ТРАНСПОРТОТ НА СТОКИ ОД АЗИЈА ЗА ЕВРОПА ПОСКАПИ 400% Испораката на стоката трае 15 дена поради нападите на Хутите во Црвеното Море
Се очекува наглото зголемување на цените на транспортот да изврши одреден притисок врз инфлацијата во Европската унија.
Трошоците за транспорт на стоки од Азија во Европа се зголемени за 400% поради нападите во Црвеното Море, изјави денеска европскиот економски комесар Паоло Џентилони.
Времето на испорака на стоки од Азија во Европа е продолжено за 10 до 15 дена поради споменатите напади, додаде Џентилони, пренесува Euractiv.
Тој очекува дека наглото зголемување на цените на транспортот ќе изврши одреден притисок врз инфлацијата во Европската унија.
– Јасно е дека натамошните прекини би можеле да предизвикаат нови тесни грла во снабдувањето што би го намалиле производството и би ги зголемиле цените – рече еврокомесарот.
Џентилони, сепак, посочи дека во Европската унија и во еврозоната „се уште има услови за економско закрепнување“ и дека цените на енергијата сега се многу пониски од порано.