📷 📽️ ТРАМП, ПУТИН И „ИНВЕСТИТОРИТЕ ОД ДУБАИ“ ВО ВЕВЧАНИ Илјадалетната традиција на џоломарите не остава никого рамнодушен

Нешто што има традиција илјадници години не може да нема посебно место во македонската култура. Карневалот ги третира слободната мисла, хуморот, сатирата и критиката кон општеството, не само кај нас, туку и во целиот свет, изјави министерот за култура Зоран Љутков.

272

Зетот и невестата, ѓаволите, Глупавите Августи, па дури и „Шареното племе“ од Африка – сите оживеаја на улиците на Вевчани. Под зимското сонце, меѓу звуците на зурлите и тапаните, вевчанци ја испишаа новата страница од својата вековна традиција.

Оваа година, нивната сатира ја погледна стварноста право во очи. Меѓу маските се појавија мигрантската криза, судството, домашната политика, војната во Украина, па дури и односите меѓу Доналд Трамп и Куба. Голема смеа предизвика и групната маска со алузија на кампањата на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, како и движењето ЗНАМ.






Карневалот започна околу 15 часот, кога дефилето со стотици маски одекна по тесните вевчански улички. Мешавината од дим, мирис на вино и народен хумор ја претвори селската улица во сцена на која сатирата стана народна уметност. Вевчанци не заборавија никого. Ниту Владимир Путин, ниту Доналд Трамп, ниту виртуелната министерка од Албанија, ниту инвеститорите во Дубаи.

Фото: Принтскрин

Европско признание за македонската уникатност

Меѓу гостите од земјата и странство беше и премиерот Христијан Мицкоски, а свеченото отворање го направи министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

– Нешто што има традиција илјадници години не може да нема посебно место во македонската култура. Карневалот ги третира слободната мисла, хуморот, сатирата и критиката кон општеството, не само кај нас, туку и во целиот свет – изјави Љутков.

Министерството, како што нагласи, продолжи да го финансира настанот со еден ипол милион денари годишно – симболичен облог дека традицијата ќе живее уште илјадници години.

Традицијата повторно ја следеше и претседателот на Федерацијата на европски карневалски градови, Ларс Алгел.

– Вевчанскиот карневал е нешто уникатно. Мислам дека е најстар во Европа. Со оваа традиција е единствен и неверојатен – рече Алгел.

Оро, василичари и кашаник со паричка

Градоначалникот Спасе Кочовски очекуваше уште едно успешно издание што ќе ја испрати старата и ќе ја дочека новата година со нова енергија.

По василичарското оро во центарот, групите продолжија од куќа до куќа со благослови за здравје и бериќет. Домаќините ги даруваа со леб, луканци, пари и други ситни дарови.

Ноќта, василичарите, придружени од селаните, заминаа кон изворите каде што наполнија вода за „кашаникот“ – зелник во кој се стави паричка. На оној што ја најде, се верува дека ќе му оди од рака цела година.

Следниот ден, на празникот Свети Василиј Велики, селото оживеа со имендени, ора и – традиционално – палење на маските за да се избрка злото и да се отвори патот за нов почеток.

Фото: Фотоархива на Вевчански карневал
Фото: Фотоархива на Вевчански карневал
Фото: Фотоархива на Вевчански карневал

Нова година по стар календар

Дочекот на Новата година според Јулијанскиот календар се одржа во центарот на Вевчани. Свиреа Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски со оркестарот на Златко Миладиновски, оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“ и Перо Бели со групата „Вип“.

Манифестацијата, што започна со настапите на Влатко Лозаноски, „Пука козметика“ и „Брас брадрс“, уште еднаш покажа дека Вевчани не е само село — тоа е сцена каде што хуморот ја чува слободата, а традицијата ја оживува годината што замина.

Поврзани содржини