ТРАНС ЖЕНИТЕ ВО САД ЌЕ БИДАТ ИСКЛУЧЕНИ ОД ЖЕНСКИ СПОРТОВИ Трамп издаде извршна наредба
Извршната директорка на Американскиот олимписки и параолимписки комитет, Сара Хиршланд, и претседателот Џин Сајкс изјавија дека имаат обврска да се придржуваат до федералните барања. Тие посочија дека новата политика ја истакнува важноста од обезбедување фер и безбедна натпреварувачка средина за жените и дека сите национални спортски федерации ќе мора да ги усогласат своите правила со овие насоки.
Американскиот олимписки и параолимписки комитет (УСОПК) ефективно им забрани на трансродовите жени да се натпреваруваат во женски спортови, информирајќи ги спортските федерации за пливање, атлетика и други дисциплини дека имаат „обврска да се усогласат“ со извршната наредба на претседателот Доналд Трамп, објави Ен-Пи-Ар.
Новата политика беше објавена во понеделникот преку тивка промена на веб-страницата на УСОПК, и потврдена преку писмо испратено до националните спортски тела. Таа следи по сличната одлука на Националната студентска атлетска асоцијација од почетокот на годината.
Во политиката, промената се наведува индиректно, како ставка во „Политика за безбедност на спортистите“, со референца на извршната наредба на Трамп, насловена: „Да ги држиме мажите надвор од женските спортови“, потпишана во февруари. Со таа наредба, меѓу другото, се заканува дека ќе се укинат сите федерални средства за организациите кои дозволуваат трансродови спортисти да се натпреваруваат во женска конкуренција.
Олимписките претставници на САД им кажале на националните федерации дека ќе мора да ја следат истата политика, нагласувајќи дека „УСОПК водел серија почитувани и конструктивни разговори со федерални претставници“ откако наредбата е потпишана.
„Како организација формирана со федерална повелба, имаме обврска да се усогласиме со федералните очекувања. Нашата ревидирана политика ја истакнува важноста на фер и на безбедна натпреварувачка средина за жените. Сите национални спортски федерации се должни да ги ажурираат своите политики соодветно“, напишаа извршната директорка Сара Хиршланд и претседателот Џин Сајкс.