид-упат за крвна анализа во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, а првиот слободен термин бил на 22 октомври.
„Немањето ни приближно доволно ПЦР тестови на државно е директен атак врз здравјето на народот и флагрантно кршење на човековите права. Ниту може рано да дијагностицираме, ниту пак да изолираме, со тоа свесно и намерно се пушта цел народ низ вода, да го цитирам Филипче: ’да изгори епидемијата‘. Што да правам со симптоматски пациенти во тие неколку дена, па и недела додека чекаат термин за тест? Молкот на фелата е недозволив. На 6 октомври испратив ковид-пациенти со ковид-упат за крвни анализи во поликлиника ’Јане Сандански‘ во Скопје. Им закажале боцкање на 22 октомври“, алармираше д-р Лазаров на Фејсбук.
За да ѝ се помогне на земјава во борбата со пандемијата, канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Македонија денеска до Министерството за здравство и до Институтот за јавно здравје достави пет носачи на вакцини и 1.250 тестови и реагенси за секвенционирање вируси, во рамки на тековниот одговор на ковид-19.