ТРАМП ВЕЧЕРВА ЌЕ НАВИВА ЗА АРГЕНТИНА И ЗА МЕСИ Како ли ќе поднесе ако мора пехарот да им го предаде на Шпанците?!
Американскиот претседател деновиве јавно го фалеше 39-годишниот Аргентинец и зборуваше за неговата фудбалска генијалност. Меси, пак, веќе неколку години настапува за Интер Мајами и е најголемата ѕвезда на американската МЛС-лига. Од другата страна е Шпанија, земја со чија влада Трамп има отворени политички несогласувања. Премиерот Педро Санчез ќе биде во ложата до Трамп и ќе ја чека својата шанса да се израдува.
Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва ќе биде во свечената ложа на стадионот „Метлајф“ во Њу Џерси, каде што Аргентина и Шпанија ќе играат за светската фудбалска титула. Според најавите на повеќе спортски медиуми, Трамп жестоко ќе навива за Лионел Меси и за Аргентинците, но на крајот би можел да се најде во прилично непријатна ситуација – лично да им го предаде пехарот на Шпанците.
Трамп и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, треба заедно да учествуваат во церемонијата и да му го предадат трофејот на капитенот на победничката репрезентација – Меси или Родри. Белата куќа официјално го потврди присуството на американскиот претседател, а Инфантино претходно најави дека домаќинот на Мундијалот ќе има централна улога во завршниот спектакл.
Причината за очекуваната наклонетост на Трамп кон Аргентина е, пред сè, неговото воодушевување од Меси. Американскиот претседател деновиве јавно го фалеше 39-годишниот Аргентинец и зборуваше за неговата фудбалска генијалност. Меси, пак, веќе неколку години настапува за Интер Мајами и е најголемата ѕвезда на американската МЛС-лига, во која предизвика огромен комерцијален и медиумски бум.
Од другата страна е Шпанија, земја со чија влада Трамп има отворени политички несогласувања. Тој во повеќе наврати го напаѓаше премиерот Педро Санчез поради шпанските издвојувања за одбраната, односот кон НАТО, Израел, миграцијата и климатската политика. Шпанските медиуми забележуваат дека Белата куќа официјално не соопштила за кого ќе навива Трамп, но дека неговиот однос со Мадрид е значително полош од врските што ги одржува со аргентинските власти.
Според најавите што ги потврди шпанската влада, Педро Санчез ќе биде на трибините на „Метлајф“ за финалето меѓу Шпанија и Аргентина. Тој ќе седи во ВИП ложата заедно со кралот Фелипе VI, кралицата Летиција, Доналд Трамп и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Дополнителна непријатност за Трамп може да биде и реакцијата на публиката. Њујорк и околината традиционално се наклонети кон демократите, па дел од американските медиуми очекуваат претседателот да биде пречекан со свирежи. Тоа веќе му се случуваше на големи спортски настани, а вечерва неговото појавување ќе биде пренесувано пред милијарди гледачи низ светот.
Самиот натпревар е судир на актуелниот светски првак Аргентина и европскиот шампион Шпанија. Меси ќе се обиде да ја освои втората последователна светска титула и да ја заврши репрезентативната кариера со уште еден трофеј, додека Шпанците, предводени од Ламин Јамал и Родри, ја бркаат својата втора светска круна по триумфот во 2010 година. Шпанија во финалето влегува непоразена и со серија од 37 натпревари без пораз.