Трамп со Путин исцртува нов светски поредок

За прв пат после крајот на Студената војна се дизајнира нов меѓународен систем и нов глобален геополитички поредок. Мора во најкратко време да се создаде вистинска европска стратешка и безбедносна автономија, затоа што Америка заминува за Индо-Пацификот да се разбере со Кина. Украина ја чека болен и мачен компромис, додека Русија ќе оствари некои свои стратешки цели, но потоа ќе мора да прифати и одредени ограничувања на својата слобода на дејствување во регионот.

1,915

Последен пат кога еден американски претседател разговарал директно со Путин беше во февруари 2022 година, кога Џо Бајден бараше објаснувања за натрупувањето војска на украинската граница. Кратко потоа Русија ќе ја започне инвазијата врз Украина која овие денови влегува во својата четврта година од конфликтот, пишува Ивор Мицковски во колумна за Дојче веле.

Деновиве директниот дијалог помеѓу Доналд Трамп и Владимир Путин беше воспоставен, дијалог кој во апсолутна тајност започнал веднаш по изборната победа на американскиот претседател, сега засилен со договор за неодложни преговори за ставање крај на агресорската војна на Русија против Украина. Двајцата претседатели според наводите се договориле за тесна соработка и средба во скоро време. Трамп потоа разговарал и со украинскиот претседател Зеленски. Истовремено владата на Трамп за прв пат јавно излезе со замислите за договорот за завршување на војната – во неколку точки јасно во прилог на Москва. Украина треба да се откаже од стремежите да стане членка на НАТО, да се помири со загубата на одредени територии, а американските војници не би требало да бидат дел од можни мировни сили. Таа задача ќе ѝ биде препуштена на Европа.






Променета динамика во односите помеѓу Вашингтон и Москва

Забрзувањето на директниот дијалог има далеку поголеми импликации од само војната во Украина и носи со себе мошне интересни детали. Почнувајќи од ослободувањето на американскиот заложник во Русија, Марк Фогел во замена за рускиот сајбер-криминалец Александар Виник кој е затворен во САД. Потоа тука е информацијата за тричасовните преговори на американскиот посредник Стив Виткоф во Кремљ, како и болната изјава за Украина на новиот шеф на Пентагон, Пит Хегсет кој кажа дека враќањето на границите кои Украина ги имаше пред конфликтот со Русија не е реална цел и кој се спротивстави на идејата дека влезот на Киев во НАТО би бил дел од мировните преговори. Трамп го потврди и барањето кон Украина за искористување на нејзините „ретки материи“ со цел Киев да отплати барем дел од 300-те милијарди долари американска помош. Конечно, Америка изрази отвореност Кина да се вклучи во преговорите, додека потопениот Зеленски очајнички се обрати до Европа барајќи од неа да најде заеднички позиции со САД со цел утре да не дојде до опасни поделби во редовите на сојузниците.

Уште еден детаљ е клучен за динамиката на дијалогот и преговорите. Стив Виткоф, специјалениот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, при посетата на Москва не се сретнал само со Путин, туку и со високи саудиски и емиратски претставници, односно, со двете блискоисточни земји кои би можеле да бидат домаќини на самитот Трамп-Путин, и тоа во многу блиска иднина. Целта е да се дојде до примирје во Украина до Велигден, како што информираат британски извори.

Големата слика во целата работа е што стануваме сведоци на комплетно променета динамика во односите помеѓу Вашингтон и Москва и затоа што дијалогот што започна оди многу подалеку од само украинското прашање. Во игра е и Блискиот Исток, енергетиката, вештачката интелигенција и економската рамнотежа. Станува збор за една глобална агенда, која пак ја открива намерата на САД и на Русија да го реорганизираат светскиот поредок и целата планета. Рестартот на американско-руските односи влегува во шок-логиката на Трамповата надворешна политика која се стреми кон реорганизација на целиот систем на меѓународни односи.

Единствената разлика во однос на останатите меѓународни прашања е што Трамп до сега беше особено гласен, па дури и насилен во своите нови идеи, додека тој метод не го видовме во однос на Русија и на Украина, каде се стремеше на апсолутна тајност. Можеби причината за тоа лежи во фактот што Трамп украинското прашање го смета за најтешко за решавање, од причина што тука се земаат предвид и подлабоките мотиви на Путин за започнување на војната. А причината не беше само уништување на независноста на Киев, туку и менување во сопствена корист на безбедносната рамнотежа во Европа. Делува, дека токму на ова поле Путин ќе ја освои својата најголема победа.

Од тие причини пак можеби и Трамп посакува вмешување на Кина во преговорите, како и сценарио на одржување повеќе самити во САД, Русија и Блискиот Исток, каде прекинот на огнот би се вметнал во една поголема рамка, со реперкусии за секое светско прашање и за секој дел од светот.

Но, тоа не е сѐ. Што се однесува до американско-украинските односи, главниот проблем лежи во фактот што Зеленски бара да го размени регионот на Курск со окупираните делови на Украина. Кремљ од своја страна сака да ги задржи сите четири украински региони за кои смета дека веќе ги анектирала, што значи, не само Донбас и Крим, туку и Запорожја и Мариупол и така да одржи територијален континуитет којшто би бил вистинска стратешка премија за Русија од оваа војна. И токму тоа е клучниот аспект од преговорите, односно, поделбата на Украина на два одделни региона преку прекин на огнот, сценарио кое беше изведено во Кореја во 1953 година долж 38-та паралела. Тука ќе се игра најделикатниот дел од преговорите, затоа што новата граница би била подолга од илјада километри и за нејзино набљудување и обезбедување би биле потребни стотици илјади војници кои Америка нема намера да ги даде, туку ќе мора да ги дадат Европа и најверојатно Турција.

САД бараат сосема нова „поделба на трудот“

Што значи оваа драстична промена во ориентацијата на американската надворешна политика, каде промената е од стратешки карактер? Најкратко кажано значи дека Америка има намера драматично да го намали својот воен напор во Европа со цел да се сконцентрира на кинескиот предизвик во Пацификот, како и да се зафати многу повеќе со безбедноста на сопствените граници. Како што видовме и погоре, оваа промена на парадигмата се манифестира преку три клучни точки: напуштање на целта да се повратат украинските граници на предвоениот период; одбивање да се распоредуваат американски трупи на украинска територија и исклучување на Киев од пристапување во НАТО.

За Москва ова е огромен дипломатски напредок и повидок на голема стратешка победа.

Но, најголемите импликации се однесуваат на Европа. Пораката на шефот на Пентагон е недвосмислена: Европа мора да преземе водство и одговорност за сопствената безбедност! Барањето да се подигне потрошувачката за одбрана на 5% од БДП, многу повеќе од актуелните 2% за НАТО, говорат за потребата од поголема европска автономија во военото производство и ставаат крај на ерата на стратешка зависност и заштита од САД.

Овој стратешки редизајн отвора една деликатна фаза на длабока трансформација на меѓународната рамнотежа. Кредибилитетот на НАТО, столбот на европската безбедност после војната, ќе мора да се редефинира. САД бараат сосема нова „поделба на трудот“. Вашингтон би ги задржал своите нуклеарни гаранции и поморското присуство, но Европа ќе мора да ја преземе главната одговорност за конвенционална одбрана на континентот. Тоа нема да значи само поголеми инвестиции во одбраната, туку и целосно ново промислување и поставување на командните структури и на одлучувачките процеси во рамките на НАТО.

Предизвиците за Европа

Европа се наоѓа пред сложена задача. Во многу кратко време треба да развие кредибилна воена автономија. Тоа не значи само да се зголеми трошењето на 5%, туку и создавање на вистински заедничка воена индустрија, со заеднички тенкови, авиони, системи на одбрана и пред сѐ со заедничко производство на муниција, недостиг кој особено дојде до израз во украинскиот конфликт.

Периодот на транзиција кон нова безбедносна архитектура носи со себе особени ризици. Русија која одлично ја перцепира европската слабост и празнината која ќе настане со американското повлекување, би можела да падне во искушение и да ја истестира европската одлучност. Тоа не мора да биде преку војна, но сигурно ќе дојде во форма на хибридни напади и провокации, сајбер напади, енергетски притисоци и дестабилизирачки акции во граничните појаси.

Европските сојузници мораат веднаш да почнат да работат со Трамп, како што досега не правеа или ризикуваат да бидат отсечени од сите одлуки, не само во Украина, туку и пошироко. За прв пат после крајот на Студената војна се дизајнира нов меѓународен систем и нов глобален геополитички поредок. Мора во најкратко време да се создаде вистинска европска стратешка и безбедносна автономија, затоа што Америка заминува за Индо-Пацификот да се разбере со Кина. Украина ја чека болен и мачен компромис, додека Русија ќе оствари некои свои стратешки цели, но потоа ќе мора да прифати и одредени ограничувања на својата слобода на дејствување во регионот.

Трамп со светлосна брзина создава еден нов свет, подобро би било да се сфатат сериозно последиците и предизвиците.

 

 

Поврзани содржини