„ТРАМП СЕ ЗАКАНИЛ И ПРЕТХОДНО, ПА СЕ ПРЕМИСЛИЛ“ Путин не попушта пред ултиматумот на американскиот претседател
Иако претседателот на Русија, Владимир Путин, не сака да ги наруши односите со претседателот Доналд Трамп и е свесен дека пропушта шанса за приближување со Западот, неговата цел да ги освои Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон останува приоритет. Според извори блиски до Кремљ, санкциите што ги најавува Трамп се непријатни, но не се гледаат како пресудни, а во Москва преовладува ставот дека Западот веќе ги искористил сите можни притисоци.
Рускиот претседател Владимир Путин веројатно нема да попушти на ултиматумот со санкции од американскиот претседател Доналд Трамп, кој истекува в петок, и останува посветен на целта да ги освои четирите украински региони целосно, велат извори блиски до Кремљ за Ројтерс.
Трамп се закани дека ќе воведе нови санкции против Русија и дека ќе наметне 100% царини на земјите што купуваат руска нафта, од кои најголеми се Кина и Индија, освен ако Путин не се согласи на прекин на огнот во војната против Украина.
Путин има конкретни цели
Одлуката на Путин да продолжи со војната се темели на неговото верување дека Русија победува, како и на скептицизмот дека новите американски санкции ќе имаат ефект по низа економски казни во изминатите 3,5 години, велат тројца извори запознаени со дискусиите во Кремљ.
Иако не сака да го разгневи Трамп и е свесен дека пропушта можност за подобрување на односите со САД и со Западот, неговите воени цели имаат приоритет, велат двајца од изворите.
Целта на Путин е целосно да ги освои регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои Русија веќе ги прогласи за свои, а потоа да зборува за мировен договор, кажа еден извор.
– Ако Путин успее целосно да ги окупира тие 4 региони што ги прогласи за руски, ќе може да тврди дека неговата војна во Украина ги исполнила целите – вели авторот на претстојната книга „Враќањето на Русија“, Џејмс Роџерс.
Путин сака да го увери Трамп дека не го отфрла мирот
– Тековниот процес на преговори, во кој руските и украинските преговарачи се сретнаа трипати од мај наваму, е обид на Москва да го увери Трамп дека Путин не го отфрла мирот – вели првиот извор, додавајќи дека преговорите се без суштина освен размена на хуманитарни прашања.
Русија тврди дека е сериозна во намерите за траен мир, но дека процесот е сложен поради големите разлики во ставовите на двете страни. Путин минатата недела ги опиша преговорите како позитивни.
Москва бара Украина целосно да се повлече од четирите региони, да прифати неутрален статус и ограничувања на војската – услови што Украина ги одбива.
Во знак дека е можен договор пред рокот, специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, треба да ја посети Русија оваа недела, по ескалацијата на реториката меѓу Трамп и Москва околу ризикот од нуклеарна војна.
„Трамп сака да го запре убивањето“
– Претседателот Трамп сака да го запре убивањето, поради што продава американско оружје на членките на НАТО и му се заканува на Путин со сериозни санкции и со царини ако не се согласи на прекин на огнот – изјави портпаролката на Белата куќа, Ана Кели.
Кремљ не одговори веднаш на барањето за коментар. Сите извори зборувале за Ројтерс под услов на анонимност поради чувствителноста на темата.
Иако Трамп во минатото го пофалуваше Путин и најавуваше потенцијални бизнис зделки, сега покажува сè поголемо нетрпение. Тој го нарекол однесувањето на Путин „срање“ и бомбардирањето на Киев и други градови – „одвратно“.
Кремљ соопшти дека ги забележал изјавите на Трамп, но дека нема да ги коментира.
Украинската премиерка Јулија Свириденко минатата недела повика на „максимален притисок“ по најтешкиот руски воздушен напад оваа година, во кој загинаа 31 лице, вклучително и 5 деца – напад што го нарече одговор на ултиматумот на Трамп.
Путин е загрижен за влошувањето на односите со САД
Првиот извор вели дека Путин приватно е загрижен за влошувањето на односите со САД. Тој сè уште се надева на подобри односи и трговија со Западот и е загрижен поради нервозата на Трамп.
Но, со оглед на тоа што руските сили напредуваат, а Украина е под воен притисок, Путин не верува дека сега е време за прекин на војната. Ниту армијата ниту народот не би го разбрал тоа, велат извори.
Роџерс вели дека Путин го вложил својот политички углед во војната.
– Знаеме од неговите претходни изјави дека се смета за чувар на традицијата на спротивставување на Западот во одбрана на Русија – вели авторот.
Кремљ го вреднува односот со Трамп
Кремљ го вреднува односот со Трамп, вели вториот руски извор, но „Путин има врвен приоритет – не може да си дозволи да ја заврши војната само затоа што Трамп го бара тоа.
Трет извор, исто така близок до Кремљ, потврдува дека целта останува да се освојат сите 5 региони и оти нема логика да се застане кога има теренски успеси.
Украина загуби најмногу територија во последниве 3 месеци – 502 квадратни километри во јули, според финскиот центар Блек брд груп. Вкупно, Русија има окупирано околу една петтина од Украина.
Генералштабот му соопштил на Путин дека украинскиот фронт може да се распадне за 2 до 3 месеци, вели првиот извор.
Но, според Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон, од почетокот на 2024 година Русија освоила само 5.000 квадратни километри – помалку од 1% од територијата на Украина.
Западни и украински извори велат дека Русија напредува, но бавно и со големи загуби. Во тековната летна офанзива, руските сили се заглавени во урбани области што одговараат на украинската одбрана, но се очекува побрз напредок на други делови.
„И претходно се заканувал“
– Заканата со санкции на Трамп е „болна и непријатна“, но не и катастрофална – вели вториот извор.
Третиот додава дека постои чувство во Москва дека „повеќе и не можат многу да ни направат“.
Не е сигурно ниту дали Трамп ќе го исполни ултиматумот, додава изворот.
– И претходно се заканувал, па не постапил или го сменил мислењето – посочува тој.
Истовремено, малку е веројатно дека Кина би престанала да купува руска нафта по налог на Трамп. Ваквите потези можат и да му се вратат, бидејќи би ги зголемиле цените на нафтата, се вели во текстот на Ројтерс.
Претходните санкции веќе сериозно ги намалија приходите од рускиот нафтен и гасен извоз, а директните странски инвестиции опаднале за 63% во 2024 година, според податоци на ОН. Околу 300 милијарди долари од резервите на Централната банка се замрзнати во странство.
Но, Русија сè уште има капацитет за водење војна, делумно поради муниција од Северна Кореја и поради кинески компоненти за производство на оружје. Кремљ тврди дека има „имунизација“ на санкции.
Трамп призна дека Русија е вешта во избегнување санкции.
– Тие се снаодливи ликови и добро избегнуваат санкции. Ќе видиме што ќе се случи – изјави тој викендов.
Првиот руски извор посочува дека Путин со продолжувањето на војната ја одбива американската понуда од март, целосно укинување на санкциите, признавање на Крим како руски и прифаќање на сегашната територијална реалност во Украина.
– Тоа беше фантастична понуда. Но, да се сопре војна е многу потешко отколку да се започне – вели изворот.