ТРЕБА ДА СЕ ИСТРАЖИ ЗОШТО САД НЕ ЗНАЕЈА ЗА РАКОТ НА БАЈДЕН Трамп вели дека не се стигнува преку ноќ до деветта фаза на болеста
Мислам дека луѓето треба да се обидат да откријат што се случило. Ќе ви кажам нешто и не знам дали ова има врска со болницата. Волтер Рид е одлична. Има едни од најдобрите лекари што сум ги видел. Но, некој не ги кажува фактите, рече американскиот претседател за неговиот претходник и потсети дека тој јавно објавува резултати од здравствените тестови што ги прави.
Америка треба да истражи зошто порано не се знаеше за ракот на простата на поранешниот претседател Џо Бајден, изјави актулениот претседател Доналд Трамп на прес-конференција. Трамп рече дека е „изненаден“ што ова не било објавено порано и дека „не се стигнува до деветта фаза на рак преку ноќ“.
– Мислам дека луѓето треба да се обидат да откријат што се случило. Ќе ви кажам нешто и не знам дали ова има врска со болницата. Волтер Рид е одлична. Има едни од најдобрите лекари што сум ги видел. Но, некој не ги кажува фактите – рече Трамп.
Според него, изјавите за здравјето на Бајден „не се покажале како точни“.
– Тоа е многу опасно – додаде тој.
Тимот на Бајден во неделата, 18 мај, објави дека поранешниот претседател бил прегледан поради новооткриен јазол на простата и зголемени уринарни симптоми.
„Во петокот, му дијагностицираа рак на простата со Глисонов скор 9, петта група. Има метастази на коските“, се вели во соопштението.
Тимот уверува дека болеста е хормонски чувствителна и дека може ефикасно да се лекува.
„Претседателот и семејството ги разгледуваат опциите со неговите лекари“, додаваат од кабинетот на Бајден.
Коментирајќи ја состојбата на Бајден, Трамп рече дека неодамна направил целосен преглед.
– Имавме лекари и во Белата куќа и во Волтер Рид. Направив и когнитивни тестови – рече Трамп.
Тој повторно го спомена когнитивниот пад на Бајден.
– Секој што се кандидира за претседател треба да направи когнитивен тест. Велат дека тоа е неуставно. Но, мислам дека во овој случај не би било толку лошо – додаде републиканецот.
Според него, некој би требало да разговара со лекарот на Бајден.
– Зошто не се зборуваше за когнитивната способност? Зошто тоа беше игнорирано? – праша Трамп.
На крај, тој рече дека ситуацијата е „многу, многу тажна“ и додаде:
– Ми е жал за тоа. Се надевам дека ќе има одговори.