ТРЕБА ДА СЕ ПРОВЕРИ ДАЛИ ПЕНДАРОВСКИ ПОСТАПУВАЛ НЕЗАКОНСКИ Премиерот не е изненаден од тврдењата на д-р Митрев, со оглед на „мафијашките упади“ од претходната власт

Сè уште тие законски уредби и одлуки на Пендаровски од корона периодот стојат непоминати во Собранието. Треба да видиме и Собранието да се произнесе дали можеби има и одговорностод страна на поранешниот претседател и пред законите и пред Уставот, рече премиерот Христијан Мицкоски.

187

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не е изненаден од тврдењата на кардиотхирургот Жан Митрев дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев сакале да му ја преземат приватната клиника.

Мицкоски оцени дека таквите „мафијашки упади“ се случувале токму во периодот на вонредната состојба и побара Обвинителството да постапи по допрен глас.






– Не сум изненаден, знаевме какви мафијашки упади се случуваа, особено кога се носеа вонредни состојби и со уредби на сила се надсинхронизираа законите и Уставот – рече денеска Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за коментар сведоштвото на Митрев дека Заев и Филипче со закани и со уцени сакале да му ја преземат клиниката „Жан Митрев“.

Тој посочи дека нема дополнителен коментар, но очекува Обвинителството да се произнесе.

– Немам што да коментирам, претпоставувам би требало Обвинителството по допрен глас да коментира. Но, тоа мене не ме изненадува – рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека има повеќе сведоштва за однесувањето на тогашната влада во периодот на вонредната состојба и укажа на уредбите со законска сила што ги носеше тогашниот претседател Стево Пендаровски.

– Сè уште тие законски уредби и одлуки на Пендаровски во тој период стојат непоминати во Собранието. Треба да видиме и Собранието да се произнесе што со тоа, дали можеби има и одговорност тука од страна на поранешниот претседател и пред законите и пред Уставот – рече Мицкоски.

Според него, постојат основани сомневања дека дел од тие одлуки биле спротивни на Уставот и законите.

– Ќе чекам да видам дали Обвинителството ќе постапува по допрен глас – истото што го чекаат сите граѓани во Македонија – додаде тој.

Поврзани содржини