ТРАМП ПРОГОВОРИ ЗА МЕЛАНИЈА Откри како ѝ било во Белата куќа
Во својот говор тој откри дека на неговата сопруга ѝ било многу тешко во Белата куќа.
Доналд Трамп официјално ја поднесе кандидатурата за претседателските избори во САД за 2024 година и ја претстави својата нова кампања на имотот Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, каде се појави во друштво на сопругата Меланија.
Во својот говор тој откри дека на неговата сопруга ѝ било многу тешко во Белата куќа.
„Тоа не беше радост за нашата голема прва дама. Тоа не беше пријатно патување. Ќе дојдев дома, а таа ќе ми кажеше дека изгледам луто и вознемирено. Потоа ќе ѝ кажев да ме остави на мир. Не беше најлесно, но таа беше одлична прва дама и луѓето ја сакаат“, рекол поранешниот американски претседател, пренесува „Индепендент“.
Меланија беше поздравена од публиката со голем аплауз. Таа за претставувањето на кампањата носеше кошула со точки, бело здолниште и бели салонки. Покрај сопругата, Трамп во својот говор го спомена и синот Ерик, шегувајќи се дека тој добил „повеќе судски покани од кој било во историјата на нивната земја“.
Тоа ќе биде трета трка за претседател на Трамп, односно петти национални избори на кои тој е носител на листата на републиканците.
Во 2016 година, Трамп и републиканците дојдоа на власт со негово влегување во Белата куќа и преземање контрола врз двата дома на американскиот Конгрес. Но, демократите освоија мнозинство во Претставничкиот дом на меѓуизборите во 2018 година, водејќи кампања на критиките за стилот на Трамп.
Следеа претседателските избори во 2020 година, на кои Трамп беше поразен од демократот Џо Бајден – иако Трамп сè уште одбива да го признае поразот – а демократите го контролираат Сенатот благодарение на гласот на потпретседателката Камала Харис, кој според Уставот на САД преовладува доколку домот е поделен 50-50.