Трамп призна дека „можеби ја измамил“ јавноста зашто не сакал да крева паника поради короната
Сакајќи да го импресионира Вудвард, Трамп го прошетал низ Овалната соба и му ја покажал скриената канцеларија која смешкајќи се ја нарекол „Моника“ алудирајќи на Моника Левински.
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска призна дека „можеби ја измамил“ јавноста кога станува збор за пандемијата на коронавирусот, откако „Си-Ен-Ен“ објави дека тој во разговор со новинарот Боб Вудвард рекол дека инфекцијата е опасна, а во јавноста го кажувал спротивното.
– Со цел да се намали паниката кај луѓето, можеби е така. Се разбира, нема да ги однесам земјата и светот во општо лудило. Последното нешто што сакате да го направите е паника. Не сакате да покажувате паника. Моравме да покажеме смиреност. Последното нешто што сакате да го демонстрирате е паника, возбуда или страв. Моравме да ја контролираме ситуацијата во која се најдовме – го коментира Трамп својот став на почетокот на пандемијата, пренесе „Спутник“.
„Си-Ен-Ен“ објави делови од книгата и од снимените разговори меѓу новинарот и претседателот во кои се зборува за нуклеарното оружје, корона вирусот, посетата на Северна Кореја и тн. Сакајќи да го импресионира Вудвард, Трамп го прошетал низ Овалната соба и му ја покажал скриената канцеларија која смешкајќи се ја нарекол „Моника“ алудирајќи на Моника Левински.
Трамп, во аудио снимката што ја објави „Си-Ен-Ен“, признава дека од коронавирусот не умираат само возрасните лица, туку и млади и дека се појавиле нови изненадувачки факти.
– Секогаш сакав да ја намалам (заканата од вирисот). И сега сакам да ја намалам, бидејќи не сакам да кревам паника – вели Трамп во еден дел од телефонскиот разговор со новинарот Вудвард кој се одвивал на 19 март.
Неколку недели претходно, поточно на 7 февруари, Трамп на Вудвард му рекол дека ковид-19 е „смртоносна работа“.
Книгата „Бес“ на Вудвард треба да излезе на 15 септември, а 18-те разговори со Трамп направени меѓу декември во 2019 година и јули оваа година што биле снимени со дозвола на претседателот.
За време на разговорите кои се одржувале во Белата куќа во присуство на соработници на Трамп, тој неколку пати лобирал до Вудвард дека би било чест да добие добра книга од него. Но, бил скептичен:
– Веројатно ќе ме зафркнете, зашто така одат работите.
Додека се правени разговорите често имало прекини, а еднаш во собата влегла и Меланија Трамп.
– Драга, разговарам со Боб Вудвард – ѝ рекол Трамп.
Вудвард своевремено известуваше за аферата „Вотергејт“ во 1972 година, во кој беше вмешан и тогашниот претседател Ричард Никсон.