ТРАМП СО ТРГОВСКА ПОНУДА ЗА МОДИ Помали царини за Индија ако се откаже од руската нафта
По телефонски разговор со Моди, Трамп најави намалување на царините и голема енергетска и трговска соработка меѓу САД и Индија.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе ги намалат дополнителните царини за индиските производи, откако индискиот премиер Нарендра Моди му ветил дека Индија ќе престане да купува руска сурова нафта.
Како што соопшти Трамп, Вашингтон ќе ги намали царините за индиските стоки од 25 на 18 проценти, во рамки на нов трговски договор меѓу двете земји. Одлуката била донесена по телефонски разговор меѓу двајцата лидери, а информацијата ја пренесоа светските агенции.
Според американскиот претседател, Индија се обврзала и целосно да ги укине своите царини и нетрговски бариери кон САД, како и значително да го зголеми увозот на американска енергија, технологија и земјоделски производи.
„Од пријателство и почит кон премиерот Моди, и на негово барање, со моментална сила се согласивме на трговски договор со кој САД ќе применат намалена реципрочна царина – од 25 на 18 проценти“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
Тој додаде дека Моди се согласил Индија да престане со купувањето руска нафта и наместо тоа да набавува повеќе енергенси од САД, а можеби и од Венецуела. Вкупната вредност на индиските набавки од САД, според Трамп, ќе надмине 500 милијарди долари.
Овој договор, како што оценуваат аналитичарите, претставува значаен геополитички и економски пресврт, особено во контекст на глобалните енергетски пазари и западниот притисок за намалување на зависноста од руската нафта.