ТРАМП ВЕЛИ „НЕМА ДА ТРАЕ“, АРАГЧИ МУ ВОЗВРАЌА Иран сам ќе избере нов лидер по смртта на Хамнеи

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи остро реагираше на изјавата на Доналд Трамп дека САД треба да имаат збор во изборот на новиот врховен лидер на Иран. Техеран порача дека изборот на наследник на ајатолахот Али Хамнеи е исклучиво прашање на иранскиот народ и предупреди на можни напади врз американски бази во регионот.

2,708

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека новиот ирански лидер мора да добие одобрение од САД или „нема да трае долго“.

– Тој ќе мора да добие наше одобрение. Ако не добие наше одобрение, нема да трае долго. Сакаме да бидеме сигурни дека нема да мора да се враќаме на ова на секои 10 години, кога нема да има претседател како мене кој е подготвен да се справи со тоа. Не сакам луѓето за 5 години да мораат да се враќаат и повторно да го прават истото, или уште полошо, да им дозволат да добијат нуклеарно оружје – рече Трамп во изјава за Еј-Би-Си Њуз.






Министерот за надворешни работи на Иран Абас Арагчи, денеска изјави дека на иранскиот народ е да го избере својот лидер, a не на американскиот претседател Доналд Трамп.

Во интервју за американската телевизиска мрежа Ен-Би-Си, Арагчи реагираше на изјавата на претседателот на САД Доналд Трамп дека тој мора да биде вклучен во изборот на наследник на врховниот ирански лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен 28 февруари, на почетокот на американско-израелските напади врз Иран.

– Нема да дозволиме никој да се меша во нашите внатрешни работи. Ова е прашање само за иранскиот народ и на никој друг – рече Арагчи.

Според него, Трамп треба да се извини за војната, убиствата и разурнувањата на Блискиот Исток.

– Очигледно е дека нашите ракети не можат да стигнат до американска почва. Она што можеме да го направиме е да нападнеме американски бази и инсталации околу нас – додаде шефот на иранската дипломатија.

САД и Израел го нападнаа Иран во сабота, на 28 февруари, што го натера Техеран да возврати со ракети кон Израел, Кувајт, Бахреин и други земји од Блискиот Исток кои имаат американски бази.

Иран, претходно денеска, соопшти дека е избран нов врховен лидер на местото на ајатолахот Али Хамнеи кој беше убиен во американско-израелските воздушни напади врз Техеран, но неговото име не беше официјално соопштено.

Иранските претставници истакнаа дека „големиот сатана“ (термин со кој го означуваат САД) веќе го споменал името на избраниот кандидат. Ова се однесува на претходните коментари на американскиот претседател Доналд Трамп, кој изјави дека изборот за нов врховен водач на Моџтаба Хамнеи, синот на убиениот ајатолах, е неприфатлив за Вашингтон.

Поврзани содржини