Трамп размислува за замрзнување на американското финансирање на СЗО
Причината, според американскиот претседател, е што организацијата не ги предупредила навреме за ризикот од новиот коронавирус.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека размислува за замрзнување на американското финансирање на Светската здравствена организација (СЗО) затоа што не беше во можност да го спречи новиот коронавирус на време, објави „Bloomberg“.
– Не велам дека ќе го сторам тоа, но ќе го разгледаме тоа како можност – рече тој за време на брифингот во Белата куќа.
Во 2018 година, Соединетите држави беа најголем донатор на СЗО со 281 милиони американски долари, додека Кина учествувала со околу 6,3 милиони долари.
За време на својот говор, Трамп ја нарече меѓународната организација со седиште во Женева „многу концентрирана на Кина“. Тој исто така рече дека СЗО згрешила во спротивставувањето на нејзините ограничувања за патување во Кина.
– Тие секогаш се на страната на Кина, но ние ги финансираме. Значи, ние сакаме да го разгледаме тоа – рече Трамп.
Во исто време, за време на посебна прес-конференција, регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуж изјави дека светот сè уште е во интензивна фаза на пандемија со ковид-19 и на СЗО му е потребна поддршка за проекти како што е тестирање на експериментални лекови против вирусот.
– Ова не е време да се намали финансирањето – рече тој.
Во средата кинеското Министерство за надворешни работи изрази поддршка за работата на СЗО и рече дека евентуалното намалување на американското финансирање ќе има „негативно влијание“ врз меѓународната соработка во борбата против болеста.
– Се надеваме дека државите ќе продолжат со солидарноста и да придонесат за овој заеднички меѓународен одговор – изјави портпаролот на министерството Жао Лиџијан пред новинарите во Пекинг.
СЗО го објави ширењето на пандемската болест на 11 март по бројните повици на експерти низ целиот свет.