ТРАМП ВОВЕДЕ 30% ЦАРИНА НА ИЗВОЗОТ ОД ЕУ ОД 1 АВГУСТ Спремни сме за разговори, но и за пропорционални противмерки, порача Фон дер Лајен
Кабинетот на италијанската премиерка Џорџа Мелони соопшти дека е важно да се остане фокусиран на трговските преговори со САД и да се избегне натамошна поларизација.
Европските лидери регираат на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги зголеми царините на извозот од ЕУ за 30 отсто од 1 август.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лајен, преку својот профил на Икс изрази загриженост дека воведувањето на 30-процентна царина на извозот од ЕУ негативно ќе се одрази на компаниите, клиентите и на болните од двете страни на Атлантикот.
„Ќе продолжиме да работиме кон постигнување договор до 1 август. Истовремено, подготвени сме да ги заштитиме интересите на ЕУ врз основа на пропорционални противмерки”, напиша таа.
Официјалното соопштение за новите тарифи беше објавено преку писмо кое Трамп го сподели на платформата Трут соушл.
Кабинетот на италијанската премиерка Џорџа Мелони соопшти дека е важно да се остане фокусиран на трговските преговори со САД и да се избегне натамошна поларизација.
Премиерката Мелони е уверена дека е можно да се постигне „праведен договор“ за царини меѓу Европската Унија и САД. Рим целосно ги поддржува напорите на Европската комисија во изнаоѓањето решение за ова прашање, се наведува во соопштението од нејзиниот кабинет.
На одлуката за воведување царини реагираше и холандскиот премиер Дик Схоф, кој истакна дека одлуката на САД е загрижувачка и не претставува вистински пат.
„Европската Комисија може да смета на нашата целосна поддршка. Како Европска Унија, мора да останеме единствени и одлучни во настојувањето да постигнеме заемно корисен исход со САД“, порача Схоф во објава на Икс.
На одлуката за воведување царини реагираше и Сојузот на германската индустрија (БДИ), кој повика на итни разговори за решавање на растечките трговски тензии.
– Најавата на претседателот Трамп претставува алармантен сигнал за индустријата од двете страни на Атлантикот – изјави членот на Извршниот одбор на БДИ, Волфганг Нидермарк.
БДИ ги повика германската влада, Европската Комисија и американската администрација што поскоро да пристапат кон објективен дијалог и да пронајдат решенија за да се избегне понатамошна ескалација.
Претходно денеска американскиот претседател Трамп соопшти дека од 1 август ќе стапат во сила царини во висина од 30 отсто на сета стока која се увезува од земјите на Европската Унија и од Мексико. Тој на својот профил на мрежата Трут соушл објави копии од писмата што ги испратил до претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен и до претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум.