Трансродовоста и натаму е контроверзна тема во Европа
Каде е Македонија во темата за родовиот идентитет - за да знаеме што правиме и што сакаме за во иднина.
Нацрт-законот за родова еднаквост се појави како изненадување и повод за многу спротиставени дебати од идеолошка и филозофска природа. Македонската јавност остана збунета поради недоволна информираност за темата и поради жестоките спротиставени ставови, не знаејќи кому да му верува и на кој став да се приклони. Јасно се издвоија две групи: едната група се граѓанските активисти за човекови права и антидискриминација, со поддршка за нацрт-законот од владата, а другата група се петте верски организации во Македонија и застапниците на традиционалните вредности, семејството и децата. На прв поглед, прогресивци наспроти традиционалисти.
Но, дали е така?
Ова е сериозна тема што бара сериозен приод и целосна отвореност кон граѓаните, кои мора да знаат каде е Македонија во темата за родовиот идентитет, за да знаеме што правиме и што сакаме да правиме во иднина. И самата сакав да си разјаснам одредени прашања на кои наидов при првичната анализа на предложениот текст, што го нареков „обид за закон, кој со никакви подобрувања нема потенцијал да стане добар закон“.
По моето сфаќење, се прави обид да се спои законот за еднакви можности на жените и мажите со законот за антидискриминација, за да се направи еден „над-закон“ во интерес и на жените и на ЛГБТ лицата. Притоа, ценам дека штета би имале и двете целни групи на законот: на жените би им се одзел простор и фокус од државата за натамошна борба за рамноправност, против стереотипите на вековниот патријархат; ЛГБТ лицата, пак, би се фрлиле во виорот на зовриени страсти и би биле изложени на говор и акти на омраза, откако веќе се постигна солидно ниво за нивно интегрирање и недискриминација во општеството.Таков закон би бил штетен за сите, со нови внатрешни поделби.
Одговори на многу нејаснотии лежат во обемниот извештај на Советот на Европа од јули 2022 година за правното признавање на родот во Европа, кој лесно може да се најде на интернет. Во него се прави темелна анализа на законската регулатива на 46 земји членки и 6 земји набљудувачи. Една година претходно, есента 2021 година, Комитетот на министри го задолжил Специјалниот комитет за антидискриминација, диверзитет и за инклузија, да прави тематски годишни извештаи. Македонија, заедно со Кипар, Литванија и со Шпанија, е во групата од 4 земји кои сами се пријавиле и волонтирале да бидат дел од проект за следење на напредокот за воведување легислатива за правно признавање на родот.
Клучниот заклучок на Извештајот е: „Напредокот за правно признавање на родот во Европа е бавен, потребно е натамошно напредување од аспект на граѓанските и на човековите права.“ Во бројки, 38 земји имаат правна или административна процедура за признавање на родот, од кои 9 врз база на самоизјаснување, без претходни медицински процедури (Белгија, Данска, Исланд, Ирска, Швајцарија, Луксембург, Малта, Норвешка, Португалија).
Во последните 10 години имало одреден бавен напредок во напуштање на „патологизацијата“ на процесот за правно признавање на родот, но сѐ уште 26 земји вклучуваат медицинска дијагноза како услов да се направи овој процес. Во тие земји се и Австрија, Германија, Италија, Финска, Шведска, Шпанија, Холандија, Полска, Словачка, Хрватска, Словенија, Велика Британија. Медицинската дијагноза е „нарушување на родовиот идентитет“ и повлекува психолошка оценка. Во други 13 земји е задолжителна претходна стерилизација, како дел од процесот за правно признавање на родот. Оценката во Извештајот е дека „има ограничен напредок во тоа трансродовоста да не се смета за ментална болест“, со препорака да се отфрлат медицинскиот третман и стерилизацијата како услови за правно признавање на родот.
Еден од проблемите за правно признавање на родот е и барањето за задолжителен развод во случај на брачна врска на транс лицето, што го имаат поголем број земји. Најотворен модел има Финска, каде е овозможено транс лицето по промената на родовиот идентитет да склучи граѓанско партнерство со претходниот сопружник/чка, како истополова двојка.
Извештајот го анализира и пристапот на деца и на адолесценти кон правното признавање на родот, односно кон промена на полот. Се тргнува од „принципот за најдобар интерес на детето“ и се сугерира занемарување на годините, а давање предност на „зрелоста на детето“. Процесот се води по писмено барање на детето и на двајцата или на еден од родителите, а возраста на детето варира од 6 до 16 години. Ова е овозможено во 17 земји, од кои во 4 е врз база на самоопределување на децата (Малта, Луксембург, Шпанија, Норвешка). Како добри примери се посочени Луксембург (под 6 години) и Малта (под 16 години, со процедура од само 30 дена).
Извештајот посебно ги третира и лицата кои се небинарни, интерсекс и родово различни, па препорачува ревизија на потребата за маркери за пол и род во официјалната идентификација и други документи, за да се отстрани дискриминацијата кон овие лица.
Анализирајќи го јавното мнение во земјите на ЕУ, Извештајот констатира дека за последните 20 години е зголемен бројот на закони за заштита на ЛГБТИ лицата генерално, а за транс лицата има одреден, но побавен напредок во последните 10 години. Порасната е поддршката за транс луѓето и таа изнесува 59%, со највисоки вредности во Шпанија, Малта и во Холандија (82-83%), а најниски во Бугарија, Унгарија и во Романија (12-20%). Истовремено со прогресот и со видливоста за родовиот идентитет, силно е порасната дискриминацијата кон транс луѓето од 43% на 60%, како и опозицијата против, со говор на омраза и физички напади, па тоа станува „пан-европски проблем“, констатира Извештајот. Имено, „антиродови движења сметаат дека норма е хетеросексуалноста и биолошкиот пол/род“ и дека давањето посебно внимание на транс лицата, значи предизвик за човековите права на другите, со што ќе се создаде натпревар за тоа чии права да бидат заштитени.
Севкупно, секоја земја си одбрала своја специфична форма за обезбедување на човековите права на своите граѓани, според општите стандарди и своите специфики и приемчивоста на општеството. Македонија веќе има најдено свој модел за недискриминација и ако тој треба да се доработи за одредена група, тоа може и мора да се направи без одземање на досегашните права и можности на жените, кои се половина од популацијата. И секако, со целосно информирање и согласност на јавноста, за да нема спротивни ефекти, како во некои европски земји. Правото на едни, не смее да се претвори во неправо за други.