ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА ЗАСЛУЖУВА НОБЕЛОВА НАГРАДА ЗА МИР Досега запрел 8 војни
Не можам да се сетам на никој во историјата кој би требало да ја добие Нобеловата награда повеќе од мене – рече претсеедателот на САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека никој во историјата не ја заслужува Нобеловата награда за мир повеќе од него, тврдејќи дека запрел повеќе големи војни ширум светот.
– Без разлика дали им се допаѓа Трамп на луѓето или не, јас решив осум војни. Големи. Некои траеја 36 години, 32 години, 31 година, 28 години, 25 години. Некои допрва требаше да започнат, како Индија и Пакистан. Веќе беа соборени осум авиони. И јас тоа го решив многу брзо, без нуклеарно оружје – рече Трамп.
– Не можам да се сетам на никој во историјата кој би требало да ја добие Нобеловата награда повеќе од мене. Не сакам да се фалам, но никој друг не запирал војни – додаде тој.
Во продолжение, Трамп го критикуваше поранешниот американски претседател Барак Обама, кој ја доби Нобеловата награда во 2009 година.
– Обама ја доби Нобеловата награда. Немаше поим зошто. И сѐ уште нема поим. Оди наоколу и вели: добив Нобелова награда. Зошто ја доби? Ја доби речиси веднаш откако стапи на должност. Не направи ништо и беше лош претседател – изјави Трамп.
Тој истакна дека, според него, Нобеловата награда треба да се доделува за секоја запрена војна.
– Во теорија, треба да добиете Нобелова награда за секоја војна што сте ја запреле. Секоја од нив беше голема. Тоа беа војни за кои никој не мислеше дека можат да се запрат. Претседателот Владимир Путин ме повика и ми кажа за две од тие војни дека се обидувал да ги запре десет години. Не успеал. Не можеше да поверува – рече Трамп.
Додаде дека наградата не му е важна, туку спасувањето животи.
– Не ме интересира тоа. Ме интересира спасувањето животи. Спасив десетици милиони животи. Знаете, премиерот на Пакистан дојде тука и јавно кажа дека претседателот Трамп спасил најмалку 10 милиони животи, во врска со Пакистан и Индија, бидејќи тоа можеше да ескалира – изјави Трамп.
Изјавата доаѓа во време кога трае војната меѓу САД, Израел и Иран, која започна пред околу еден месец, кога американските и израелските сили извршија напади врз иранска воена и нуклеарна инфраструктура. Конфликтот во меѓувреме прерасна во поширок регионален судир со напади врз бази, енергетска инфраструктура и поморски рути, додека дипломатско решение засега не е на повидок.