Градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва во „Тема на денот” на Сител телевизија ја претстави својата визија за ревитализација на главниот град.
– Скопје ќе се менува рамномерно – за сите населени места, за сите општини, без исклучок. Кај мене нема поделби, нема први и втори граѓани. Подеднакво ќе бидам посветен на сите скопјани, без разлика на политичка, етничка или било каква друга припадност. Сите мои мерки и проекти ќе бидат заедничко добро – истакна Ѓорѓиевски.
Тој најави конкретен, прагматичен пристап, со јасни приоритети: справување со загадувањето, решавање на проблемот со уличните кучиња, воспоставување ред во јавната хигиена, елиминирање на сообраќајниот хаос и модернизација на јавниот транспорт.
– Оваа кампања нема да биде повторување на проблемите што сите ги знаеме. Ќе понудам решенија – конкретни, брзи и ефикасни. Решенија кои ќе донесат достоинствен живот за секој граѓанин. Скопје заслужува да биде модерен европски град, а денес, реалноста е сосема поинаква – запуштеност, сивило, застој. Тоа мора да се смени – додаде тој.
Ѓорѓиевски посочи дека комуналната хигиена е клучен проблем, особено летно време, кога сметот не се собира по 10–15 дена.
– Скопје мора темелно да се исчисти. Не само површно. Дивите депонии мора да исчезнат, а местата како Вардариште, кои со децении се запоставени, да станат зелени паркови. На 300.000 м² таму може да никне најубавиот парк во земјава. Тоа не е само визија – тоа е план – рече тој.
Во однос на јавниот транспорт, Ѓорѓиевски го најави воведувањето на трамвај, еко-автобуси и градски воз, како дел од заеднички проект со Министерството за транспорт и Владата. „Имаме поддршка, имаме план и наскоро започнуваме. Сообраќајниот хаос мора да добие крај”.
Тој нагласи и дека проблемот со кучињата скитници не се решава доволно ефикасно и дека ќе предложи нов, посистемски пристап.
На темата за загадениот воздух, Ѓорѓиевски потсети дека е единствениот градоначалник кој поставил мерна станица во кругот на Цементарницата. „Но таму завршуваат моите ингеренции. Под мое водство, Скопје нема да толерира ниту еден загадувач. Ќе има постапување, без разлика на чие било име, позиција или интерес. Нема да има милост”.
Тој најави и мерки за поддршка на граѓаните преку субвенции за алтернативни горива и нови системи за греење. „Гасните централи се решението, иако процесот е сложен, ние веќе работиме на тоа. До изборите ќе понудиме конкретен модел”.
Ѓорѓиевски потсети дека во Кисела Вода реализирал над 95% од ветените проекти во рок пократок од четири години. „Истиот пристап ќе го применам и во Скопје. Ќе работам чесно, посветено и ефикасно. Довербата на граѓаните нема да ја изневерам”.
Ѓорѓиевски изрази благодарност за поддршката од граѓаните и ја потенцираше нивната улога во изборниот процес.
– Силно верувам во поддршката на мојата политичка партија, но од друга страна верувам во сето она што со мојот тим го сработивме изминатиот период во општина Kисела Вода. Граѓаните како и обично пресудуваат во овие процеси. Јас им се заблагодарувам на сите скопјани, на сите граѓани коишто и во оваа фаза ми дадоа огромна поддршка. Се чувствува силната поддршка од страна на граѓаните, и тоа дека верувам дека скопјани ќе ми дадат шанса да го водам главниот град – рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски истакна дека неговиот фокус е на резултати, а не на споредби со минатото.
– Не би го трошел времето на граѓаните да ги правам споредбите и паралелите со минатото. Реализацијата на мојата програма е над 90% и тоа сите го знаат добро во Кисела Вода. Тоа што сум го реализирал во Кисела Вода заедно со мојот тим, заедно со советниците, се проекти за граѓаните и секогаш наидувале на позитивна реакција од страна на Советот и секогаш сум ја добивал колективната поддршка – истакна Ѓорѓиевски.
Тој ја потенцираше својата посветеност да го води главниот град за доброто на сите граѓани.
– Вчера бев категоричен на моето излагање, кратко, во присуство на претседателот на моја политичка партија кога ја побарав поддршката на сите скопјани, без разлика на политичка припадност, без разлика на вера, без разлика на нација – рече Ѓорѓиевски.