ТРАМП САКА ПРВО ПРИМИРЈЕ ВО УКРАИНА, ПОТОА РАЗГОВОРИ ЗА МИРОВНИ СИЛИ Стармер бара американска заштита за евентуалните европски мировници
Мислам дека Русија се однесува многу добро… Мислам дека сме многу блиску до договор, но сè уште не сме го постигнале, рече американскиот претседател Доналд Трамп на средбата со британскиот премиер Кир Стармер.
Претседателот на САД, Доналд Трамп на средбата со британскиот премиер Кир Стармер во Вашингтон изјави дека прво сака да се постигне договор за прекин на огнот во Украина, пред да се разговара за распоредување на мировни сили.
– Мислам дека Русија се однесува многу добро… Мислам дека сме многу блиску до договор, но сè уште не сме го постигнале. Затоа не сакам да зборувам за зачувување на мирот, додека не постигнеме договор за придвижување на работите – рече Трамп.
Стармер ги повика САД да осигурат безбедносен „заштитен механизам“ за кои било европски сили, кои би биле дел од евентуалната мировна мисија во Украина.
Тој го пофали Трамп што „го променил тонот на разговорите и овозможи постигнување мировен договор“.
Трамп најави дека утре ќе потпише договор за експлоатација на украинските минерални ресурси со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Американскиот претседател одговарајќи на новинарско прашање се обиде да ја минимизира својата неодамнешна изјава дека Зеленски е диктатор:
– Дали го кажав тоа? Не можам да верувам дека го кажав тоа, истакна Трамп, тврдејќи дека има „многу добри односи“ со Зеленски.