ТРАМП ВО ОДБРАНА НА ВИТКОФ Претседателот на САД тврди дека е „нормална техника“ од дипломатската стратегија

Белата куќа тврди дека разговорот бил дел од мировната иницијатива за Украина, додека дел од конгресмените го обвинуваат Виткоф дека „работи за Русија“.

72

Американскиот претседател Доналд Трамп го брани специјалниот пратеник Стив Виткоф, по откривањето на прислушуван телефонски разговор во кој тој наводно му давал насоки на висок руски функционер за условите за можен прекин на војната во Украина. Скандалот предизвика силни реакции во Вашингтон, но Трамп тврди дека се работи за „стандардна дипломатска практика“.

Според Њујорк тајмс, разговорот со Јуриј Ушаков, советник за надворешна политика на рускиот претседател Владимир Путин, се случил на 14 октомври. Блумберг објави делови од наводниот стенограм, каде Виткоф давал совети за тоа како Москва да ја добие поддршката на американската администрација за прекин на конфликтот под „прифатливи услови“.






Трамп, зборувајќи пред новинарите во претседателскиот авион „Ер Форс Еден“, рече дека нема ништо спорно во разговорот.

– Тоа е сосема нормално. Тоа е работата на еден преговарач. Разговорот беше дел од нашите дипломатски напори – изјави американскиот претседател.

Тој додаде дека досегашните контакти со Москва покажуваат „добар напредок“, но призна дека постигнувањето договор за Украина е „многу потешко од очекуваното“.

Од Белата куќа соопштуваат дека актуелниот мировен план го изготвиле Џаред Кушнер и Стив Виткоф, кои веќе одржале неколку средби со руски претставници. Изворите истакнуваат дека Трамп планира повторно да го испрати Виткоф на разговори со Владимир Путин.

Сепак, критиките во Конгресот растат. Дел од републиканските законодавци сметаат дека Виткоф ги преминал црвените линии.

„Виткоф целосно застанал на страната на Русија. Не може да се смета за доверлив преговарач“, објави конгресменот Дон Бејкон на платформата Икс.

Скандалот продолжува да ја тресе американската политичка сцена, која внимателно го следи секој потег поврзан со обидите за прекин на војната во Украина.

Поврзани содржини