ТРЕБА ДА ДОНЕСЕМЕ НОВИ ЗАКОНИ Дехари смета дека така ќе се зајакне локалната власт
Овде се занимаваме и со урбанистички планови, каде што во оваа насока мислам дека има потреба општините да имаат поголема моќ за спроведување на урбанистичките планови, рече Дехари.
Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, во емисијата „Економски магазин“ рече дека општината што ја предводи имала добра соработка со Владата.
Тој оцени дека локалната власт треба да се зајакнува со носење квалитетни закони.
– Имавме добра соработка со Владата, иако принципиелно продолжувам да стојам на ставот дека локалната власт треба да ја зајакнеме со носење квалитетни закони и во овој случај неколку пати беше спомнато прашањето за децентрализацијата… овде се занимаваме и со урбанистички планови, каде што во оваа насока мислам дека има потреба општините да имаат поголема моќ за спроведување на урбанистичките планови – рече Дехари.
Дехари рече дека се соочуваат со многу сериозна ситуација во однос на енергетската криза, но тој како градоначалник рече дека општинските раководители не треба да бегаат од одговорност, туку да станат дел од решението на проблемот.
– Енергетската криза не е само удар за нашите општини, таа веќе го зафати речиси целиот свет, но во секој случај ние како градоначалници сме свесни за проблемите со кои би се соочиле. Ние како градоначалници сме одговорни за решавање на проблемот, не треба да бегаме од одговорност. Ние сме една од првите општини што го намалија јавното осветлување во овој случај, за да ги минимизираме трошоците за јавното осветлување како една од најголемите сметки. Владите имаат обврска и очекуваме поддршка или заедничко решение – рече Дехари.