Трансатлантска кавга за парче мраз

316

„Шефот на НАТО, Марк Руте, нема мандат да преговара во име на Данска или на Гренланд“, порача данската премиерка Мете Фредериксен, повикувајќи се повторно на „црвените линии“ поврзани со територијалниот суверенитетот. Продажба на Гренланд не доаѓа предвид.

Според аналитичарите, фрапантен е фактот дека американски претседател и генерален секретар на одбранбен сојуз преговараат за територијални права без да ги вклучат и владата и населението на земјата за која се преговара – Кралството Данска во чиј состав е Гренланд. Или, пак, се преговара само за едно „парче мраз“, како што го нарече Трамп.






Во текот на изминатата недела, европските лидери и дипломати беа максимално ангажирани обидувајќи се да го смират конфликтот со Белата куќа. „Нема да дозволиме да бидеме уценувани“, изјавија повеќемина лидери на ЕУ.

Во исто време генералниот секретар на НАТО, Руте, беше жестоко критикуван за молчењето кога Доналд Трамп им се закани на сојузниците, што доведе до една од најлошите кризи во Алијансата во последните децении.

Но, размислувањата во ходниците во Брисел се чини одат во различни насоки. Дали можеби токму неговата тивка дипломатија и ласкање дадоа резултати. Руте лани предизвика гнев низ цела Европа откако го нарече американскиот претседател Доналд Трамп „тато“, во коментар за случувањата на Блискиот Исток.

И сега се слушаат коментари во сличен контекст. Марк Руте „го жртвуваше својот последен грам самопочит за егото на американскиот претседател“, беше истакнато деновиве во комнетарот на бриселскиот весник „Еурактив“.

Една од лекциите која не може да се заобиколи, според високи извори од ЕУ на кои се повикуваа медиумите во пресрет на вонредно закажаниот европски самит, е дека Унијата мора да продолжи со својата стратешка агенда, која подразбира темелни дискусии за тоа како ЕУ треба да стане понезависна од САД.

„Сè уште сме пријатели со САД, но не прифаќаме тие да зборуваат како што направија против Гренланд и Данска. Доколку е потребно во иднина, подготвени сме повторно да го подигнеме тонот“, рече шведската министерка за надворешни работи Марија Малмер Стенергард на заедничка прес-конференција со својот дански колега Ларс Локе Расмусен, кој по посетите на Велика Британија и Норвешка го посети и Стокхолм за да изрази благодарност за поддршката околу гренландското прашање од страна на „пријатели и блиски сојузници“.

Скандинавските земји со децении наназад своите погледи и симпатии нескриено ги насочуваа кон САД и ги врзуваа за американските вредности. Шведскиот премиер Улф Кристерсон лани беше специјален гостин во американскиот Конгрес, поканот да го следи говорот на нацијата на американскиот претседател, при што Џо Бајден од говорницата се сврте кон него за да и го честита приемот на Шведска во НАТО. Насмевката на Кристерсон во тој момент му се рашири преку целото лице.

Сосема е јасно дека разочарувањата и недоумиците околу промената на курсот во Вашингтон сега се големи и во многу нешта несфатливи. Што всушност значи тоа блиско сојузништво кое мошне долго е градено без двоумење, доколку би било изложено на некакво посериозно нарушување на трансатлантските односи? Сојузништво за кое се дадени и значајни жртви. Посебно од страна на „малата“ Данска. Медиумите во изминатите денови објавија повеќе приказни за дански ветерани од војните во Авганистан и Ирак, кои сега со голема доза на разочарување и горчина го симнуваат американското знаме од ѕидовите во своите домови. Во сенката на Трамп нивниот придонес е прилично обезвреднет.

Најновата закана од американски царини, поврзана со Гренланд, која сега е повлечена, е само уште една епизода во серијата студени тушеви за Европа. Можеби не станува збор толку за самата закана, бидејќи Трамп и претходно ги користеше царините за да поттикне преговори за разни прашања. Станува збор за тоа дека тој јасно покажува оти сојузниците не можат да очекуваат никаков посебен третман.

Всушност, во моментов е нејасно што воопшто значи да се биде сојузник на САД. И затоа е понејасно од кога и да било во каква насока се движи НАТО. Може да се изнесат разумни геополитички аргументи дека САД треба да постигнат договор за Гренланд. Можеби дури и да ја купат целата или делови од територијата на островот. Многумина сметаат дека ова само по себе не е толку скандалозно како што некои би сакале да го претстават. Но, не можете да поттикнете процес преку кој разумно ќе понижите и поткопате друга земја од НАТО (Данска), без тоа да има големи последици за трансатлантските односи.

Европа е во многу несигурна позиција ако Трамп ги претвори своите зборови во дела. Не се работи првенствено за самото прашање за Гренланд, а уште помалку за краткорочните економски последици. Станува збор за тоа во колкава мера раководството на САД сигнализира дека не ја почитува целосно Европа како сојузник и свој пандан. Дури и ако на крајот се изнајде соодветно и прифатливо решение за прашањето на Гренланд, САД со своите постапки на глобален план јасно прикажаа слика за слаба Европа. Барем како што стојат работите сега.

Гренланд е најголемиот остров во светот по површина, но има население едвај поголемо од средно голем град (57.000). Ова го прави островот геополитички парадоксална територија: огромна по важност, но ограничена по човечки и економски ресурси. Во преден план, сепак, не е прашањето дали САД се сериозни со својот пристап, бидејќи историјата покажува неколку обиди за воспоставување влијание врз островот, (од дискусиите во 19 век до понудата на САД да го купат Гренланд во 1946 година, која Данска ја отфрли), туку дали постои начин да се управува со амбициите што ќе им користи на сите страни, со цел да се избегне конфронтација.

Реалноста драстично се менува. Кога Шведска и Финска се приклучија, НАТО беше сојуз под директно водство од САД. Тоа веќе не е случај, пишува шведскиот весник „Дагенс нихетер“, укажувајќи дека „дури и ако кризата со Гренланд заврши со повлекувањето на Трамп во Давос, Алијансата, онаква каква што ја знаеме, сепак ќе биде фундаментално променета.“ Затоа, политичките лидери ќе треба да соберат сили за да можат да кажат дека планот А изгледа радикално поинаку сега во споредба со пред само една година.

Во меѓувреме најсилни критички гласови и најголеми разочарувања се чини се слушаат од самиот Гренланд. Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен остро отфрла секаква идеја дека островот би можел да ги менува „сопствениците“ како трговска стока. Тоа не е начинот на кој се зборува за „луѓе кои постојано покажуваат одговорност и лојалност“.

Како поинаку да се сфати разочарувањето на гордите Гренланѓани кои велат дека е мошне фрустрирачки и навредливо тоа како Трамп зборува за нив и за нацијата Гренланд, сведувајќи ги на нула, како „парче мраз“.

Доколку тоа, всушност, на јасен начин не покажува каков е Трамповиот однос кон малите земји и држави кои од една или друга причина ќе се најдат пред „нишанот“ на неговиот геополитички интерес.

 

 

Поврзани содржини